Достапни линкови

Елпида Хаџи-Василева, македонскиот претставник на Венециско биенале


Елпида Хаџи-Василева.
Елпида Хаџи-Василева.

„Кожата е идентитет и површина за проекција, репрезентација на душата“ на Елпида Хаџи-Василева е македонскиот претставник на 55 Биенале на уметноста во Венеција што ќе се одржи од 1 јуни до 24 ноември 2013 година на тема „Енциклопедиска палата“. Станува збор за проект поднесен од Н.У. Национална галерија на Македонија и кураторот Ана Франговска.

Се чувствувам прекрасно и сè уште не можам да разберам дека тоа е тоа! Кога го предаваш проектот се надеваш, но не очекуваш дека токму твојот ќе биде одбран. Кога Ана ми јави бев воодушевена дека ќе соработуваме и дека ќе бидеме претставници на Македонија на Биеналето.
Се чувствувам прекрасно и сè уште не можам да разберам дека тоа е тоа! Кога го предаваш проектот се надеваш, но не очекуваш дека токму твојот ќе биде одбран. Кога Ана ми јави бев воодушевена дека ќе соработуваме и дека ќе бидеме претставници на Македонија на Биеналето.
Елпида Хаџи-Василева, уметница.

Ана Франговска, кураторка.
Ана Франговска, кураторка.
Еве ова е првичната реакција на уметницата Елпида Хаџи-Василева чиј проект „Кожата е идентитет и површина за проекција, репрезентација на душата“ е едногласно одбран од шесте кои пристигнале на конкурсот да биде македонски претставник на 55. Биенале на уметноста во Венеција што ќе се одржи од 1 јуни до 24 ноември 2013 година на тема „Енциклопедиска палата“. Одлуката ја донело жирито составено од историчарите на уметноста Владимир Величковски и Конча Пирковска, и ликовниот уметник Жарко Башески, а овој проект ќе биде деветто претставување на Република Македонија на престижната манифестација на светската уметност и шесто на кое институција-носител е Националната галерија на Македонија.
Преку кожата всушност се гледа нашата фрагилност, се гледаат нашите години. Преку кожата се гледа потеклото, здравјето, а секако и нашиот идентитет без оглед на тоа дали станува збор за национален, политички, религиозен итн.
Ана Франговска, кураторка.

Во образложението за ваквата одлука стои дека станува збор за јасно и професионално дефиниран концепциски заокружен проект, во кој пред сè се користени органски материјали и дека нејзината инсталација се карактеризира со разновидна текстура и специфична структурална содржина, која што и припаѓа на денес актуелната, биоуметност.

Ана Франговска, кураторката на овој проект, појаснува дека кожата како метафора кај Елпида претставува една симплифицирана идеја за кршливоста на телото воопшто.

„Преку кожата всушност се гледа нашата фрагилност, се гледаат нашите години. Преку кожата се гледа потеклото, здравјето, а секако и нашиот идентитет без оглед на тоа дали станува збор за национален, политички, религиозен итн.“

Франговска појаснува дека кожата и специфичноста на просторот се клучните матрици и базите на кои ќе се гради делото кое во суштина го следи ширењето на чумата долж Патот на свилата, а Хаџи-Василева како уметница која реагира на просторот вели дека е подготвена комплетно да му се посвети на ова свое дело кое е референтно на претходните три насловени како „Пеперутките во стомакот“, „Повторна ондулација“ и „Инхерентна убавина“.

„Пошто јас сум уметник којшто реагира на просторот, сите дела што ги имам досега во суштина ја проучуваат историјата на тој простор и каде делото ќе биде поставено, така што ќе има доста работа, но јас сум подготвена тоа да го направиме со 100 отсто енергија и да се оди напред. Конечно тоа да биде едно од моите најдобри дела.“

Инаку, интересно е што Елпида Хаџи-Василева нема да биде по прв пат на Венециското биенале. Таа во 2005 година, на 51 издание на оваа врвна манифетација, со неколкумина колеги беше уметницата која ја претставуваше Велика Британија.

„Тука се сите мои контакти, галерии и кустоси со кои што соработувам и верувам дека ова ќе биде уште еден плус за Македонија бидејќи ќе имаме поддршка од двете страни и се надевам дека проектот поради тоа ќе биде уште посилен.“

Родена 1971 година во Кавадарци, Елпида средно училиште за дизајн завршува во Нови Сад, а во 1996 година дипломирала на познатата Глазговска школа за уметност. Две години подоцна се стекнала со титулата магистер по скулптура на Кралскиот уметнички колеџ во Лондон и од тогаш живее и твори во Брајтон, Велика Британија.

Самостојно изложува од 1995 година, почнувајќи со изложбите „Конекција“ во Парк на скулптурите во Јоркшир, во Македонија ја видовме со „Внатрешна убавина“ во Јавна соба во Скопје во 2010 и година дена подоцна со истата постановка во Музеј-галеријата во Кавадарци. Добитник е на повеќе награди, признанија и грантови, а во своите истражувања Хаџи-Василева се стреми кон поврзување со басни или пригодни приказни, како ветените Аркадии и Утопии кои се недостижни, со една единствена надеж дека ќе поттикне возвишени искуства за посетителот.

Кон ова само уште дека во претстојниов период претстои потрага по соодветен простор во Венеција каде што идната година ќе биде презентиран проектот за Биеналето, зашто Република Македонија сè уште нема свој павилјон. Од друга страна, ни буџетот за претставувањето нема да биде познат до усвојувањето на севкупниот Државен буџет за 2013, а финансиската поддршка од Министерството за култура на делото на Елпида Хаџи-Василева - „Кожата е идентитет и површина за проекција, репрезентација на душата“, ќе се знае дури по објавувањето на Годишната програма за наредната година.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG