Достапни линкови

logo-print

ЕУ мерки против азилантите од Западен Балкан


Министрите за внатрешни работи и правосудство на Европската унија на дневен ред на нивниот денешен состанок ја имаат заштитната одредба за привремено запирање на безвизниот режим за оние земји кои го злоупотребуваат. Засега, според најавите, не станува збор за укинување на безвизниот режим, туку за зацврстување на соработката со земјите од Западен Балкан што треба да доведе до намалување на приливот на таканаречните лажни азиланти во Европската унија.

Германија, Белгија, Франција, Луксембург, Холандија и Шведска го предводат притисокот за враќање на визниот режим во Шенгенската зона откако значително се зголеми бројот на луѓето од Западен Балкан кои бараат азил во тие земји.

Само оваа година над шест илјади државјани на Македонија и на Србија аплицираа за азил во Германија со што го надминаа и бројот на авгнистанците кои се обидуваат да дојдат до тој статус.

„Огромниот прилив на српски и македонски државјани мора веднаш да биде стопиран“, изјави деновиве германскиот министер за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих.
Огромниот прилив на српски и македонски државјани мора веднаш да биде стопиран.

Најголем број од нив се Роми кои со доаѓањето на зимата на ваков начин пробуваат да најдат сигурно засолниште.

„Нивната цел е да ја преживеат зимата и пак да се вратат напролет“, вели за Ројтерс Зоран Саиковиќ, претставник на Ромите во градскиот совет на Лесковац.

Процесот за добивање азил може да потрае неколку месеци и за тоа време апликантите добиваат сместување, храна и финансиска помош од 350 евра месечно.

„Им треба извесно време додека ве депортираат. Се надевам дека до тогаш ќе помине зимата“, вели Селајдин, Ром од Скопје.

Организациите за човекови права сметаат дека враќањето на визите освен што ја ќе зголеми дискриминнацијата, исто така ќе и наштети на позицијата на Европската унија во нестабилниот Балкан каде што токму евроитнегративниот процес помогна за смирување на состојбата.
Нивната цел е да ја преживеат зимата и пак да се вратат напролет.

Европската иницијатива за стабилност предупреди дека обновата на визите ќе претставува фундаментална и стратегиска грешка.

„Враќањето на визите ќе биде лош удар за довербата на Унијата во југоисточна Европа“, е оценката на оваа група која додава дека токму укинувањето на визите беше најзначајната одлука во изминатите десет години за натамошното интегрирање на Западен Балкан.

Европската комисија во извештајот до европралемнтот и до Советот на Европа што е на масата на денешниот министерски состанок констатира дека повеќето патници од Западен Балкан го почитуваат безвизниот режим, но оти е потребна поцврста соработка со земјите во регионот.

Особено во откривање на оние што на граѓаните им нудат лажен азил, во контролата на границите, поинтензивна информативна кампања и поголемо вклучување на ромите во образовниот процес, но и нивно вработување.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG