Достапни линкови

Скомрахи 2012 во знакот на Август Стриндберг


Театарска претстава на студенти од Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Театарска претстава на студенти од Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Со „Пеликанот“ од Август Стриндберг, што в понеделник на 5 ноември, на сцената на Драмски театар ќе ја изведат студентите од класата на професор Владимир Милчин при Факултетот за драмски уметности од Скопје, ќе започне 21 издание на „Скомрахи“ - манифестацијата која овојпат тематски му е посветена на шведскиот иноватор во драмата и на која учество ќе земат девет академии од земјите во регионов.

Ако знаеме дека и 100 години по неговата смрт, Август Стриндберг, како основоположник и иноватор во своето време, сè уште успева да ја испровоцира театарската публика насекаде во светот, тогаш повеќе од оправдано е што 21-то издание на фестивалот „Скомрахи“ тематски му е посветено на славниот шведски автор. Тоа подразбира дека девет театарски академии и факултети од овој дел на Европа, преку самосвојното читање на „Пеликан“ и на „Госпоѓица Јулија“, преку филмските проекции и работилниците, цела една недела ќе го чествуваат творештвото на скандинавскиот класик.
За прв пат ова негово дело „Пеликанот“ е преведено директно од шведски на македонски, албански и турски, што не е случај со останатите драми на Стриндберг. И, тоа е специјално направено токму за 21-то издание на Скомрахи.

„За прв пат ова негово дело „Пеликанот“ е преведено директно од шведски на македонски, албански и турски, што не е случај со останатите драми на Стриндберг. И, тоа е специјално направено токму за 21-то издание на Скомрахи“, вели Ларс Валунд, амбасадор на Кралството Шведска во Република Македонија.

Притоа тој дополнува дека во Скопје, на манифестацијата ќе гостува и Бјорн Меидал, писател и експерт за делото на Стриндберг кој е предвидено да одржи две работилници за студентите.
Факултетот за драмски уметности и покрај овие тешки времиња во кои се наоѓаме прави големи напори Скомрахите да продолжат со сите оние бенефити што сами по себе ги носат.

„Пеликанот“, покрај студентите од класата на Владимир Милчин, на турски јазик ќе го играат оние што ги води професор Елјеса Касо, ќе има и две видувања на албански што ги потпишуваат нивните колеги од Факултетот за драмски уметности во Тирана што ги посетуваат часовите на Ѓерѓ Превази и оние за кои во Приштина е задолжена Агнес Нокшиќи, а на оригиналниот шведски јазик ќе ни го доловат идните актери од Факултетот за драмски уметности во Стокхолм.

Но она што особено е интересно е што на затворањето на „Скомрахи 2012“ ќе ја проследиме и верзијата на пиесата на четири јазика во режија на Нина Николиќ и Драгана Лукан.
Скомрахи 2012, постер.

Скомрахи 2012, постер.


Николиќ истакнува дека станува збор за една многу интересна мала семејна драма која има исклучително силна психологизација на ликовите што е карактеристика за Стриндберг и смета дека секоја од академиите ќе најде пат да го интерпретира на свој начин.

„Идејата за нивно спојување, покрај фактот што ќе се обидеме да направиме претстава на четири јазици, е и потребата од сите тие поинакви концепти да успееме да реализираме една поинаква, голема претстава во која ќе најдеме начин сето тоа да го поврземе и да добиеме една целина која ќе се карактеризира според сите елементи со нешто што е поинакво од она што е претходно видено во рамките на фестивалот.“

Инаку, на годинашното издание на манифестацијата ќе се претстават и Националната академија за театарска и филмска уметност од Софија, Академијата за сценски уметности од Сараево и Факултетот за драмски уметности од Загреб кои на хрватски ќе ја одиграат „Госпоѓица Јулија“.

Она што е задача на ваквите средби е да се стави посебен акцент врз спецификите на различните култури, да се изнајдат нови пристапи кон креативното творештво и преку размената на искуствата и знаењата, преку директните контакти да се овозможи соработката на идни проекти.

Лазар Секуловски, деканот на Факултетот за драмски уметности во Скопје, забележува дека придобивката од „Скомрахи“ веќе 21 година е евидентна. Тој истакнува дека сите нивни дипломирани и сегашни студенти и тоа како имаат комуникација со сите останати кои што биле и што допрва ќе дојдат на Фестивалот.

„Факултетот за драмски уметности и покрај овие тешки времиња во кои се наоѓаме прави големи напори Скомрахите да продолжат со сите оние бенефити што сами по себе ги носат“, вели Секуловски.

Кон ова само уште информацијата дека авторка на идејното решение на плакатот за „Скомрахи 2012“ е Ника Гавровска.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG