Достапни линкови

Секој петти Македонец „избегал“ во странство


Илустрација.

Илустрација.

Последните податоци на Светската банка покажуваат дека 447.000 или 22 насто од вкупното население се иселило од Македонија во изминативе децении, велат во НСДП.

Околу половина милион граѓани ја напуштиле земјава во последните дваесеттина години, пишува во информацијата за интензивирање на процесот на масовно иселување подготвена од НСДП и опозицијата. Информацијата се базира на последните податоци на Светската банка, според кои, 447.000 или 22 насто од вкупното население се иселило од државата. Од НСДП велат дека информацијата во Собранието ја нудат за да предупредат дека трендот на масовно иселување демнее и е причина за лошата демографска состојба.
Традиционалното печалбарство во Македонија веќе не постои, бидејќи се претвори во трајно иселување на македонските граѓани. Нити и веруваат на владата, нити веруваат на портокаловиот препород којшто го најавуваше Груевски во изминативе седум години.

„Традиционалното печалбарство во Македонија веќе не постои, бидејќи се претвори во трајно иселување на македонските граѓани. Нити и веруваат на владата, нити веруваат на портокаловиот препород којшто го најавуваше Груевски во изминативе седум години“, вели пратеникот Горан Мисовски од НСДП.

Опозицијата обвинува дека ваквиот тренд е резултат на лошите политики кои ги води актуелната влада. Наместо да продуцира политики и мерки за реално зголемување на економскиот раст и отворање на нови работни места, Македонија се претвара во бесперспективна и безнадежна земја која само на краток рок нуди можности за пристојно и квалитетно живеење. Според опозицијата, загрижува и фактот што сè повеќе млади луѓе аплицираат за бугарски пасоши.
Светот станува едно глобално село. Дел од тие кои се иселени не се сиромашни во Македонија. Постојат многу други би рекол социо-психолошки причини, причини од друга природа кои ги тераат да го освојуваат светот и на таков начин.

„На официјалниот сајт на бугарскиот претседател има потпишано укази, од 15 јануари до 22 мај 2012 година, има некаде околу 2.500 издадени државјанства за Македонци, а од 22 мај до 15 септември некаде околу 2.600“, вели Мисовски.

Од Агенцијата за иселеништво велат дека е многу тешко да се разговара за бројки кога станува збор за иселениците, бидејќи станува збор за повеќе десетици држави во светот.

Директорот на Агенцијата, Васил Наумов неодамна изјави дека агенцијата располага со бројка од 430.000 Македонци во светот, но дека реалната цифра може да биде и многу поголема. Тој вети дека во иднина ќе се направи статистика, барем на лицата кои се државјани, а помалку или подолго од година се отсутни од земјава со што ќе се утврди дали Македонија се иселува или иселениците се враќаат назад.

Економските фактори се едни од главните причини поради кои луѓето одлучуваат да заминат од земјава, но тие не секогаш се пресудни, укажува универзитетскиот професор Илија Ацески.

„Светот станува едно глобално село. Дел од тие кои се иселени не се сиромашни во Македонија. Постојат многу други би рекол социо-психолошки причини, причини од друга природа кои ги тераат да го освојуваат светот и на таков начин“, вели Ацески и додава дека подинамичен економски раст кој ќе генерира нови работни места, повисок животен стандард и стабилност на подолг рок може да го спречат одливот на младото население.

Република Македонија, според извештајот на Светската банка, е рангирана на 23-то место во група од 25 земји со најмногу емигранти. Најчести дестинации за билет во еден правец се Соединетите Држави и земјите на Европската унија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG