Достапни линкови

logo-print

Црвенковски бара итна измена на изборното законодавство


Лидерот на опозицискиот СДСМ Бранко Црвенковски оцени дека по исходот од гласањето за доверба на Владата станало „сосема јасно дека не постои никаква криза во коалициските односи помеѓу ВМРО–ДПМНЕ и ДУИ“. Побара итни измени на изборното законодавство за да се види, како што рече, кој, кога и колку сака предвремени парламентарни избори.

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, според Црвенковски, како што гласале сложно синоќа, така треба и денеска да се договорат за, како што рече, „законот за бранители, за имињата и таблите на училиштата, за паралелките во Аеродром, Чаир и Сарај, за почитувањето на хиерархијата и одговорноста во АРМ и пред се, за почитување на законите и институциите во оваа земја“.

Со цел да се прекине, рече Црвенковски, ова замајување и манипулирање со јавноста, кој колку и кога сака предвремени парламентарни избори, ја повикуваме Владата под итно, веќе од понеделник да предложи измени на изборниот закон во согласност со препораките на ОБСЕ и ОДИХР и во најкус можен рок прочистување на избирачкиот список.

„Доколку во разумен рок од неколку дена Владата тоа не го направи, СДСМ ќе поднесе свој предлог за измени на изборното законодавство до Собранието на Република Македонија. После тоа ќе стане сосема јасно кој е, а кој не е подготвен за соочување со волјата на народот“, рече Црвенковски.

Тој рече дека ако владата не е подготвена да предложи измени на изборното законодавство во согласност со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, тоа ќе значи оти не е подготвена да организира фер и демократски избори.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во реакцијата на денешната прес-конференција на Црвенковски, оценува дека неговото обраќање е за да се покрие лошиот впечаток во јавноста за СДСМ, по, како што наведувата, „вчерашниот исклучително слаб, блед и збунет настап на пратеничката група на СДСМ во Собранието“.
XS
SM
MD
LG