Достапни линкови

logo-print

Пировска - Атак врз слободата на изразување


Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет на Македонија.

Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет на Македонија.

Освен незнаење, постои и јасно изразена тенденција да се конципираат одредби кои ќе оставаат простор за злоупотреба од страна на државните органи и институции, вели Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет на Македонија.

Целиот процес на носење на законот за декриминализација на клеветата да се врати назад и во неговата изработка, освен ЗНМ, да се вклучи и граѓанскиот сектор, бараат неколку граѓански организации.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет на Македонија Уранија Пировска вели дека имаат бројни сериозни забелешки и на содржината на предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, но и на, како што вели, нетранспарентното водење на целата постапка.

Имате сериозни критики дека законот ќе влијае на слободата на изразување во Македонија. И досега има забелешки дека слободата на изразување не е на високо ниво, како ова дополнително ќе ја влоши?

Јас мислам дека ако овој закон пројде ваков каков што е, во Република Македонија ќе настапи тотално замрачување на слободата на изразување. Станува збор за закон кој не ги опфаќа само новинарите, медиумите, станува збор за закон кој утврдува граѓанска одговорност, значи го опфаќа целото граѓанство, ги опфаќа граѓаните кои го користат интернет просторот. Значи мислам дека не станува збор само за тоа дека ќе дојдеме до автоцензура бидејќи таква постои, туку ќе дојде до апсолутна попреченост на граѓаните да го изразат тоа што го мислат, да ги изразат своите ставови. Мислам дека тоа е многу сериозно и многу може да влијае врз демократските процеси во Република Македонија.

Што би значело тоа во пракса?

Тоа би значело да се воведе уште еден да речеме повисок степен на страв и повисок степен на лимитираност на сите субјекти во општеството. Ние не зборуваме само за правни субјекти, не зборуваме за медиуми, зборуваме и за активисти за човекови права, коишто со овој закон исто така ќе бидат во голема мера на удар.

Дали навистина одредбите од законот се толку лоши или потекнуваат од нашиот колективен страв од судството кое е под политички притисок или под притисок на други моќници?

Стравот е една работа. Перцепцијата на граѓаните и на граѓанските организации дека одредбите се несоодветни, не станува збор само за перцепција. Станува збор за конкретни недоследности, станува збор за сосема погрешна концепција. Имаше изјава дека некои делови од одредбите од законот фактички биле погрешно преведени кога станува збор за интернет просторот, користењето на интернет просторот од страна на граѓаните. Јас сметам дека овој закон е донесен на многу непрофесионален начин, донесен е во брзање. Сведоци сме дека не само овој закон, во последните месеци се носат на брзање и другите закони што беа донесени. Ние постојано утврдуваме празнини, недоследности и конфузности во законите кои понатаму креираат простор за манипулација и за злоупотреба од страна на оние кои ќе го споредуваат законот. Така што ние сме сите на удар, зборувам за активистите за човекови права.

Рековте дека имате бројни забелешки, не за еден или за два члена, туку за целиот закон.

Стриктно зборуваме сега за оние закони кои се носат, а имаат врска со слободата на изразување, значи освен за овој закон за утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета, зборуваме и за измени во Кривичниот законик и за закон кој го утврдува начинот на регистрирање на странските дописници. Ние и тука утврдивме недоследности. Ние за сите овие закони ќе излеземе со севкупна анализа.

Добро, ова се сериозни закони, сте утврдиле многу недоследности. За што се работи, за незнаење или за намера да се ограничи слободата на говор?

Јас пред се мислам дека освен незнаење, тука постои и јасно изразена тенденција, да се конципираат одредби кои ќе оставаат понатаму простор за злоупотреба од страна на државните органи и институции.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG