Достапни линкови

logo-print

Избори во САД - шпион против шпион


Илјадници правници од двата тима на претседателските кандидати Барак Обама и Мит Ромни, утре, на денот на гласањето, ќе бидат распоредени на избирачките места. Нивна цел е да бележат и најмала неправилност која ќе биде доволна за покренување судска постапка.

Финален ден од кампањата за американските претседателски избори, а претседателот Барак Обама и неговиот републикански ривал Мит Ромни и натаму се во тесна трка. Последните анкети покажуваат дека Обама има многу мало водство во таканаречените неопределни држави.
Ако е нерешено, ќе видите како двете страни ќе трчаат на суд.

За една од клучните такви држави се смета Охајо која носи 18 таканаречни електорски гласови од потребните 270, колку што мора да добие кандидатот за да остане или да влезе во Белата куќа.

Охајо беше една од последните станици и на двајцата кандидати.

Колку ќе им биде тешко на републиканците да ги испратат луѓето во погрешни области со што ќе го забават целиот процес.
„Би ги замолил да ги стават настрана сите говори, сите реклами и сите напади и да ги погледнат оценките, бидејќи разговорите се евтини, но не и оценките за кои е потребна вистинска работа. Промените не се мерат со зборови и говори, промените се мерат со достигнувања, па ајде да ги погледнеме нивните оценки“, изјави Мит Ромни, кој повтори дека Обама не заслужува втор мандат во Белата куќа.

Американскиот претседател, пак, вети дека во наредниот мандат ќе работи уште понапорно за да се постигнат вистински промени во земјата.

„Знаете каде стојам, знаете во што верувам. Знаете дека ви ја зборувам вистината и оти секојдневно ќе се борам за вас и вашите семејства се додека ја имам привелигијата да бидам ваш претседател. Па кога ќе се прашате кој ќе се бори за мене и ќе донесе вистински промени, вие знаете дека знам што се вистински промени, бидејќи се борев за тоа рамо до рамо со вас. Имам лузни кои го докажуваат тоа, имам бела коса која го покажува тоа“, изјави Обама.

Токму во Охајо, во своевидна шпион против шпион игра ќе бидат распоредени и најголем број правници од двата изборни табора. Тие ќе забележуваат како избирачките комисии работат, дали се влијае врз гласачите и дали има нарушување на гласањето.

Секоја страна вели дека не и верува на другата, а со оглед на тесната трка ризикот од судска постапка, а со тоа и одлагање на резулатите е многу висок.

„Ако е нерешено, ќе видите како двете страни ќе трчаат на суд“, вели за весникот „Њујорк тајмс“ републиканецот Џеф Хестингс.

Демократите, пак, страхуваат од саботажи:

„Колку ќе им биде тешко на републиканците да ги испратат луѓето во погрешни области со што ќе го забават целиот процес“, вели демократот Стјуард Гарсон.


Обама и Ромни се решија на ваков чекор за да го избегнат кошмарното сценарио од 2000 година кога Џорџ Буш беше прогласен за победник дури еден месец по изборите и тоа откако повторно беа пребројани гласовите во Флорида.

За да не се случи тоа, демократите ќе користат информатички систем, специјално креиран за утврдување неправилности во реално време, додека републиканците за таа цел ќе користат мрежа на смарт телефони.

Годинашните американски претседателски избори ќе чинат околу 2 милијарди и 600 милиони долари, што е за 200 милиони долари помалку од оние пред четири години.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG