Достапни линкови

Бугарија на врвот на ЕУ по корупција


Транспарент со поранешниот претседател Тодор Живков.

Транспарент со поранешниот претседател Тодор Живков.

Бугарија, откако и се приклучи на Европската унија во 2007 година, е под постојана контрола на Брисел, особено околу справувањето со организираниот криминал и корупцијата. Најновото истражување покажува дека, иако корупцијата се намалила, таа и натаму е една од највисоките во Европската унија.

Бројот на луѓето кои биле принудени да платат мито во Бугарија падна на 48 насто, од 70 проценти пред пет години, се наведува во последното истражување на Центарот за проучување на демократијата, со седиште во Софија.

Романија и Бугарија продолжуваат да претставуваат најголема причина за загриженост поради нивните антикорупциски рамки и големите јазови во нивната борба против оваа појава. Најважно е политичките раководства во овие земји да ја зацврстат нивната заложба во одбраната од корупцијата преку поголема независност на институциите и судството.
Во исто време, бројот на Бугарите кои дале мито без тоа и да им биде побарано се покачи на 11 насто. Во 2007 година тоа го правеле само 4 насто. Во Бугарија секој четврти им дава пари или подарок на вработените во државните институции кога сака да реши некаков административен проблем.

Овие податоци уште еднаш покажаа дека корупцијата во Бугарија е за два до три пати поголема отколку од просекот во Европската унија. Имено, индексот на корупцијата во таа земја е 25, додека во другите членки на Унијата само 8. Единствени земји кои имаат повисок индекс на корупција се Романија, Литванија и Словачка.

„Романија и Бугарија продолжуваат да претставуваат најголема причина за загриженост поради нивните антикорупциски рамки и големите јазови во нивната борба против оваа појава. Најважно е политичките раководства во овие земји да ја зацврстат нивната заложба во одбраната од корупцијата преку поголема независност на институциите и судството“, изјави пред извесно време Пол Зубков, програмски координатор на Транспаренси интернешнал во врска со извештајот за ризиците од корупцијата во Европа.

Бугарија и Романија се уште се под стриктна контрола на Европската комисија која редовно им упатува критики поради недоволната ефикасност во борбата против корупцијата. При претставувањето на последниот изввештај, претседателот на Комисијата Жозе Мануел Баросо изјави:

„Извештајот усвоен денес признава дека е постигнат напредок во последниве години, но содржи и препораки за целосно исполнување на поставените одредници. Тоа не само што ќе придонесе за посолиден правосуден систем, туку и ќе помогне во обезбедувањето кредибилна основа за економски инвестиции“, изјави Баросо, кој најави дека следниот извештај би требало да биде подготвен до крајот на годинава.

Инаку, во студијата на Центарот за проучување на демократијата се прецизира дека перцепцијата на Бугарите за корупцијата во судството, полицијата, царината, здравството и образобванието е за два пати повисока од просекот во Европската унија.

„Затоа што корупцијата во високите политички кругови не се казнува, Бугарија можеби е единствената земја во која таа не е докажана и меѓу политичарите“, се наведува во истражувањето во кое се додава дека тоа било поради фактот што во таа земја досега ниту една политичка личност не е осудена за корупција.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG