Достапни линкови

logo-print

Моќна и авангардна програма на Скопскиот џез фестивал


Ентони Брекстон, американски композитор, саксофонист, кларинетист, флејтист и пијанист.

Ентони Брекстон, американски композитор, саксофонист, кларинетист, флејтист и пијанист.

Со концертот на квартетот на големиот чикашки саксофонист Ентони Брекстон, утревечер од 20 часот во Салонот на Македонската опера и балет, ќе започне годинашното, 31 издание на „Скопски џез-фестивал“.

Скопје, од 19 до 23 октомври, наново ќе пулсира во ритамот на најслободната музичка форма – џезот. По 31 пат ќе ни се случи „Скопски џез фестивал“, манифестацијата што во годините наназад не навикна, барем за кратко, да бидеме дел од глобалните светски културни процеси и да ја чествуваме музиката на големите мајстори.
Ел трио, Бенавент - Ди Џералдо - Пардо.

Ел трио, Бенавент - Ди Џералдо - Пардо.


Ние сме убедени дека направивме интересна и многу разновидна програма. Овие пет дена што следуваат треба да бидат некаков празник на џезот и како што мнозина велат за тоа време да излеземе малку од Скопје иако ќе бидеме во градот.
Овојпат, серијата перформанси ќе ја започне саксофонистот Ентони Брекстон, човекот кој повеќе од четири децении смело ги редефинира границите на современата американска музика. Оној кого критичарите одамна го нарекуваат „гениј“, „брилијантен артист кој постојано наметнува нови предизвици“, на своето второ гостување на манифестацијата доаѓа со својот најнов ансамбл „Diamond curtain wall“ кој, пак, донесува бран свежина во просторот каде што се вкрстуваат креативната слобода и одговорноста, дисциплината и енергијата, визијата и почитта кон традицијата.
Скопски џез фестивал 2012, постер.

Скопски џез фестивал 2012, постер.


Првата вечер во МОБ не случајно ќе биде заокружена со настапот на Данецот Пјер Дорг и неговиот „Њу џангл оркестра“, музичарите кои креираат успешен микс на азиска, африканска, афро-американска и се разбира, европска традиција.

Во сабота, на истата сцена, најнапред ќе ги видиме и чуеме триото на феноменалниот бразилски виолинист Рикардо Херз (свинг, грув, шармантни импровизации и сè она што може да биде карактеристично за стиловите форо и шоро), а потем и Шпанците Карлес Бенавент на бас, тапанарот Тино ди Џералдо и саксофонистот и флејтист Хорхе Падро, музичари кои се сметаат за исклучителни мајстори во фламенко-џез фузијата.

Третата вечер тематски ќе не одведе до денешнината на европскиот џез. Притоа ќе имаме можност да ги чуеме триото на швајцарскиот пијанист Малколм Браф кој техничкото мајсторство на својот инструмент го има доведено до совршенство, а потем и „Атомик“, шведско-норвешкиот бенд што во последно време се смета за еден од предводниците на тамошната иновативна сцена.

На 22 октомври случувањата во Универзална сала ќе ги отвори славниот Пет Мартино, кој важи за еден од највозбудливите американски џез-гитаристи и досега соработувал со легенди како Сони Стит, Чик Кореа, Стенли Кларк и други. Тој по преживеаниот мозочен удар во 1980-та на музиката и се врати посилен од кога било и се стекна со неколку номинации за Греми, а во 2004 беше прогласен и за гитарист на годината од престижниот „Даунбит“.

По него со нетрпение ќе се очекува и настапот на квинтетот на Амброуз Акинмусери, кој иако млад и само со еден албум зад себе („When The Heart Emerges Glistening“) за прочуената „Блу ноут“, веќе го има признанието од Асоцијацијата на џез новинари - „Трубач на годината за 2012“.

И, конечно петтата фестивалска ноќ е предвидено да ни ги претстави квартетот на Томаж Станко, „полскиот Мајлс Дејвис“ и водечкиот џез трубач и композитор кој во изминатиот половина век одигра витална улога на авангардната сцена од обете страни на Атлантикот, а потем и проектот „Мајлс смајлс“ во кој врз музиката на својот ментор се нафрлаат некои од најзначајните музичари на денешнината како трубачот Валас Руни, саксофонистот Рик Маргица, гитаристот Лари Кориел, клавијатуристот Џои Дифранческо, басистот Дарил Џонс и тапанарот Омар Хаким.

Инаку, не помалку возбудливи ќе бидат и концертите во рамките на пополноќната програма која ќе се одвива во Сити-хол центарот каде е предвидено да музицираат реоформениот легендарен сенегалски состав „Ле шанел“, потоа Ентони Џозеф и „Спасм бенд“ кои ќе го донесат својот спој на фри-џез и афро-карипски фанк, Шкотите „Хиден оркестра“, чија музика ги содржи и редефинира џезот, класиката, рокот, хип-хопот и електрониката и конечно моќните „Д Тинг“ предводени од разулавениот саксофонист Матс Густавсон со гласникот на радикалната џез авангарда Џо Мекфи.

„Ние сме убедени дека направивме интересна и многу разновидна програма. Овие пет дена што следуваат треба да бидат некаков празник на џезот и како што мнозина велат за тоа време да излеземе малку од Скопје иако ќе бидеме во градот“, вели Оливер Белопета.

Џез-фестивалот овој пат нуди и еден дополнителен перформанс како оф-програма. На 28 октомври, во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се концертот на групата балкански музичари „Бекјард џез-оркестра“ што го состави Гете институт, кој патем е одговорен и за фото-изложбата „Историја на германскиот џез“ која што ќе се случува за време на манифестацијата. Од друга страна, со идеја за поддршка на македонската џез сцена годинава продукцијата „Скопски џез фестивал“ ќе го промовира и албумот „Бостон“ на Тони Китановски, Грег Хопкинс и нивните пријатели.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG