Достапни линкови

Неделниците ги анализираат меѓуетничките односи


Стрелецот на голот Агим Ибраими на мечот против Србија.
Стрелецот на голот Агим Ибраими на мечот против Србија.

Фокус, Република и Граѓански се занимаваат со меѓуетничките односи, додека Капитал се осврнува на спорот за името и евроинтеграциите.

Фокус - Ни сто гола нема да ја намалат омразата кон Албанците?!
Пенал, гол, Македонија ја победува Србија. За пеналот е заслужен Албанец, голот го дава Албанец, а со третиот Албанец се веројатно најдобри во тимот. И одеднаш се раѓа надеж, дека тоа ќе го залепи она што го кршат политичарите. За жал, не е така. Спортските успеси го јакнат духот, но не ја одржуваат нацијата.
Фокус

„Ни сто гола нема да ја намалат омразата кон Албанците?!“, со прашалник и извичник гласи насловот на уводникот во Фокус, кој потоа прави една непријатна реминисценција на нашето поблиско минато. Пенал, гол, Македонија ја победува Србија. За пеналот е заслужен Албанец, голот го дава Албанец, а со третиот Албанец се веројатно најдобри во тимот. И одеднаш се раѓа надеж, дека тоа ќе го залепи она што го кршат политичарите. За жал, пишува Фокус, не е така. Спортските успеси го јакнат духот, но не ја одржуваат нацијата. Најчесто, токму на стадионите се навестува распадот на државите. Сетете се, впрочем, на СФРЈ. И светски шампиони создаде, а заврши така како што заврши!

Република - ДУИ купува време - Рафал од 5.000 ќор-фишеци кон бранителите
Дали датумот за преговори ќе биде доволна мамка за премиерот Груевски да го проголта морковот од ЕУ и да го спроведе решението за името, ќе зависи само од храброста на Владата.
Капитал.

„ДУИ купува време - Рафал од 5.000 ќор-фишеци кон бранителите“ - е насловен текстот во политичката рубрика на Република кој буричка по непријатните спомени на конфликтот од пред десетина години и кој можеби ја објаснува скепсата на уводничарот на Фокус. Бранителите, пишува неделникот, кои во 2001-та се бореа против ОНА, сега водат сосема поинаква битка за своите права против, како што вели авторот, конвертираните парламентарци на ДУИ. ДУИ предложи илјадници амандмани на законот предложен од коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ кои ќе бидат презентирани со недели, можеби со месеци. А, помирување? Тој што пука и тој што се брани не може да тежат еднакво на чија и да е добро баждарена вага, непријатно заканувачки прозвучува крајот на текстот во Република.

Граѓански - Османи: Нема да дозволиме Собранието да донесе дискриминирачки закон

Неделникот Граѓански објавува големо интервју со портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, во кое тој, покрај другото, вели: „Нема да дозволиме Собранието, по пат на етничко надгласување да донесе закон што е едностран, дискриминирачки и со силен општествено дезинтегрирачки потенцијал“. Во интервјуто, Османи исто така му забележува на СДСМ за популизам затоа што, како што вели, скршна од патот на кој преземаше државнички чекори за помирување, подготвен да ја плати политичката цена.

Капитал - Во 2008 година Груевски избегна компромис преку избори... како ќе игра сега?

Капитал се занимава со политика, па во текстот под наслов: „Во 2008 година Груевски избегна компромис преку избори... како ќе игра сега?“, тврди, повикувајќи се на свои извори во Брисел, дека компромисот за името бил веќе постигнат и дека сега сè било во рацете на Владата. Ќе се знае, тврделе бриселските извори, дали премиерот е решен да го спроведе она што Брисел одамна го одлучил, или повторно одговорноста ќе ја избегне со избори. Дали датумот за преговори ќе биде доволна мамка за премиерот Груевски да го проголта морковот од ЕУ и да го спроведе решението за името, ќе зависи само од храброста на Владата, пишува покрај другото Капитал.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG