Достапни линкови

Жестока реторика на седницата за интерпелација


Со споредби со Милошевиќ и обвинувања за корупција, опозицијата жестоко ја нападна владата на почетокот на седницата за интерпелација.

Оваа Влада направи денес да не можеме да ја препознаеме нашата држава, онаква каква што ја сакаме и каква што треба да изгледа. Со оваа Влада ќе биде уште полошо, рече во образложението за интерпелација на Владата, пратеникот Игор Ивановски од СДСМ.
Денес господине Груевски падна Милошевиќ, политичарот со чие владеење имате најмногу сличности. Петти октомври, среќен за Србија, а дај Боже и за Македонија.

„Наместо принципот на одговорно и законско водење на државата, се инсталира принципот на тендерско-фотелјашки договор за останување на власт и раскрчмување на државата, а врз грбот на граѓаните.“

Ивановски обвини за игра меѓу владините партнери, креирање меѓуетничка криза и застој во евроинтегративните процеси. Осврнувајќи се на економските бројки, тој укажа на, според опозицијата, поразителните резултати во економијата.
Дали сте свесен дека ако што било денес дополнително се случи, дека вие сте одговорен, затоа што вие денес долевате масло на огнот.

Денес, политиката на Владата е театарска лакрдија и ова не е првпат оваа влада да режира опасни театарски претстави, рече Јани Макрадули од СДСМ.

„Денес господине Груевски падна Милошевиќ, политичарот со чие владеење имате најмногу сличности. Петти октомври, среќен за Србија, а дај Боже и за Македонија.“

Владините министри ги бранеа политиките на оваа Влада и користеа можност уште еднаш да потсетат на резултатите кои ги покажале министерствата со кои раководат. Се читаа статистички извештаи, големи цифри и проекти кои, според владините пратеници, покажале значителни резултати.

„Само во последната година е овозможено на 158 индивидуални лица да добијат парцели за изградба на куќи“, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, на што реплицираше пратеникот Макрадули.

„Греотка, ова го смисливте вие? Господине Јанакиески, што би рекол американскиот амбасадор вие сте најкорумпираниот министер во владата на Груевски и со вас нема што да разговарам. Додека ние расправаме за оваа тема за којшто расправаме во демолиран автобус број 22 на Партизанска има повредени лица во тепачка меѓу Македонци и Албанци.“

Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ ја обвини опозицијата за обид да предизвика меѓуетнички тензии.

„Дали сте свесен дека ако што било денес дополнително се случи, дека вие сте одговорен, затоа што вие денес долевате масло на огнот.“

Министерот за надворешни работи Никола Попоски повтори дека Македонија никогаш не била поподготвена за влез во евроатланските структури, а од опозицијата побара конструктивни забелешки во однос на македонските интеграции.

Пред почетокот на собраниската расправа, Имер Алиу од Демократската партија на Албанците информира дека пратениците од неговата партија ќе бидат воздржани на гласањето за недоверба на Владата, за, како што рече, да не и дадат алиби на ДУИ дека имаат намера да формираат друго владејачко мнозинство.

Според утврдениот ред во Собрание, премиерот Груевски ќе се обрати пред пратениците половина час пред полноќ, по што пратениците треба да се изјаснат дали ќе и дадат доверба на актуелната Влада.

Во случај да и биде изгласана недоверба на Владата, премиерот до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува шефот на државата.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG