Достапни линкови

Дневен печат - меморандум, сиромаштија и партиски рејтинзи


Одговорот на Меморандумот на Аврамопулос од министерот Попоски, стапката на сиромаштија, мерењето на партиските рејтинзи и повторната најава за штрајкот на лекарите, си најдоа свое место во дневните весници.

Изборите и повторната победа на Барак Обама на изборите, се разбира, доминираа деновиве во нашите медиуми. За нијанса, меѓутоа, позастапен беше одговорот на Меморандумот на Аврамопулос од министерот Попоски, односно од Владата.
Нова Македонија: „Избегнати замките во грчкиот Меморандум“.

Нова Македонија: „Избегнати замките во грчкиот Меморандум“.

Македонија догодина ќе има поголем раст од економиите на земјите на ЕУ.

„Одговорот е повеќе куртоазен и празен“, пишува во насловот Утрински, а Дневник вели: „Не се фативме во грчката стапица“, цитирајќи ги консултираните поранешни шефови на дипломатии и експерти помеѓународно право. „Избегнати замките во грчкиот Меморандум“, насловува Нова Македонија, а Утрински ги пренесува и првичните грчки реакции дека одговорот не бил доволно конкретен и дека звучи како декларирање на ставови.
Утрински: „Разгорена војната меѓу министерот и лекарите“.

Утрински: „Разгорена војната меѓу министерот и лекарите“.


Изненадување во јавноста предизвикаа податоците на меѓународниот Лаекен индикатор што ги објави Утрински, според кој сиромаштијата во 2010 во Македонија изнесувала дури 42, а не 30 проценти како што објави Државниот завод за статистика.
Извесна забуна предизвикува Дневник кој, пак, пишува дека стапката на сиромашни лица во 2010 година, пак, според Државниот завод била уште помала, 27 проценти. Вечер внесува оптимизам во економската кризна ситуација, па ги наведува прогнозите на Европската комисија и на Светска банка дека „Македонија догодина ќе има поголем раст од економиите на земјите на ЕУ.“

И, се разбира, не се може без партиските рејтинзи за тоа кој како е позициониран пред локалните до кои има уште 4 месеци: Институтот за политички истражувања го мерел рејтингот на двете најголеми партии: Утрински вели: „ВМРО-ДПМНЕ стабилна, опозицијата се приближува“. Од истата анкета, Нова Македонија го вади само процентот на пораст на популарноста на СДСМ по „работното лето“: таа пораснала „За помалку од 2 проценти“, насловува весникот.

И за најавениот штрајк се гледаат различните ориентации на нашите медиуми: „Разгорена војната меѓу министерот и лекарите“ насловува Утрински, „Штрајкот е политичка одлука“, го цитира министерот Тодоров Нова Македонија, а Ден цитира правни експерти кои велат: „Тодоров го крши правото на штрајк“.

И за крај, „Чудото со фреските во Свети Димитрија не било чудо“, објави Вечер кој беше еден од оние што ја форсираше тезата дека тоа било божјо чудо. Златната боја се исчистила со кондензација поради зголеменото количество влага во воздухот, потврдиле експертските анализи.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG