Достапни линкови

Иран и Израел ѕвечкаат со оружје во ОН


Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад зборува пред Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад зборува пред Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Иран се закани дека ќе се одмазди против каков било напад, откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повика на јасни црвени линии за иранската нуклеарна програма. Во вчерашното соопштение, иранската мисија во ОН вели дека „Иран е доволно силен да се одбрани и го задржува правото да возврати со целата сила против каков било напад“. Според нив, тврдењата на Израел против, како што велат, иранската исклучиво мирољубива нуклеарна програма, се „неосновани и апсурдни“.

Нетанјаху, претходно, во говорот пред Генералното собрание на ОН рече дека ништо не може повеќе да го загрози светот од нуклеарно вооружен Иран, наведувајќи дека Техеран ќе има доволно збогатен ураниум до следното лето да направи атомска бомба. Нетанјаху рече дека светот мора да повлече јасна „црвена линија“ да се натера Иран да се откаже од нуклеарната програма, притоа предупредувајќи дека времето да се запре Техеран истекува.

„Црвените линии не водат кон војна, тие спречуваат војна“, рече израелскиот премиер.

Нетанхају долго време предупредува на опасноста од иранската нуклеарна програма.

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Кетрин Ештон, пак, изјави дека големите сили зборувале за потребата итно да се преземе акција против Иран. Ештон ја даде изјавата во седиштето на Обединетите нации по разговорите со министрите за надворешни работи на петте постојани членки на Советот за безбедност - САД, Франција, Велика Британија, Русија и Кина - како и на Германија. Ештон, има улога да го натера Иран да се врати на преговорите за спорната нуклеарна програма со меѓународни сили.

Во меѓувреме, Иран обвини дека „терористичка секта“ малтретирала висок ирански дипломат во Њујорк и ја критикуваше одлуката на Вашингтон да ја отстрани групата Муџахедин е Калг(МЕК) од американската листа на странски терористички организации.

Њујоршката полицијата соопшти дека портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи бил вербално нападнат од демонстрантите кои протестирале против Иран во близина на седиштето на ОН каде иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад држеше говор на Генералното собрание на ОН. Иранската мисија во ОН изјави дека портпаролот бил нападнат од членовите на МЕК, кои повикуваат на соборување на режимот на Иран.

Вашингтон неодамна изјави дека ќе го отстрани МЕК од терористичката листа.
XS
SM
MD
LG