Достапни линкови

Евроинтеграциите ќе ги релаксираат меѓуетничките односи


„Марш за мир“, во организација на неколку невладини организации, 17 март 2012.
„Марш за мир“, во организација на неколку невладини организации, 17 март 2012.

Придвижувањето на процесот за проширување на следна фаза, ќе помогне да се зацврстат меѓуетничките односи. Тоа не е реакција на ситуацијата во Македонија, тоа е повеќе еден вид охрабрување да се зацврстат и подобрат меѓуетничките односи, вели британскиот амбасадор во земјава, Кристофер Ивон.

Општоприфатен е ставот дека развојот на меѓуетничките односи и демократијата во едно општество одат рака под рака. Според меѓународните претставници во земјава евроинтегративниот процес на Македонија може да има позитивен развој во градењето на меѓуетничката доверба. Британскиот амбасадор во земјава, Кристофер Ивон не се согласува дека Унијата ни дала препорака за отпочнување на преговорите по четврти пат, за да се избегне опасноста од влошување на меѓуетничките односи, но сепак додава дека евроинтеграциите ќе помогнат тие да се зацврстат.
Придвижувањето на процесот за проширување на следна фаза, ќе помогне да се зацврстат меѓуетничките односи. Тоа не е реакција на ситуацијата во Македонија, тоа е повеќе еден вид охрабрување да се зацврстат и подобрат меѓуетничките односи.
Кристофер Ивон, британски амбасадор во Македонија.

Средба на премиерот Никола Груевски и комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Штефан Филе, 15 март 2012.
Средба на премиерот Никола Груевски и комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Штефан Филе, 15 март 2012.
„Придвижувањето на процесот за проширување на следна фаза, ќе помогне да се зацврстат меѓуетничките односи. Тоа не е реакција на ситуацијата во Македонија, тоа е повеќе еден вид охрабрување да се зацврстат и подобрат меѓуетничките односи. На крајот на краиштата,Охридскиот рамковен договор на пример е дел од дијалогот на високо ниво, па можете да видите како тие две работи одат едно со друго, и мислам дека тоа е токму тоа што комесарот за проширување сакаше да го каже, поддршка на меѓуетничките односи преку евроинтегративниот процес, вели амбасадорот Ивон во неделното интервју на радио Слободна Европа.
Се додека не преминеме на тоа ниво прво да ја развиваме демократијата, а меѓуетничките односи да се појават како соодветен резултат на овој развој, се дотогаш ние нема да успееме вистински да навлеземе во тие евроинтегративни процеси.
Мирјана Најчевска, универзитетски професор.

Иако меѓуетничките односи се постојана тема на расправи во земјава, се стекнува впечаток дека во ниту еден момент за нив не се размислува низ призмата на граѓанското општество, вели универзитетскиот професор Мирјана Најчевска.

Според неа евроинтегративните процеси кои ја промовираат демократијата треба да ја дадат базата за натамошен развој на меѓуетничките односи, но не како основа за развој на демократијата, туку како резултат на развојот на демократските вредности.

„Се додека не преминеме на тоа ниво прво да ја развиваме демократијата, а меѓуетничките односи да се појават како соодветен резултат на овој развој, се дотогаш ние нема да успееме вистински да навлеземе во тие евроинтегративни процеси.“

Токму евроинтеграциите се една од ретките цели кои ги поврзуваат и кои им се заеднички на Македонците и Албанците во ова општество, смета политичкиот аналитичар Рамадан Рамадани од институтот за слободно мислење НИСМА.

„Иако во дадени историски моменти Македонците и Албанците како помнозински заедници во државата бил свртени едни кон други со грб, но Европа била правец кон кој тие се свртувале.“

Според Рамадани, покрај прашањето за името и добрососедските односи, Европската Унија се повеќе ја акцентира потребата од внатрешна кохезија и висок степен на меѓуетничка толеранција во општеството на нашиот пат кон евроатланските структури.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG