Достапни линкови

Духот на слободата воскреснува во Народниот театар во Куманово


Театарската претстава Духот на слободата во Народниот театар во Куманово.
Театарската претстава Духот на слободата во Народниот театар во Куманово.

„Духот на слободата“, недовршениот текст од Војдан Чернодрински од 1905 и допишан од Горан Стефановски во 2003 година, во режија на Италијанецот Лука Кортина, утревечер од 20 часот, како нова премиерна изведба, ќе осамне на сцената на Народниот театар во Куманово.

„Духот на слободата“, романтичната едночинка на Чернодрински за жртвувањето за татковината во името на слободата врз која Горан Стефановски допиша два чина кои што се случуваат во сегашноста и во иднината, седум години подоцна откако Мартин Кочовски, Дејан Пројковски и Деан Дамјановски ја поставија во Битолскиот театар, премиерно ќе осамне и на сцената на Народниот театар во Куманово. Овојпат во режија на Италијанецот Лука Кортинa.
Ние со претставата го акцентираме тој момент што го сметаме за сегашен - на неможноста на слободата. Претставата е трагикомична, гледлива, но во суштина нихилистичка во однос на надеж за оваа важна вредност, важен дух на животот каков што е слободата.
Лука Кортина, режисер.

Студентот на Слободан Унковски и авторот кој досега ги потпиша надреалната црна комедија „Пикник на фронтот“, „Аквариум“ и кој му асистираше на Александар Поповски во „Животот на Молиер“, вели дека во текстот на Стефановски нашол можност да се справи со една своја потреба – во времево во кое што битисаме да се преиспита колку ни е слободата загрозена, ограничена, та дури и систематски негирана од светот и од невидливите закони на живеење.

„Ние со претставата го акцентираме тој момент што го сметаме за сегашен - на неможноста на слободата. Претставата е трагикомична, гледлива, но во суштина нихилистичка во однос на надеж за оваа важна вредност, важен дух на животот каков што е слободата.“
Занимавајќи се со една таква универзална тема каква што е слободата нам не ни преостана ништо друго во претставата освен да не ги дообјаснуваме симболите туку да оставиме секој гледач слободно и лично да ги интерпретира. Сè она што сме го учеле на факултет, сè она што сме го учеле од животот овде имавме слобода, така да речам, да го испразниме на сцената!
Јасмина Василева, актерка, уметнички раководител во Народниот театар во Куманово.

Режисерот дополнува дека во неговата претстава еден актер толкува повеќе ликови, односно еден ист лик кој во драмскиот текст авторот Стефановски социјално и темпорално го трансформирал од минатото, во сегашноста и потем во иднината, е игран од различни глумци кои дејствуваат во паралелното плетење на трите различни временски приказни и контекстуални врски. Ова, како што забележува тој, образложува еден од начините на кој е третиран и проблемот на идентитетот, дообјаснет со фактот дека името не (го) претставува идентитет(от).

Во „Духот на слободата“ играат Кети Дончевска Илиќ, Јасмина Василева, Димитрија Доксевски, Горан Илиќ, Стефанија Зисовска, Мирјана Поповска Ристов, Мирослав Петковиќ, Александра Пешевска и Драгиша Димитриевски.

Јасмина Василева, која наедно е и уметнички раководител во Народниот театар, вели дека верува во театар кој што секогаш е во опозиција а слободата е тема која што секогаш самата по себе е опозиција.

„Занимавајќи се со една таква универзална тема каква што е слободата нам не ни преостана ништо друго во претставата освен да не ги дообјаснуваме симболите туку да оставиме секој гледач слободно и лично да ги интерпретира. Сè она што сме го учеле на факултет, сè она што сме го учеле од животот овде имавме слобода, така да речам, да го испразниме на сцената!“

Драматург на пиесата е Билјана Крајчевска, сценографијата е на Сашо Поповски, за костимите се погрижи Елена Спасовска, а музиката е на Дарија Андовска.

Инаку, премиерната изведба на „Духот на слободата“ во Народниот театар во Куманово наместо во октомври се одржува во средината на ноември, а за доцнењето Василева вели дека било резултатот на нееднаквиот третман на театрите во државава од страна на Министерството за култура.

„Ние, во суштина сме прилично, да не речам лути, меѓутоа тажни затоа што се фаворизираат едни во однос на други театри. Не знам по каква заслуга, но навистина би сакале барем вниманието подеднакво да е посветено на сите.“

Кон ова само уште информацијата дека репризните изведби се во петок и во сабота, на 16 и 17 ноември, а потем „Духот на слободата“ ќе продолжи да опстојува на редовниот репертоар на сцената на Народниот театар во Куманово.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG