Достапни линкови

logo-print

Класична комедија за збунетиот човек и збунетиот свет


Театарската претстава „За секого има по една“ во изведба на „Театар Комедија“ од Скопје.

Театарската претстава „За секого има по една“ во изведба на „Театар Комедија“ од Скопје.

„За секого има по една“, новиот драмски текст на Венко Андоновски, во режија на Владлен Александров од Бугарија, утревечер од 20 часот, ќе ја доживее својата праизведба како втора претстава на новоформираниот Театар „Комедија“. Станува збор за комедија на апсурдот чија цел е не само да ја насмее публиката, туку бавејќи се со сегашноста да прати одредена порака.

Ако стравот од смртта се победува само со комичното и со смеата, ако солзите и смеата се исто, ако гробиштата се место каде што се покажуваат апсурдноста и комичноста на сите наши амбиции, ако некој политичар си го режира сопствениот закоп додека е жив, ако еден безнадежен кандидат за возач се обучува на гробишта затоа што таму е најбезбедно, и ако уште таму прегази пешак, ако таму се раѓаат нови љубови и ноќе работи една јавна куќа... е тогаш се добива „За секого има по една“.
Станува збор за комедија чие дејство се одвива на гробишта и тоа е она што веројатно прво ќе ги одбие, а потоа ќе ги привлече гледачите, затоа што тие гробишта кај мене се целосно метафорични, едно место каде што се испреплетуваат сите можни општествени односи.

Ова ќе го запише Венко Андоновски за својата „комедија на целосна забуна, каде комичното е збунето од трагичното и трагичното од комичното“, што во режија на Владлен Александров ќе го почне своето битисување како втора претстава на Театар „Комедија“. Тој истакнува дека отсекогаш сакал да напише класична комедија, зашто, според него, комедијата е најтешкиот и најсериозниот жанр во драмата и дека притоа идоли му биле ненадминатиот Бранислав Нушиќ и секако Душан Ковачевиќ.

„Станува збор за комедија чие дејство се одвива на гробишта и тоа е она што веројатно прво ќе ги одбие, а потоа ќе ги привлече гледачите, затоа што тие гробишта кај мене се целосно метафорични, едно место каде што се испреплетуваат сите можни општествени односи“, вели Андоновски.
Ова е претстава за времето во кое живееме. Тоа е најважното нешто. Ние не се обидуваме просто да разговараме со гледачот за ситуации кои се зад нас. Ние разговараме за денешниот ден, за денот во кој живееме, а можеби и за нашата иднина. За она што се случува околу нас и за тоа што ќе се случи.

Режисерот, пак, Владлен Александров, кој пред нешто повеќе од 15 години со бугарски актери ја постави „Бунт во домот за старци“ на Андоновски и така си ги отвори портите за соработка со македонските театри, смета дека кога една држава има храброст да направи театар на комедијата, театар на сатирата, тогаш не се плаши од критиката на своите пропусти оти смешното, како што вели, е „повисок жанр, повисока филозофска и естетичка категорија“. Тој истакнува дека за нив не било важно да направат обична комедија, туку да појдат понатаму и да креираат проект во кој ќе има и сатира, фарса, водвиљ и така да му се приближат на големиот Гогољ.

„Ова е претстава за времето во кое живееме. Тоа е најважното нешто. Ние не се обидуваме просто да разговараме со гледачот за ситуации кои се зад нас. Ние разговараме за денешниот ден, за денот во кој живееме, а можеби и за нашата иднина. За она што се случува околу нас и за тоа што ќе се случи.“

Во „За секого има по една“ играат 13 актери, осум од Театар „Комедија“ и петмина гости, претежно од Драмски театар: Зорица Стојановска, Роберт Вељановски, Атанас Атанасовски, Филип Трајковиќ, Ердоан Максут, Роберт Ристов, Нина Деан, Едмонд Сотир, Крсте Јовановски, Валентин Костадиновски, Жарко Димоски, Илија Илиоски и Катерина Шехтанска-Лаковска.

За нив, Александров забележува дека му станале „собеседници“ и дека актерите „поседуваат генерирачки натрупана творечка енергија“, а Андоновски оди до таму што истакнува оти по првпат соработува со „екипа која како да е отхранета на радиоактивна актерска храна и која како да пиела керозин“.

„Она што посебно ме бендиса е што без никаков респект кон мене и кон мојот текст му пристапија отворено и го направија поубав“, вели Андоновски.

Кон ова само уште информациите дека сценографијата е на Тихомир Спировски, костимите на Илина Ангеловска, кореографијата на Нина Деан, а изборот на музиката е на самиот режисер. Јелена Жугиќ, директорката на Театар „Комедија“, дополнува дека е сигурна оти имаат „уште една хит-претстава“ и дека затоа ќе тргнат поагресивно во нејзиното медиумско претставување, а за втората половина на овој месец го најавува и почетокот на третиот проект на овој театарски ансамбл - „Женидба“ на Гогољ за чија режија ќе биде задолжен Дејан Пројковски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG