Достапни линкови

Затворите стандардно лоши


Во Македонија нема волја и не се создаваат услови за спроведување на правата на осудениците, констатира Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Казнено поправните установи треба да се огледало на демократијата и на почитувањето на човековите права во една земја. Но, очигледно е дека во Македонија нема волја и не се создаваат ни услови за спроведување на правата на осудениците, констатираат од Хелсиншкиот комитет. Истите препораки за состојбата на казнено поправните установи се повторуваат во последните десет години, вели извршниот директор на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска.
Освен што има и се пројавува декларативна волја, не можеме да разговараме за некаков си декларативен менаџмент во оваа сфера, бидејќи да се разбереме почнувајќи од материјалните услови, хигиената, сместувачките капацитети, до процесот на ресоцијализација кој воопшто не постои во нашите казнено-поправни установи, мислам дека состојбата е јасна.
Уранија Пировска, Хелсиншки комитет на Македонија.

„Освен што има и се пројавува декларативна волја, не можеме да разговараме за некаков си декларативен менаџмент во оваа сфера, бидејќи да се разбереме почнувајќи од материјалните услови, хигиената, сместувачките капацитети, до процесот на ресоцијализација кој воопшто не постои во нашите казнено-поправни установи, мислам дека состојбата е јасна.“

Според Томче Бошковски од Националниот превентивен механизам на досегашните последователни посети на затворите било утврдено дека некои од нивните препораки се спроведени, а некои не.

„Имаме и добри и негативни искуства од овие последователни посети. Како позитивно искуство е полициската станица во Гостивар, каде најголемиот дел од препораките кои ги дадовме во 2011година, навистина беа спроведени, а како негативен пример го истакнавме затворот Скопје, каде што најголем дел од препораките не беа спроведени.“

Бошковски додава дека соработката со Министерството за внатрешни работи е на едно повисоко ниво во однос на другите институции.

„Со другите министерства сега соработката ни оди исклучиво по писмен пат, односно по наше барање за остварување на оние препораки кои сме ги дале во нашите извештаи. Во над 50 проценти од одговорите што ги добиваме по нашите извештаи и органите и министерствата доцнат, односно не го почитуваат законски предвидениот рок од 30 дена, во кој треба да одговорат на кој начин ќе постапат по препораките и укажувањата дадени во извештајот.“

Од Хелсиншкиот комитет велат дека ништо подобра не е ситуацијата и во психијатриските болници и специјалните установи. И таму има проблеми со лекувањето, условите и третманот на пациентите.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG