Достапни линкови

Дипломатски одговор без суштина на грчкиот меморандум


Архивска фотографија: Средба на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Димитрис Аврамопулос и Никола Попоски во Њујорк.

Архивска фотографија: Средба на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Димитрис Аврамопулос и Никола Попоски во Њујорк.

Експертите го оценуваат одговорот од Попоски на грчкиот меморандум како премногу општ и без суштински позиции.

Со смирен тон и дипломатски јазик Македонија и одговори на Грција. За дел од политичките партии, одговорот на министерот за надворешни работи Никола Попоски е последен обид да се одржат преговорите меѓу двете страни. Лидерот на НСДП, Тито Петковски вели дека одговорот не ја прецизира нашата позиција, која, според него, е сè уште недефинирана.
Одговорот на грчкиот меморандум само има функција да ги одржува во континуитет можностите за директни контакти со Грција и конечно ако може после Самитот на ЕУ нешто поконкретно да се договори.

„Нашата позиција практично останува иста како порано, сè уште, според мене, недефинирана. Одговорот на грчкиот меморандум само има функција да ги одржува во континуитет можностите за директни контакти со Грција и конечно ако може после Самитот на ЕУ нешто поконкретно да се договори“, вели Петковски.

Демократската партија на Албанците не гледа можност за некаков напредок во дијалогот меѓу двете земји. За нив одговорот на Попоски е само провокација до грчката страна.
Не може да бараш да го решиш проблемот со името, а во меѓувреме да се повикаш на хашката пресуда.

„Не може да бараш да го решиш проблемот со името, а во меѓувреме да се повикаш на хашката пресуда. Исто како што прашањето за името овде се користи во политички цели, истото се случува и во Грција, само има една разлика. Грција ништо не губи со тоа што ја блокира Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, а Македонија и нејзините граѓани губат многу“, вели Зиадин Села од ДПА.

Одговорот на меморандумот за разбирање од страна на Грција, експертите го оценија како премногу општ и без суштински позиции.
Меморандумот на министерот Попоски е со дипломатски речник, доста куртоазен, доста генерален и широк и не содржи некои прашања коишто се во однос на македонската позиција и интереси во однос на прашањето за името.

„Меморандумот на министерот Попоски е со дипломатски речник, доста куртоазен, доста генерален и широк и не содржи некои прашања коишто се во однос на македонската позиција и интереси во однос на прашањето за името“, вели политичкиот аналитичар Јана Лозановска и додава дека не е оптимист дека билатералните преписки ќе ги интензивираат разговорите меѓу македонската и грчката страна.

Не очекува Грција да ја продолжи ваквата писмена комуникација.

„Овој меморандум можеби и затоа е толку широк, за да ја прекине на некој начин таа комуникација на ова ниво и да се усмери на преговорите, но јас не сум оптимист околу целата таа ситуација.“

Наспроти заложбите на нашата Влада за интензивна комуникација на дипломатско и политичко ниво, за дел од експертите овие преписки меѓу двете страни би можеле да го закочат преговарачкиот процес.

Инаку, во писмото до грчкиот колега Аврамопулос, Попоски предлага секоја од страните да ги почитува обврските преземени со Времената спогодба. Предлага задачата да им се довери на претставниците во разговорите и медијаторот Метју Нимиц. Го кани Аврамопулос да ја посети нашата земја. Шефот на македонската дипломатија потсетува и на пресудата на Меѓународниот суд во Хаг и вели дека таа преставува заедничка придобивка која на непристрасен начин се осврнува на неколку аспекти покренати во предложениот меморандум за разбирање.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG