Достапни линкови

Коневски - Немам амбиции да бидам градски татко


Јас воопшто немам размислувано на таа тема, тоа прашање е затворено, затоа што за град Скопје како единствен кандидат е градоначалникот Коце Трајановски, вели Ивица Коневски, градоначалник на општина Аеродром во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Коневски имате ли амбиции да бидете градски татко?

Не,такви амбиции немам. Градски татко е градоначалникот Коце Трајановски. Тој добро се покажа изминатиот период, изминатите четири години. Има апсолутна поддршка од граѓаните и мислам дека тој е вистинската опција за градот Скопје. Многу покажа, многу докажа и мислам дека таков човек треба да продолжи да го види градот.

Значи доколку ви се укаже доверба или ви се даде таква можност би одбиле?

Јас воопшто немам размислувано на таа тема, тоа прашање е затворено, затоа што за град Скопје како единствен кандидат е градоначалникот Коце Трајановски.

Дефинитивно тоа е одлука во партијата, дека тој ќе биде градоначалник?

За дефинитивна одлука, барем јас не сум информиран дека е донесена, меѓутоа од сите оние работи кои се во тек и сите активности кои во изминатите години се направија и се покажаа во градот, мислам дека господинот Коце Трајановски е победничка опција.

Вашите партиски опоненти велат дека многу пари трошите на изградба на нови и модерни фонтани и споменици. Да речеме 500 илјади евра за фонтаните на влезот на Аеродром, нели е тоа навистина многу пари за нешто што е шминка на општината?

Во рамките на потребите на граѓаните и во рамките на подобрување на имиџот на општината, нормално е дека е потребно да се реализираат одредени проекти. Ако зборуваме од аспект на финансии, јас не би можел да кажам дали е нешто скапо или евтино, доколку тоа не го кажат самите фирми кои учествуваат на тендерите. Наш единствен критериум на секој тендер во општина Аеродром е цената, 100 проценти цената. На електронска аукција учествуваа сите сериозни компании на тие тендери кои ги објавуваме за да ги реализираат тие наши проекти. Тој што ќе даде најповолна цена во однос на реализација на тој проект, тој го изведува проектот. Така да цените во тој поглед, практично ние се трудиме да бидат најниски за она што се реализира. Можеби некој кој е лаик за некој проект кој сме го реализирале ќе каже дека е скап, меѓутоа ако ги прашате сите оние градежни компании кои имаат стручни лица, тие реално ќе ви кажат дали тие проекти се скапи или не се скапи, со оглед на она што се реализира.

Не се сомневам дека има нерегуларности на таа аукција, меѓутоа суштината беше дали се потребни тие фонтани. Или на пример зошто изградба на толку многу цркви место да се отвори уште една градинка или уште едно училиште.

Училиштата и градинките ги гради општината во соработка со владата, што не е случај со црквите. Така да во делот на црквите ние немаме никаков удел во изградбата, средства по тој однос воопшто не инвестираме. Инвестираме средства исклучиво во инфраструктура, во изградба на училишта, на градинки, за реконструкција на училишта и градинки, патишта, фекални и атмосферски канализации,така да во тој дел таква паралела не можеме да направиме, затоа што општината Аеродром ниту инвестира во цркви, ниту ги гради.

А одобрение за градба кој дава?

Одобрени за поставување ние даваме, тоа не не чини ништо, тоа е само една техничка документација, така што финансиските средства што ги има општина Аеродром исклучиво ги користи за изградба на инфраструктура, изградба и реконструкција на градинки, училишта, така да не може да се направи таа паралела што ја кажавте пред малку.

Со црквите можеби не, но еве со фонтаните на пример.

Јас лично сметам дека не се потрошени многу средства за фонтаните. Општина Аеродром е една од најголемите општини со голем број на жители, во рамките на општината секој има свои потреби, мислам дека тие фонтани, тие паркови што се изградија го подобрија имиџот на нашата општина и направија Аеродром да биде поубаво место за живеење. И покрај тоа што се направија тие фонтани и паркови, ниту еден проект не беше оставен да не се реализира. Паралелно со изградбата на тие паркови и фонтани, се реконструираа сите училишта, се гради уште едно ново училиште, се гради нова градинка, ги реконструиравме најголем дел од градинките, се гради инфраструктура, паркиралишта. Се трудевме да ги опфатиме сите проекти, со кој ќе го направиме Аеродром едно поубаво место за живеење.

Во отчетот за сработеното во изминатите 4 години, навистина може да се видат многу проекти кои се реализирани, но зошто не направивте тротоари на фреквентните улици Коста Новаковиќ и Васко Каранѓелевски.

Се работи за делот кој се наоѓа зад Тобако 2 или поточно кај воените бараки, за таму во фаза е носењето на нов детален урбанистички план, кој предвидува изградба на повеќе од 40 згради. Доколку сега ги направевме тротоарите, со реализација на овој детален урбанистички план, со изградбата на објектите, тие ќе беа уништени. Ние чекаме тој план да се реализира, веќе е во завршна фаза на донесување. Таму сите сопственици на бараките ќе почнат со изградба на објекти на тие места. Кога ќе заврши изградбата на тие објекти, ние како општина сме должни да ја изградиме целата инфраструктура, впрочем за тоа и инвеститорите ќе платат комуналии.

Зошто се уште не е завршена фекалната канализација во Горно Лисиче.

Фекалната канализација во Горно Лисиче е во завршна фаза. Се работи за еден проект за кој може да се каже дека е најголем во историјата на Македонија во последните 20 години, кој се реализира одеднаш. Тој воопшто не е едноставен и не може да се реализира бргу. Очекувам до крајот на оваа година да биде реализиран во целост, досега имаме реализирано околу 90 проценти од проектот.

Колку чини проектот? Се спомнуваат цифри како 5 милиони евра. Дали средствата за истиот се обезбедуваат од локалната каса или имате и други извори на финансирање, зошто се работи за навистина голема цифра?

Се работи за проект кој е отприлика 6 милиони евра. Чекаме да заврши за да знаеме колку ќе биде точната бројка. Отприлика целокупниот проект ќе чини од 6 до 6, 5 милиони евра. Проект кој е од животно значење за жителите од руралниот дел, тие четириесетина години чекаат да се реализира овој проект. Инаку инвестицијата ја обезбедува општина Аеродром, заедно со Градот Скопје. Секундарната фекална мрежа во должина од повеќе од 25 километри ја гради општина Аеродром со сопствени средства. Колекторите ги гради градот Скопје, а препумпната станица ја градиме заедно.

Колку предмети за легализација имаат позитивна разрешница и што е со останатите барања, има ли шанси да се заврши сето тоа до Нова година, како што тоа го побара од вас министерот за транспорт и врски.

Има поднесено повеќе од 8400 барања, до сега имаме реализирано 500 предмети. Останатите предмети сите се прочитани и се обработени, доставена е документација до сите оние баратели, да можат да ја докомплетираат за да продолжиме со нивна реализација.

До каде е изградбата на најавените висококатници и која беше потребата за еден таков зафат?

Се работи за проекти кој е во фаза на реализација. Ние како општина го донесовме деталниот урбанистички план. Продажбата на земјиштето за изградба на овие објекти го вршеше Министерството за транспорт и врски. Целокупната документација кај нас помина, ние издадовме одобрение, сега останува на инвеститорот во рок кој е утврден со законот за градба, да го реализира овој проект.

Колкав е тој рок?

Рокот во законот е 6 години, меѓутоа инвеститорот најави дека планира за многу побргу да ги изгради овие објекти. Сепак останува на него да видиме за колкав временски период ќе бидат изградени.

Дали како општина создавате или работите на проекти со кој ќе се отворат нови работни места?

Нормално сите овие објекти кои ги набројав, отворањето на трговски центри, на бензински пумпи, на објекти, отворање на деловни простори, сите тие објекти кога ќе заживеат, кога ќе се реализираа овие проекти, кога ќе се отворат, ќе се отворат и нови работни места.

Господине Коневски опозицијата реагира дека тимот на градоначалници кои доаѓаат од редовите на владејачката партија, од ВМРО-ДПМНЕ, го претворила градот Скопје и неговите општини во места каде преовладува кичот, каде антиката и барокот ја бришат автентичноста на општините.

Мојот коментар е дека во изминатите години сме сведоци дека Скопје се гради, се работи максимално. Вие може да забележите колку проекти се направени. Сепак дали е кич или не е кич е прашање на вкус. Не можеме да имаме сите ист вкус за одредени работи, но тие градоначалници го добиле мандатот од граѓаните за да реализираат проекти. Дали тие проекти биле кич ќе видиме на следните избори. Тие самите ќе кажат дали сето она што градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ го реализираа им се допаѓа или не им се допаѓа. Мислам дека тие обвинувања од опозицијата се тенденциозни и во недостаток на идеја. Мислам дека опозицијата малку треба да поработи на предлози за нови проекти кои треба да се реализираат, а не да бидат ориентирани на критики на сето она што ние го работиме.

Еве ви малку простор и за самокритичност. Кога шетате низ улиците на општина Аеродром што е тоа што ви недостасува?

Во општина Аеродром недостасуваат паркиралишта. Ние во изминатите години изградивме повеќе од 2000 паркинг места, се трудиме и понатаму да градиме, меѓутоа внимаваме да не го оштетиме зеленилото. Инфраструктурата е градена пред 30-40 години и тогаш стандардите биле други, секое семејство немало по два автомобила. Денеска во просек секое семејство има по два автомобили и сето она што се градело пред 30 години е недоволно за нашите потреби. Затоа мислам дека се потребни паркиралишта.

Господине Коневски со оглед на тоа дека сте член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, како функционира владината коалицијата во која ниту едната, ниту другата партија не попушта за законот за бранителите?

Според мене коалицијата функционира добро. Има несогласувања во однос на тоа прашање, но тоа не значи дека коалицијата треба да престане да функционира. За многу прашања имаме исти ставови, така да мислам дека е нормално и демократски за некои работи да не се согласуваме.

Постојат ли иницијативи од партијата од која доаѓате да се надминат таквите недоразбирања?

Тоа постојано се прави, постојано имаме секојдневна комуникација со нив, се трудиме максимално да имаме коректни односи, сепак ние сме партнери во коалицијата и тоа што имаме одредени несогласувања за некои работи, според мене, не е ништо страшно.

Останувате ли на ставот дека нема да има предвремени парламентарни избори во март, заедно со локалните, како што тоа од вас го побара опозицијата?

Не можам да кажам по тоа прашање, сепак за тоа прашање треба да се разговара на повисоко ниво. Според мене нема потреба од предвремени избори, затоа што изборите беа пред една година. Јас лично како Ивица Коневски мислам дека на граѓаните им е преку глава од избори. Во последните 6 години имавме 5 избори и сето она што го ветивме потребно е време да го реализираме. Граѓаните гласаа, го дадоа својот глас, довербата ја довербата ја добивме ние како политичка партија и мислам дека е потребно време да ги реализираме тие проекти во интерес на граѓаните. Сите оние барања од страна на опозицијата за предвремени избори, мислам дека, се несериозни.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG