Достапни линкови

Дафина проект - Македонско француска музичка врска


Македонски музичар Дејан Спасовиќ и француската пејачка Бриџит Сирла, Дафина проект. Фотографија: Марсело Дишингер.
Македонски музичар Дејан Спасовиќ и француската пејачка Бриџит Сирла, Дафина проект. Фотографија: Марсело Дишингер.

Со идеја за истражување на врските на традиционалните музики од неколку поднебја, деновиве беше формиран ДАФИНА ПРОЕКТ – составот во кој засега се македонскиот инструменталист Дејан Спасовиќ и француската пејачка Бриџит Сирла. Тие своето „огненото крштевање“ го имаа неодамна на Фестивалот на женски театри што се одржа во Бразил.

Дејан Спасовиќ е мултимедијален уметник и музичар. Како следбеник на легендарниот Пеце Атанасовски едно време беше член на Оркестарот што го формираа неговите бројни ученици, а во последниве неколку години заедно со Верица Недевска, Верица Андреевска – Спасовиќ, Круме Стефановски и Јордан Костов делуваат во рамките на кабаре-чалгија составот „Старовски“ кој ја потпиша првата музичка антологија на македонска поезија насловена како „Прашинка љубов“.
Ние бевме единствени кои имавме музички настап на тој фестивал и беше многу интересно бидејќи публиката воопшто не знаеше што да очекува. После првата песна имаше големи овации бидејќи беа возбудени од целиот тој склоп на инструментот кој што првпат го гледаат како што е кемането и еден таков прекрасен глас. На крајот имаше многу, многу луѓе кои што дојдоа да не поздрават и да ни се заблагодарат за тоа прекрасно чувство што сме им го приредиле.
Дејан Спасовиќ, музичар.

Бриџит Сирла е позната уметница и пејачка од Марсеј, Франција. Со класично образование и академија за импровизација, таа е раководител на ансамблот „Воа полифони“ кој што исполнува полифониска и традиционална музика од целиот свет. Сирла работи во театар, како диригент на неколку хорови и се бави со истражување на спецификите на музиките на народите кои гравитираат околу црноморието.

Првичната средба на овие уметници се обистинила во мај годинава во Брајтон – Велика Британија. Таму Спасовиќ беше еден од учесниците во европскиот проект „Невидливи градови“, па така се случило нивното инцидентното заедничко пројавување на тамошната сцена да прерасне во музичка дружба во која увиделе дека нејзиниот глас, кемането и неколкуте други инструменти што тој ги свири би можеле да бидат компатибилни. И, тука не завршија нештата бидејќи деновиве нашиот мултимедијален уметник се врати од Бразил каде што со Сирла го имаа и првиот официјален заеднички настап на Фестивалот на женски театри.

„Ние бевме единствени кои имавме музички настап на тој фестивал и беше многу интересно бидејќи публиката воопшто не знаеше што да очекува. После првата песна имаше големи овации бидејќи беа возбудени од целиот тој склоп на инструментот кој што првпат го гледаат како што е кемането и еден таков прекрасен глас. На крајот имаше многу, многу луѓе кои што дојдоа да не поздрават и да ни се заблагодарат за тоа прекрасно чувство што сме им го приредиле.“

Дејан дополнува дека репертоарот на овој концерт бил од грузијски, бугарски и македонски песни адаптирани за еден глас и еден инструмент и дека токму инспирирани од нашата „Дафина платно белеше“ заеднички решиле проектот да го насловат „Дафина“.

„Сакаме да истражиме како може еден западно школуван глас кој што се интересира за различни техники на пеење од црноморието и од Истокот да се спои со еден традиционален македонски инструмент каков што е кемане, кавал или деф.“

Овој нивни успешен перформанс веќе ги дава и првите резултати, па така во мај идната година „Дафина проект“ треба да настапат во Копенхаген, во Данска, поканети се да патуваат и во Буенос Аирес во Аргентина и на уште неколку други културни случувања.

Во меѓувреме Бриџит Сирла, во ноември, треба да допатува во Македонија за да ја истражи нашата традиционална музика и техниките на пеење. За тогаш е планирано и влегувањето во студио за да се направат првите снимки, а Спасовиќ не исклучува и мал камерен концерт на „Дафина“.

Инаку, со цел за збогатување на вкупната звучна слика во групата е планирано да биде кооптиран уште еден член, мултиинструменталистот Бакош Арпад, Унгарец од соседна Србија.

„Целата идеја е да се фати линијата на истражувањата на Барток кој што одел до Турција и во земјите од тој регион за да види како таа традиционална музика се развивала. Да видиме каде се спојуваат тие различни култури и кое е тоа нивно заедничко НЗС и да го ставиме во перформанс.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG