Достапни линкови

Што „кријат“ временските рамки на ЕУ?


Еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Со предлогот на Европската комисија за отпочнување на преговорите за членство, но со услов спорот за името да се реши во „раната фаза“, ЕУ директно се вклучува и притиска за брзо решавање на спорот со Грција, анализираат експертите.

Како притисок на Европската унија да се затвори ова прашање, но и како директно вклучување на оваа институција во процесот на македонските евроинтеграции. Вака, според домашните аналитичари, треба да се сфати предлогот на Европската комисија за отпочнување на преговорите за членство, но со услов спорот за името да се реши во „раната фаза“.
Во таа рана прва фаза значи ќе има притисок и врз Република Македонија и врз Грција и тоа ќе значи дека ние, односно владата треба да биде подготвена дека нема веќе ескивирање, нема гледање на проблемот про форма, декларативно желба да се реши проблемот.

„Во таа рана прва фаза значи ќе има притисок и врз Република Македонија и врз Грција и тоа ќе значи дека ние, односно владата треба да биде подготвена дека нема веќе ескивирање, нема гледање на проблемот про форма, декларативно желба да се реши проблемот“, вели политичкиот аналитичар Исмет Рамадани.
Евроамбасадорот Аиов Орав му го презентира извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на претседателот Ѓорге Иванов во Скопје.

Евроамбасадорот Аиов Орав му го презентира извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на претседателот Ѓорге Иванов во Скопје.


Оценувајќи го како исклучително позитивен предлогот на Комисијата за отпочнување паралелни преговори за членство и за спорот со името, универзитетскиот професор Димитар Мирчев очекува евентуалните преговори за членство да траат пократко во однос на другите земји аспиранти. Иако не може да предвиди колку терминот „рана фаза“ ќе ги забрза преговорите за името, се надева на брз развој и на овој процес.
Сега се доста јасни ставовите на двете страни, мислам дека и тие може да бидат пократки од досега, да се одмрзне тој процес и како што е речено, во раната фаза би можело да се разрешат.

„Бидејќи сега се доста јасни ставовите на двете страни, мислам дека и тие може да бидат пократки од досега, да се одмрзне тој процес и како што е речено, во раната фаза би можело да се разрешат“, вели Мирчев.

Во периодот пред декемврискиот самит на Европскиот совет, македонските власти треба да внимаваат на политиките кои ги водат кон јужниот сосед. Со дела да покажат дека евроатланска определба не е само декларативна, вели Рамадани. На меморандумот за разбирање од грчка страна треба да се одговори позитивно, порачува тој.

„Треба меморандумот од Република Грција како таков да го прифатиме. Ние внатре во Република Македонија да градиме еден консензус меѓу власта и опозицијата, меѓуетнички консензус и сето тоа да го издејствуваме добро во рамките на тоа што ни е дадено како шанса од ЕУ“, вели Рамадани.

Професор Мирчев вели дека одговорот на министерот за надворешни работи Никола Попоски поволно реагирал на меморандумот за разбирање. Очекува со добра политичка волја да се дојде до заеднички прифатлив документ.

„Јас не мислам дека е значително подобар од, да кажеме, времената спогодба од 1995 година, но секој документ што ја одразува оваа реалност сега би помогнал и во завршување на разговорите за името“, вели Мирчев.

Меморандумот, премиерот Никола Груевски го оцени како обид за воспоставување на комуникација на Грција со Македонија, додавајќи дека во иднина се надева оти таа комуникација ќе биде посуштинска.

Еврокомесарот Штефан Филе изрази надеж дека Скопје ќе одговори позитивно на ваквите иницијативи што, пак, според него, ќе создаде подобра атмосфера меѓу двете страни за конечно решавање на билатералниот спор.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG