Достапни линкови

Вести

Забранета Парадата на Гордоста во Белград

Српското министертво за внатрешни работи соопшти дека е забрането одржување на Парадата на Гордоста во сабота во Белград заедно со сите други јавни настани планирани за тој ден. Во соопштението е наведено дека причината за забраната е превенција од можни нарушувања на јавниот ред и мир како и зачувување на безбедноста на граѓаните.
Еден од организаторите на настанот, Горан Милетиќ за Радио Слободна Европа изјави дека „забраната укажува на единство меѓу власта и хулиганите“. Претходно поглаварот на српската православна црква патријархот Иринеј ги повика властите да ја забранат Парадата бидејќи оддржувањето на таква манифестација е против традициите на Србија. Во 2010 година голем број луѓе беа повредени и приведени поради немирите кои настанаа откако националисти и хулигани ги нападнаа учесниците во Парадата. Минатата година оваа манифестација беше забранета.

види ги сите денешни вести

ДИК: До 9:00 часот гласале 3,85 отсто од граѓаните

илустрација
илустрација

Гласањето се одвива мирно и без пријавени неправилности на сите избирачки места, а започнато е на сите избирачки места, изјави претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски. На неколку места биле пријавени технички проблеми, за кои претседателот на ДИК вели дека се решаваат во од.

„Пристигнати се податоци за излезност на гласачите од 832 избирачки места од вкупно запишани 402 748 гласачи. На овие избирачки места гласале 15 487 односно 3,85 отсто од гласачите“, нагласи Даштевски.

До ДИК биле доставени 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се предмет на обработка.

Гласањето се одвива на 1480 гласачки места во 80 општини, а право на глас имаат 1.814.317 граѓани.

Амнести Интернешнал: Глобалните човекови права соочени со најсериозни закани

илустрација
илустрација

Човековите права ширум светот се соочуваат со најсериозните закани во последните неколку децении, соопшти Амнести интернешнал (АИ) во својот годишен извештај објавен денеска (24 април).

Организацијата ги истакна конфликтите во Газа и Украина, како и ширењето на авторитарните влади, кои му штетат на меѓународниот поредок со кршење на меѓународното право и игнорирање на основните права.

„Флагрантното непочитување на меѓународното право од страна на Израел се надополнува со неуспехот на неговите сојузници да го запрат невиденото крвопролевање во кое страдаат цивили во Газа, изјави генералната секретарка на АИ, Ањес Каламар.

„Покрај руската агресија против Украина, зголемениот број на вооружени конфликти и масовните прекршувања на човековите права, забележани, на пример, во Судан, Етиопија и Мјанмар, глобалниот поредок заснован на правила е во опасност да биде десеткуван“, додаде таа.

И демократиите не ги избегнаа критиките на АИ, а Каламар кажа дека „тоа што го видовме во 2023 година потврдува дека многу моќни држави ги напуштаат основните вредности на хуманоста и универзалноста содржани во Универзалната декларација за човекови права“.

Меѓу другото, во извештајот се критикува американското користење на ветото за да се парализира Советот за безбедност на ОН со месеци за резолуцијата за прекин на огнот во Газа.

Извештајот „исто така ги истакнува гротескните двојни стандарди на европските земји како Обединетото Кралство и Германија, со оглед на нивните основани протести против воените злосторства на Русија и Хамас, а истовремено ги поддржуваат дејствијата на израелските и американските власти во овој конфликт“, се наведува во соопштението на Амнести.

Војната во Украина беше уште еден клучен фактор што придонесе за падот на глобалното досие за човекови права.

Амнести ги наведува неселективните напади на руските сили „на населени области и цивилна инфраструктура за извоз на енергија и жито“.

„И руските и украинските сили користеа касетна муниција и покрај нејзината неселективна природа и постојаните ризици за цивилите“, се вели во извештајот.

Извештајот на Амнести интернешнел прикажува мрачна слика за алармантна репресија на човековите права и кршење на меѓународните правила, сето тоа во услови на продлабочување на глобалната нееднаквост, суперсили кои се борат за превласт и ескалација на климатската криза, истакна Каламар.

Тошковски: Нема никакви нарушувања на изборниот процес

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека безбедносната состојба на изборниот ден е стабилна.

„Нема никакви нарушувања во изборниот процес. Немаме забележано никакви посериозни нарушувања во изборниот процес“, изјави Тошковски.

Тој по гласањето во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во општина Центар одговарајќи на новинарско прашање во врска со екипираноста на МВР, нагласи дека и во тој дел се е како што треба.

„Покриени се сите сектори за внатрешни работи од аспект на технички и човечки ресурси. Министерството за внатрешни работи постапува согласно планот и оперативната акција, која како таква е утврдена во рамки на Оперативниот штаб. Сè си тече како што треба“, рече Тошковски и изрази надеж дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред.

Во Северна Македонија денеска (24 април) се одржуваат седмите претседателски избори од осамостојувањето на државата.

Американскиот Сенат усвои нацрт-закон со кој може да се забрани Тик-Ток

илустрација
илустрација

Сенатот на Соединетите Држави (САД) го одобри контроверзниот нацрт-закон со кој може да се забрани Тик-Ток во Америка.

Тој му дава на кинескиот сопственик на оваа апликација, ByteDance, девет месеци да го продаде својот удел или апликацијата ќе биде блокирана во САД.

Предлог-законот сега ќе оди кај американскиот претседател Џо Бајден, кој рече дека ќе го потпише како закон.

ByteDance за BBC изјави дека нема итен одговор на овој потег. Компанијата претходно соопшти дека ќе се спротивстави на секој обид да се принуди да го продаде Тик-Ток.

Доколку САД бидат успешни во принудувањето на ByteDance да го продаде Тик-Ток, сепак ќе биде потребно одобрение од кинеските власти, но Пекинг вети дека ќе се спротивстави на таков потег. Аналитичарите велат дека процесот може да трае со години.

Мерката беше донесена како дел од пакетот од четири закони кои вклучуваат и воена помош за Украина, Израел, Тајван и други американски партнери во индо-пацифичкиот регион.

Имаше широка поддршка од пратениците, со 79 сенатори кои гласаа за, а 18 против.

„Со години и дозволувавме на кинеската комунистичка партија да контролира една од најпопуларните американски апликации што беше опасно кратковидна“, рече сенаторот Марко Рубио, главниот републиканец во Комитетот за разузнавање.

„Новиот закон ќе бара од кинескиот сопственик да ја продаде апликацијата. Ова е добар потег за Америка“, додаде тој.

Стравувањата дека податоците за милиони Американци би можеле да завршат во рацете на Кина ги поттикнаа напорите на Конгресот да го оддели Тик-Ток од компанијата со седиште во Пекинг.

Минатата недела, компанијата за социјални медиуми објави дека законот „ќе ги наруши правата на слободата на говорот на 170 милиони Американци, ќе уништи седум милиони бизниси и ќе затвори платформа која придонесува за американската економија со 24 милијарди долари годишно“.

Тик-Ток соопшти дека ByteDance „не е агент на Кина или која било друга земја“. И ByteDance инсистира дека не е кинеска фирма, посочувајќи на глобалните инвестициски фирми кои поседуваат 60 проценти.

Нејзиниот извршен директор Шу Зи Чу минатиот месец рече дека компанијата ќе продолжи да прави се што може, вклучително и користење на своите „законски права“ за заштита на платформата. Чу беше цензуриран од Конгресот двапати за помалку од една година и ја намали поврзаноста на апликацијата и неговите лични врски со кинеските власти.

Професорот по право на Универзитетот во Ричмонд, Карл Тобијас, за Би-Би-Си изјави дека веројатно ќе следи долготрајна правна битка која „може да потрае околу две години“.

Тој исто така рече дека ако не се најде купувач за уделот на ByteDance во рок од девет месеци, тоа може дополнително да го одложи секое дејство против Тик-Ток во САД.

МВР: Лични документи можат да се подигнат и денеска

илустрација
илустрација

Лични документи можат да се подигнат и денеска, на денот на изборите, информираат од МВР.

„Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 24.04.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот“, соопштуваат од МВР.

Исто така, граѓаните на Скопје, ќе можат своите лични карти да ги подигнат во полициските станици во Скопје.

Хезболах истрела неколку десетици ракети кон Израел

Израелец проверува куќа што била погодена од ракета на Хезболах во Кирјат Шмона во северен Израел во близина на границата со Либан, 27 март 2024
Израелец проверува куќа што била погодена од ракета на Хезболах во Кирјат Шмона во северен Израел во близина на границата со Либан, 27 март 2024

Либанското исламистичко движење Хезболах соопшти дека истрелало десетици ракети врз северен Израел како одговор на смртта на двајца цивили во јужен Либан, во напад за кој е обвинет Израел.

Борците на Хезболах истрелаа „десетици ракети Катјуша“ врз северен Израел „како одговор на нападите на израелскиот непријател врз домовите на цивилите, особено за масакрот во Ханин и смртта на цивили“, се вели во соопштението на проиранското шиитско движење.

Од почетокот на војната меѓу Израел и палестинското движење Хамас, кое САД и ЕУ го прогласија за терорстичка организација во Појасот Газа на 7 октомври, секојдневно има размена на оган меѓу израелската армија и Хезболах, кој тврди дека го поддржува палестинското исламистичко движење.

Проиранскиот Хезболах, кој има арсенал ракети и прецизни проектили, гаѓа израелски воени позиции и локации во близина на границата, а Израел реагира со бомбардирање цели на либанска територија, претежно на југ, вклучително и целни напади врз припадници на Хезболах и Хамас

Гласањето помина мирно, излезноста во дијаспората е околу 50 отсто до 17 часот

Илустрација
Илустрација

Мирно помина денешниот изборниот ден на кој гласаа болните и изнемоштените, затворениците во казнено-поправните домови и лицата во притвор, во старските домови и македонските државјани во странство, оцени Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК), пред утрешните избори за претседател на Северна Македонија.

„Денеска мирно помина денот на гласање. Се отворија сите избирачки места. Имаше малку тешкотии во некои планински средини бидејќи никој не очекуваше дека денеска ќе биде толку лош ден, оти ќе биде прилично ладно, дожд, па на планински места и снег. Но се отворија сите места и сите овие категории што требаше денеска да гласат гласаа“, рече Даштевски во гостување на телевизија „Сител“.

До 17 часот гласале вкупно 6.953 немоќни и болни лица. Во казнено-поправните установи гласале 2 147 лица и 534 лица сместени во посебни центри. Правото на глас го оствариле и две раселени лица.

Даштевски информира дека до 17 часот излезноста на македонските државјани во дијаспората е повеќе од 50 отсто.

На седмите претседателски избори во Северна Македонија, според податоците на ДИК, право на глас имаат вкупно 1.814.317 избирачи.

Утре, на денот на изборите, избирачките места ќе се отворат во 7 часот. Гласањето ќе трае до 19 часот. Ќе се гласа на вкупно 3.480 избирачки места.

На 8 мај во Северна Македонија ќе се одржат и парламентарни избори.

Здравствениот инспекторат утврди бесправно работење на Клиниката за токсикологија

Северна Македонија - Прес-конференција на лекари од Клиниката за токсикологија, Скопје, 22.4.2024 година
Северна Македонија - Прес-конференција на лекари од Клиниката за токсикологија, Скопје, 22.4.2024 година

Вкупно 11 лица бесправно работеле со пациенти и давале здравствени услуги, иако немале договори за ангажман, утврди Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) кој изврши вонреден надзор на Клиниката за токсикологија откако на 22 април лекари од прес-конференција алармираа дека на клиниката владее хаос.

Станува збор за пет медицински сестри, тројца болничари, двајца биолози и еден лаборант. Рената Младеновска, директорка на ДСЗИ, кажа дека тие немале никаков договор за вработување после 31.12.2023 година.

По надзорот, ДСЗИ донесе решение во кое се наведени четири точки: здравствени услуги на клиниката да се укажуваат од страна на здравствени работници и здравствени соработници со важечки договори за вработување согласно закон, здравствени услуги на клиниката да се укажуваат од страна на здравствени работници со образование согласно закон, медицинскиот и организацискиот директор на клиниката да ги извршуваат непречено своите должности од самостојна и од заедничка надлежност согласно закон.

Клиниката треба да ги спроведе овие мерки во рок од пет дена по приемот на решението. Потоа инспекторатот повторно ќе направи контрола.

Доктори од Клиниката за токсикологија вчера (22 април) кажаа дека во оваа здравствена установа се случува хаос особено, како што велат, од назначувањето на организациската (економската) директорка Бесија Иљази на средината на февруари.

Доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија рече дека во неколку наврати било барано да се вработат двајца лаборанти и еден болничар, но директорката инсистирала да се вработат 18 лица кои претходно биле примени со договор на дело, а на кои им истекле договорите.

Беќаровски рече и дека дополнителен проблем е и што немаат комуникација со директорката Иљази бидејќи, вели, таа не знае македонски јазик.

Наспроти лекарите од Клиниката за токсикологија, министерот за здравство Илир Демири најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на клиниката, Данил Петровски, додека кај организациската директорка вели „нема констатирано ниту едно прекршување на правото“.

Економските директори во клиниките беа воведени пред 17 години. За нивните плати од буџетот се трошат околу половина милион евра годишно.

Претходниот министер за здравство, Фатмир Меџити, најавуваше дека ќе ја укине оваа функција со образложение дека е несфатливо на е километар квадратен да има 66 директори, 33 здравствени установи и 33 управни одбори.

Укинување на економските директори како непродуктивен трошок најавуваа и други министри пред Меџити, но тоа досега не се случи.

Агелер: Ништо нема да се постигне со негласање

Северна Македонија - Анџела Агелер, амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија
Северна Македонија - Анџела Агелер, амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија

Амбасадорката на Соединетите Американски Држави(САД) во Северна Македонија, Анџела Агелер, преку официјалниот профил на амбасадата на мрежата Фејсбук упати порака до граѓаните да излезат на гласање и да го дадат својот глас за кандидатот кој ги одразува нивните очекувања за иднината.

Утре во Северна Македонија ќе се одржи првиот круг од претседателските избори, на кои учествуваат седуммина кандидати.

„Граѓаните и гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа тие гласачи... мора да гласаат. Тие мора да излезат таму и да го изберат кандидатот што ги одразува нивните соништа за иднината, и ништо нема да се постигне со негласање“, пишува во пораката од Агелер.

На седмите претседателски избори во Северна Македонија, според податоците на ДИК, право на глас имаат вкупно 1.814.317 избирачи.

Денеска гласаат болните и затворениците во Казнено-поправните домови и лицата во притвор, во старските домови и државјаните во странство.

Утре, на денот на изборите, избирачките места ќе се отворат во 7 часот. Гласањето ќе трае до 19 часот. Ќе се гласа на вкупно 3.480 избирачки места во целата држава.

Ова се седми претседателски избори во Северна Македонија, на кои има седуммина кандидати за претседател на државата.

Украина ги ограничи конзуларните услуги за воено способните мажи кои живеат во странство

Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина, 29.3.2024 година
Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина, 29.3.2024 година

Украина ги ограничи конзуларните услуги во своите дипломатски претставништва за мажи на возраст за регрутирање (од 18 до 60 години) кои живеат во странство, додека Киев се обидува да го зголеми бројот на војници во борбата против руската инвазија.

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, на мрежата Икс (поранешен Твитер) напиша дека наредил ограничувања затоа што „престојот во странство не го ослободува граѓанинот од должностите кон татковината“, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

„Како изгледа сега: човек на воена возраст оди во странство и ѝ покажува на својата земја дека не се грижи за нејзиниот опстанок. Потоа се враќа и сака да добива услуги од оваа земја. Тоа не функционира така. Земјата е во војна“, напиша Кулеба.

Кулеба додаде дека во наредните денови ќе го разјасни процесот за легално добивање конзуларни услуги во странските дипломатски претставништва на Украина за мажи на воена возраст, бидејќи стапува на сила законот за мобилизација што го потпиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на 16 април.

Според тој закон, сите мажи на возраст меѓу 18 и 60 години мора да ги ажурираат своите информации во воените центри за регрутирање низ целата земја.


Непознат број Украинци избегаа од земјата откако Русија почна неиспровоцирана инвазија на Украина во февруари 2022 година, и покрај потегот на Киев да им забрани на мажите на воена возраст да ја напуштат Украина.

Стотици илјади Украинци кои работат во странство како работници - мигранти, исто така, не се вратија во Украина.

„Обврската за ажурирање на документите во воените центри постоеше и пред донесувањето на новиот закон за мобилизација. Ако некој верува дека додека едни се борат далеку на бојното поле и ги ризикуваат своите животи за оваа земја, други можат да останат во странство и да добиваат услуги од оваа земја, тогаш не, тоа не функционира така“, напиша Кулеба.

Новиот закон ги обврзува Украинците на возраст меѓу 18 и 60 години да ги информираат воените власти за нивните лични податоци, така што канцелариите за регрутирање ќе можат полесно да видат кој во кој регион може да се мобилизира.

Воено способните мажи се законски обврзани во секое време да носат документ за регистрација издаден од воената канцеларија. Службениците за регрутирање смеат да го побараат документот на улица.

Поради воена состојба, на мажите на воена возраст им е забрането да одат во странство, но нема процедура за повикување на украински мажи кои се надвор од државата.

Сепак, новиот закон предвидува од Украинците на кои им се потребни конзуларни услуги, како што е обновувањето на пасошот, да може да се побара да приложат документи за воена регистрација.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG