Достапни линкови

Обама: Сенди и го скрши срцето на Америка


Бројот на жртвите од супербурата Сенди се искачи на над 50, а неколку милиони луѓе ќе мора да се помират со фактот дека неколку дена ќе немаат струја, ниту пак јавен превоз. Претседателот Барак Обама предупреди дека невремето се уште не е завршено.

Најпогодени од супер бурата Сенди која во понеделникот како ураган удри во источниот брег на Соединетите Држави се Њујорк и Њу Џерси каде што претседателот Барак Обама прогласи состојба на голема катастрофа.

Тоа значи дека милиони долари федерални средства можат да бидат искористени за спасувачки акции и за чистење на последиците.

„Нема изговор за неактивност. Сакам секоја агенција да обезбеди дека средствата одат онаму каде што е најпотребно.“

​Обама кој оцени дека Сенди и го скрши срцето на земјата изјави дека им порачал на гувернерите на погодените области, доколку добијат негативен одговор на нивните барања, можат лично да ја побараат Белата куќа.
Дури и гуверенерот на Њу Џерси Крис Кристи, еден од најголемите критичари на Обама и поддржувач на неговиот ривал на претседателската трка републиканецот Мит Ромни идната недела, го пофали претседателот за она што го преземал за справување со невремето.

„Повторно се слушнав на телефон со претседателот и тој е решен. Тој знае дека Њу Џерси е најпогоден и решен е да работи со нас за да ги санираме последиците за што сум му благодарен.“

​Кристи оцени дека ќе бидат потребни десетина дена пред да биде обновено снабдувањето со струја.

Со слична проценка излезе и градоначалникот на Њујорк Мајкл Блумберг кој додаде дека најмалку пет дена ќе бидат потребни за повторно да профункционира најголемиот американски транспортен систем, њујоршкото метро.

Нема изговор за неактивност. Сакам секоја агенција да обезбеди дека средствата одат онаму каде што е најпотребно.
Барак Обама, претседател на САД.
„Ова беше уништувачка бура, можеби најлошата што ја имаме доживеано досега. Нашите служби извршија херојска работа во заштитата на градот и неговите граѓани и се уште се борат со пожари и се во спасувачки акции.“

Повеќето аеродроми, железнички линии, патишта и пристаништа кои беа погодени од супербурата и натаму остануваат затворени.

На источниот брег скоро 70 насто од рафинериите не работат, затворени се три нуклеарни реактори, а освен њујоршкото метро се затворени и повеќе мостови, тунели и училишта.

Според некои проценки, Сенди зад себе ќе остави материјална штета од околу 20 милијарди долари, а дополнителни 30 милијарди поради застој на работата на фирмите.

Сепак, експертите сметаат дека штетите во Њујорк и во другите делови на источниот брег долгорочно нема да ја загрози американската економија.

Економистите веруваат дека работите врз обновата на оштетеното ќе придонесат за извесен благ пораст.

Подрачјето погодено со бурата создава 10 отсто од американскиот стопански доход.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG