Достапни линкови

Синедејс 2012 ќе ја „плакни сапуницата“


Филмски фестивал Синедејс во Скопје, постер.

Филмски фестивал Синедејс во Скопје, постер.

Со прикажувањето на словенечкиот „Шангај џипси“ на Марко Набершник со нашиот Висар Вишка во главната улога, филм награден за најдобро сценарио на фестивалот во Монтреал, утревечер во 20 часот, во киното „Милениум“ во Скопје, официјално ќе започне Фестивалот на европски филм „Синедејс 2012“ на кој до 25 ноември е планирано под мотото „Да ја исплакнеме сапуницата од себе“ да бидат претставени рекордни 107 остварувања.

„Да ја исплакнеме сапуницата од себе!“ или пак „Помалку сапун повеќе филм!“, и „Премногу сапуница штети на нашите очи, раце и мозок!“ се слоганите под кои ќе се одвива годинешното издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ што како организатор го потпишува Младинскиот културен центар од Скопје. Од таму, нималку не чуди, што Златко Стефковски, првиот човек на оваа институција, имајќи ја на ум опсадата од телевизиските сапуници, вели дека без никаква двојба и сомнеж се одлучиле за ваквото мото на манифестацијата.
По четиридецениската безмилосна војна против сеопштиот кич, шунд, паланечката малограѓанштина, хипокризијата, ниските вредности, дребното профитерство, срозените морални нормативи, себепанегериското политиканство... и останатите контракултурни, „нехигиенски“, и несогледливо штетни општествени појави и дејанија, вашиот МКЦ, ни помалку ни повеќе, ви приредува: 11 дни, 107 филмови, во кино „Милениум“, кино „Фросина“ и Кинотека на Република Македонија.

„По четиридецениската безмилосна војна против сеопштиот кич, шунд, паланечката малограѓанштина, хипокризијата, ниските вредности, дребното профитерство, срозените морални нормативи, себепанегериското политиканство... и останатите контракултурни, „нехигиенски“, и несогледливо штетни општествени појави и дејанија, вашиот МКЦ, ни помалку ни повеќе, ви приредува: 11 дни, 107 филмови, во кино „Милениум“, кино „Фросина“ и Кинотека на Република Македонија.“

Актерот Висар Вишка во филмот Шангај Џипси.

Актерот Висар Вишка во филмот Шангај Џипси.

Тој дополнува дека „Синедејс“ го наследиле со вкупно 44 продадени билети, дека во 2010 продале 4.900, минатата 2011 таа бројка се искачила на 23.000 и за годинава најавува дека тргнуваат во уривање на рекорди.

Во официјалната програма на Фестивалот овојпат се вклучени десет млади автори кои допрва доаѓаат на европската сцена. Регионалната програма „Синебалкан“ ќе понуди седум филма меѓу кои се победникот на Сараевскиот фестивал „Секој во нашето семејство“ на веќе големиот режисер Раду Јуде и контроверзното и забранувано дело на Маја Милош „Клип“ кое немаше сериозна конкуренција во Ротердам.

Годинашното издание на „Синедејс“ воведува и програма на европски филмови во кои учествуваат македонски филмски работници насловена „МК и ЕУ“, во која покрај „Шангај џипси“ се и „90 минути – Проектот Берлин“ на Иво Трајков, „Кога ќе се раздени“, каде игра Зафир Хаџиманов, црногорскиот „Кец пик – Лоша судбина“ за кој музиката ја напиша Зоран Краљевски и српскиот „Ѕверилник“ со Никола Ристановски во една од главните улоги.

Згора на тоа организаторот ќе понуди и 40 гала-премиери за 40 години од постоењето на Младинскиот културен центар, а во чии рамки ќе можат да се видат новите остварувања на: Вуди Ален, Иштван Сабо, Том Тиквер, Микаел Ханеке, Бернардо Бертолучи, Дејвид Кроненберг, Вернер Херцог и други.

Земја во фокусот овојпат е Египет и ова претпоставува дека од нејзината кинематографија за прикажување се селектирани повеќе филмови меѓу кои и неколку документарци посветени на феноменот „арапска пролет“, а нивните режисери – гости на фестивалот, ќе говорат за суровоста на војните, демонстрациите и протестите во земјите од тој дел на светот.

Од новитетите особено е интересна соработката со берлинската „Зебра“, најголемиот фестивал во светот посветен на поетски филмови, па така покрај кратките дела љубителите на убавиот збор со нетрпение треба да ги очекуваат и говорењата на некои од современите македонски поети.

Кон ова само уште информацијата дека публиката ќе има можност да види и убав одбир на музички документарни филмови меѓу кои и оние посветени на култниот Брајан Ино и легендарниот Боб Марли, а за чија селекција и во оваа пригода се погрижи Тони Шариќ, уметнички директор на фестивалот ДОРФ.

Инаку, во тој контекст за издвојување се и концертните настапи на Тони Китановски и ЧЕРКЕЗИ ОРКЕСТАР и „Беи д фиш“ кои на свој начин го обработиле опусот на контроверзниот Оливер Мандиќ, а во рамките на „Синедејс“ ќе бидат прикажани и десетина кратки филмови од домашни автори, ќе се одржи и Ревијата на италијански филм, а планирани се и предавањата на Јан Харлан, продуцент на филмовите на легендарниот Стенли Кјубрик(наедно и член на жирито во официјалната програма), на Ангел Круз, кој патем ќе говори за искуствата од анимираниот „Брчки“ и работилницата за продуценти што ја организира Филмскиот фонд на Македонија.

Фестивалот го поддржаа Градот Скопје со 800.000 денари, Министерството за култура и Мисијата на Европската унија во земјава со по 600.000 денари и за останатите средства се погрижија организаторите кои и годинава нималку не се задоволни од одгласот на спонзорите.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG