Достапни линкови

Малеска - Евроинтеграциите се меѓуетничкото лепило


Интервју со Мирјана Малеска
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:20 0:00

Интервју со Мирјана Малеска.

И овој позитивен извештај е притисок, велат чекајте, немојте да се карате, немојте да ја растурите државата, немојте да ја растурите коалицијата, имате прилика да влезете во една поширока интеграција која ќе ви носи подобри бенефити, пробајте да го решите проблемот, вели професор Мирјана Малеска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професор Малеска, она што падна во очи со годинaшниот извештај е дека меѓуетничките односи и политичката криза воопшто, иако се случуваа пред објавувањето на извештајот, овојпат не беа наведени како забелешка, туку како мотив кој може да послужи земјава да се поттикне да направи исчекор нанапред. Зошто?

Мислам дека европските дипломати, политичари, ја набљудуваат ситуацијата тука и сфаќаат дека најслабата страна на овој систем, на оваа држава се меѓуетничките односи. Ако тие се лоши, може да дојде до посериозна криза, веројатно не може да се случи повторно вооружен конфликт, меѓутоа доволно е да се парализира системот и да не можеме, да не бидеме, во состојба да се концентрираме на она што е наша задача, реформите, кои ќе ни помогнат да се придружиме на западноевропските, високо развиени земји. Значи целата енергија ќе ни отиде во решавање на меѓуетничките односи. Знаејќи го овој факт којшто од 2001 до денеска многу е евидентен дека е така, тие се погрижија во овој извештај да не поттикнат, да ја поттикнат власта, владата пред се, да работи на тоа да бидат што подобри овие односи, за да не го трошиме целото време и енергија за решавање на меѓуетничка криза. И во таа смисла, да служат како поттик овие позитивни оценки во извештајот, иако самиот извештај започнува токму со потребата да се работи на подобрување на меѓуетничките односи како еден перманентен дијалог, токму зборот дијалог е спомнат во извештајот.

Дали можеби токму опасноста од влошување на меѓуетничките односи не доведе до еден таков теснец, да ни се подаде рака, но под услов да најдеме најскоро што можеме решение на спорот за името во таа така наречена рана фаза од евентуалното почнување на преговори со Унијата?

Досега барем оваа власт не демонстрираше, односно партијата ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер како влада, како поголем партнер во власта, не демонстрираа дека се спремни баш толку бргу да го решат овој спор без оглед што во меѓувреме поминавме низ една, две, три да ги наречам така, кризи на владата, кои можеа да се претворат во меѓуетничка криза од пошироки рамки. Значи ги поминавме тие кризи и ништо не се случи во однос на овој процес на решавање на името, не гледам како тоа и сега ќе се случи. Особено што имаше некои изјави на претседателот на државата дека тој ќе се бори за секој дел од нашиот идентитет, нема да отстапи, меѓутоа на тој начин мислам дека се загрозуваат токму меѓуетничките односи, бидејќи ако околу нешто во оваа држава се согласуваат Македонците и Албанците, а тоа нешто исто така може да ги раздели, тоа е да се забрза тој процес на интеграција во евро-атлантските структури.

За жал во овој период не гледаме подготвеност кај владините партнери да изнајдат решение на кризата. Што очекувате да направат во наредниот период за разврска на целата ситуација?

Во принцип коалициските влади се понестабилни од оние кои се создаваат со мнозински изборен систем, значи ние сме на некој начин осудени на извесна нестабилност. Но оваа криза по мое мислење се разликува од претходните, бидејќи за мене ова е криза на легитимитет на власта. Зошто на легитимитет на власта? Ако политичките лидери на Албанците кои ги контролираат општините во кои победиле, а тоа се добар дел од општините со албанско мнозинство, кажат ние нема да го почитуваме законот за донесување на одлуки со вето, ќе ги именуваме училиштата како што сакаме надвор од она што е законска процедура, ние мислиме дека сме во право и што и да се случи ние ќе се однесуваме така како што ние мислиме, тоа е непочитување на закон, тоа не е правна држава, се подрива правната држава. Но од друга страна, според мене, тоа е реакција на она што мнозинството го прави, на она што го прави ВМРО-ДПМНЕ во владата. Според мене, јас од тој принцип поаѓам, мнозинството е поодговорно за она што се случува во оваа држава и во таа смисла наоѓам, дека не беше паметно, ниту добро да се подигне, да се почне процедура со овој закон за бранителите, а да се изземат Албанците од него, односно припадниците на поранешната герила. Тоа значи дека двете заедници, пред се политичарите кои се најодговорни за тоа, но и граѓанскиот сектор, едукативните институции, не се работело овие десет години во доволна мерка на помирување. А, што е првиот чекор на помирување? Па, да признаеме дека и Македонците се виновни за конфликтот, а не само Албанците. Тоа е првиот чекор и ние сме виновни и вие сте виновни, па да видиме сега како ќе одиме понатаму, а тоа не е сторено или не е во доволна мера, за што зборува и оваа криза сега.

Каква разврска очекувате во таа смисла на целата ситуација, со оглед на тоа што и после интерпелацијата владините партнери останаа на своите позиции?

За мене добар знак е тоа што коалицискиот партнер ДУИ се обидува колку - толку да остане во некои легални рамки. Ја читав изјавата на Невзат Бејта за преименување на улиците во Гостивар, каде мора да се согласат и советниците од македонска националност, бидејќи тоа е тоа право на вето, што го имаме и на национално ниво, дали ќе се менуваат имињата на улиците или не. И тој вели секако ќе ги смениме, но првин да ја почекаме законската процедура, да видиме како ќе оди законската процедура, тоа за мене е еден добар знак, ако се почитува законот. Но не е толку законот во прашање, колку што е големиот притисок од меѓународната заедница, и овој позитивен извештај е притисок, овие позитивни оценки за нас, велат чекајте немојте да се карате, немојте да ја растурите државата, немојте да ја растурите коалицијата, имате прилика да влезете во една поширока интеграција која ќе ви носи подобри бенефити, пробајте да го решите проблемот. Тоа според мене е број еден притисок што не држи, ни дава време со други зборови, да се акомодираме едни на други, да се прилагодиме едни на други, и едната и другата страна да проголтаме некои горчливи работи и евентуално да се надмине кризата. Во моментот како што гледате е затишје и веројатно сите ќе размислат дали е паметно да се сруши власта и да се доведат во прашање сите досегашни придобивки. Мислам дека многу ќе размислат партиите кои се на власт.

Дали целата оваа криза во која западнаа е само производ на тоа што овој пауер шеринг за кој зборувавте, елитите си го сфатија како борба за интереси, наместо како борба за некакво обединување, интегрирање на луѓето од различни припадности?

Тоа е дел од нашата култура и од нашата политичка култура. Има многу насилни елементи во нашата секојдневна култура, погледнете што се се случува од улиците па до она што е политичка култура. Кога станува збор за политичка култура, би рекла дека власта тука се разбира како моќ, само како моќ, а политиката како практицирање на моќ. Јас имам легитимитет, мене граѓаните ми го дали и јас ќе правам што сакам. Тоа е една надмината ситуација, денеска таа така не функционира и се гледа веднаш влегуваме во криза. Прво не функционира во една мултиетничко општество. Не можеш да бидеш прекумерен патриот во држава во која 25, 30 отсто има други етникуми, кои имаат други гледишта и потреби. Значи сето тоа треба да биде многу умерено, со многу внимание, со голема мерка и со суптилно однесување на мнозинството да не се навредат малцинствата, а и обратно исто така се очекува. Власта има два аспекти, од една страна таа е моќ, тие се на власт, со мнозинство можат да носат одлуки какви што сакаат, но власта е и соработка, власта е акомодација едни на други и се повеќе во една мултиетничка држава, тука треба да се стави акцентот. Значи прва работа што треба да и биде на секоја власт е како секојдневно да ги подобрува меѓуетничките односи, како да ја зголемува довербата меѓу заедниците, оти довербата тешко се гради, треба години за тоа, а толку лесно се губи. Значи да се поттикнуваат проекти кои одат преку овие етнички линии. За првпат сега видов дека група деца од различни националности ги однеле во Охрид на заеднични работилници, но зарем требаше 10 години за тоа? Се што е финансирано за подобрување на меѓуетничките односи во земјата, е финансирано од страна на странските невладини организации и агенции. Па зар се тие позаинтересирани за мирот и стабилноста на државата, отколку што сме ние? Не видов еден универзитет да има програма и да сака, да манифестира и да даде резултат со проекти на преминување на овие меѓуетнички граници. Значи тоа е нивото, така е разбран моделот на споделување на власта - Јас ќе си владеам на моја територија, вие владејте си на ваша и нема да си се мешаме воопшто. Тоа е неодржливо, не е тоа духот на Охридскиот договор, не е тоа што се вели во политичката теорија - акомодација која има за цел интегрирано општество. Значи овој модел има за цел интегрирано општество, е сега на нас останува да покажеме дали навистина го сакаме.
XS
SM
MD
LG