Достапни линкови

Се стеснува јамката околу балканските визи


Министрите за внатрешни работи на 27-те земји членки на ЕУ на вчерашниот состанок не го усвоија механизмот за привремена суспензија на безвизниот режим за земјите од Западен Балкан. Реално и нема таква најава бидејќи одлуката е заглавена во Европскиот парламент кој исто така треба да даде мислење. На вчерашниот состанок во Луксембург министрите само се договорија во иднина Европската комисија, заедно со земјите чии граѓани уживаат во слободното движење низ Унијата, да работи одблиску во надминувањето на овој проблем, јави дописникот на МИА од Брисел. Барањето за воведување на т.н. „заштитна клаузула“ со која ЕУ сака во иднина да може привремено да го суспендира безвизниот режим за земјите од Западен Балкан го поднесоа министрите за внатрешни работи на Холандија, Германија, Австрија, Франција, Луксембург и Белгија, а им се придружи и Велика Британија.

Со тоа, министрите практично вршат притисок врз Европскиот парламент што поскоро да го одобри механизмот, а некои од нив најавија и дополнителни мерки кои треба да помогнат враќањето на визите сепак да не се случи.
XS
SM
MD
LG