Достапни линкови

Ураганот Сенди го погоди источниот брег на САД


Над десетина загинати, рекордни поплави и милиони луѓе кои останаа без струја, се првичните последици од ураганот Сенди кој во текот на изминатата ноќ го погоди источниот брег на Соединетите Држави.

Во Њујорк е под вода голем дел од метрото, како и патните тунели во градот каде што илјадници жители останале без електрична енергија. Ураганот со ветришта со сила од скоро 140 километри на час се поврзува и со десетината смртни случаи во единаесет американски држави, пред се во Њу Џерси, Мериленд, Северна Каролина, Мејн, Пенсилванија и Конектикат.

Пред да удри во брегот, ураганот Сенди, според Националниот метеоролошки центар се претворил во посттропска бура. Тоа, пак, значи дека е со помала сила, но и со поширок опсег на подрачјето што го има зафатено.
Сенди е еден од најголемите урагани во американската историја и се проценува дека главните штети ќе бидат поради големите поплави. Силата на ураганот веќе се почувствува и во Чикаго каде што градските власти ги предупредија жителите на можноста од излевање на езерото Мичиген.

Најголемите штети, според експертите, нема да бидат од силните ветрови туку од поплавите што ги предизвика ураганот.
Една недела пред претседателските избори во Соединетите Држави, невремето го наруши и текот на кампањата на двајцата кандидати: претседателот Барак Обама и неговиот ривал од Републиканската партија Мит Ромни кои откажаа неколку нивни настапи.

Обама беше принуден да го откаже собирот во решавачката држава Флорида за да се врати во Вашингтон и да ги надгледува активностите за справување со ураганот.

„Можеби најзначително влијание за повеќето луѓе, освен поплавите, ќе биде повторното снабдување со електрична енергија. Предвидуваме дека ќе има многу паднати дрвја и многу вода“, изјави Обама.

Неговиот противкандидат Ромни пак, мораше да ги откаже собирите во Њу Џерси која се најде во центарот на невремето кое загрози над 60 милиони Американци. Претходно на Карибите, ураганот Сенди однесе скоро 70 човечки животи.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG