Достапни линкови

logo-print

Живот со 1.200 денари месечно во распадната куќа


Расим Мамудоски, сиромашен човек од кичевското село Челопеци.

Расим Мамудоски, сиромашен човек од кичевското село Челопеци.

Ми се нема случено досега, ама, поради сиромаштијата, може да се случи и крадење, а тоа е лошо, се жали Расим Мамудоски од кичевското село Челопеци.

Расим Мамудоски (37) од кичевското село Челопеци ги живее деновите на својата најтешка судбина. Со илјада и двесте денари социјална помош, без работа, без пријатели, во куќа која секој момент може да се сруши и со долгови поради неплатени сметки. Струјата му е исклучена 4 месеци, должи околу 5.000 денари кон ЕВН, но не може да ги плати. Едноставно пари нема.
Се распаѓа таа куќа, бидејќи не е законски на мене, утре може да им текни да ме избркаат од овде, јас фактички на улица останувам. Три-четири месеци немам струја, немам од каде да платам и сега останувам со свеќа, така живеам. Во зима на свеќа ќе седам и со дрва на шпоретот.

Молел за помош, за работа, за да си го врати достоинството, но ништо. Никој не се осврнал на неговите маки, не посакал да му помогне. Згора, куќата не е негова, секој момент може да го иселат внуците на татко му.
Расим Мамудовски.

Расим Мамудовски.


Куќата била негов имот. А, судбината на домско дете, сираче го следи цел живот. Биолошките родители го оставиле во пелени, во дом за деца без родители. Подоцна Муневерка Мамудоска, невенчана сопруга на Мамут Бекироски од селото Челопеци, го посвоила Расим. Му се радувале, го негувале, сиромашки, но со љубов. Но, откако заминале, почнале огромните проблеми. Бидејќи куќата била имот на татко му, сега неговите внуци сакаат да го иселат, зашто Расим не бил законски посвоен и од Мамут, туку само од мајката старател.

Разочаран сум, ама се каам некој пат и сакам да се стабилизирам, да дојдам во некоја ситуација да не правам други проблеми. Во немањето може сè да биде, да појде човек да кради... Ми се нема случено досега, ама може да се случи, а крадењето е многу лошо, ќе дојде и по затвори да се оди, се плашам од тоа.
„Се распаѓа таа куќа, бидејќи не е законски на мене, утре може да им текни да ме избркаат од овде, јас фактички на улица останувам. Три-четири месеци немам струја, немам од каде да платам и сега останувам со свеќа, така живеам. Во зима на свеќа ќе седам и со дрва на шпоретот“, ја раскажува Расим својата мачна животна приказна.

Соседите му помагаат, му носат од време топла чинија со храна, џемпер во студените зими, за празник го канат на гости. Но, потоа вратите се затвораат, секој заминува во својот дом. А, домот на Расим се распаѓа, како и неговиот живот. Куќата нема под, низ кровот врне дожд во собите, едниот ѕид е срушен, а другите се распаѓаат, каблите од електричната инсталација искорнати висат од сите страни.

„Нормално, гледаат луѓето, туку не ги интересира, си гледаат за себе, за други не им е гајле. Друга помош од државата немам, социјалната помош ми е сè. Од Центарот за социјална работа ми велат дека не можат ништо да направат, доаѓаат еднаш годишно за проверка и си идат повеќе не доаѓаат, само ќе напишат записник“, вели Расим.

Се почести се деновите на голема разочараност кога не може да се справи со целата судбина. Немо гледа во пламенот од свеќата во долгите ноќи, чекајќи ја зората, кога ја слави победата врз злото, кое се надвиснува во неговите мисли.

„Разочаран сум, ама се каам некој пат и сакам да се стабилизирам, да дојдам во некоја ситуација да не правам други проблеми. Во немањето може сè да биде, да појде човек да кради... Ми се нема случено досега, ама може да се случи, а крадењето е многу лошо, ќе дојде и по затвори да се оди, се плашам од тоа.“

Расим моли, бара помош од државата, ако навистина има систем и институции, вели, нема да се случува тој и други луѓе како него да бидат оставени вака сами на себе, да се борат и со себе и со општеството. Работа и стан, вели, моли од институциите.

„Зарем е толку многу за едно дете без родители чија мајка е државата?“, прашува Расим.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG