Достапни линкови

Нереди во Грција и Шпанија, еврозоната пред хаос


Европскиот кршлив финансиски мир е разнишан по загриженоста на инвеститорите, предизвикана од насилните нереди против мерките за штедење во Грција и Шпанија. Тие уште еднаш покажаа дека Европа се уште не може да ја совлада финансиската криза.

Полицијата со солзавец интервенираше против демонстрантите кои фрлаа молотови коктели за време на најголемите протести во Атина во изминативе шест месеци. Протестите против мерките за штедење кои главно ќе ги погодат платите, пензиите и здравственото осигурување се само дел од генералниот штрајк, последен тест за четиримесечната владина коалиција и за плановите за нови кратења на трошоците.
Европската унија никогаш нема да биде Европа на работниците. Секоја земја во Европската унија би требало да се бори за да се откачи од Унијата. Тоа е ново движење кое треба да тргне од секоја земја на Европската унија.

„Овие мерки што ги презема трипартитната влада се неприфатливи. Луѓето треба да сфатат дека без борба никогаш нема ништо да постигнат. Во спротивно тоа е еднонасочна улица“, вели приватниот бизнисмен од Атина Маринос Казакис.

Лидерката на Комунистичката партија на Грција Алека Папарига, пак, смета дека само на ваков начин е можно подобрување на работничките права.

„Европската унија никогаш нема да биде Европа на работниците. Секоја земја во Европската унија би требало да се бори за да се откачи од Унијата. Тоа е ново движење кое треба да тргне од секоја земја на Европската унија.“

Претходно, илјадници бесни демонстранти се собраа пред шпанскиот парламент во Мадрид, барајќи оставка на конзервативната влада која воведе големи даноци во земјата која се соочува со 25 процентна невработеност.

Ваквите превирања го означија крајот на релативниот мир, но и на оптимизмот меѓу инвеститорите дека Европа и еврозоната го најдоа патот за излез од кризата.

Протестите во Мадрид и штрајкот во Грција потсетуваат дека неконтролираната невработеност и општиот пад на животниот стандард ги прави луѓето разочарани и бесни. Постои растечка загриженост дека ситуацијата во еврозоната ќе се влошува.
Пазарите дишеа послободно откако Европската централна банка во почетокот на месецов соопшти дека ќе откупува неограничени суми на владини обврзници за да им помогне на земјите да го намалат нивниот долг.

Но, економската реалност во Европа и натаму е застрашувачка. Неколку земји имаат воведено груби кратења, високи даноци и тешки економски реформи за да го исполнат зацртниот европски буџетски дефицит.

Штедењето ги погоди граѓаните кои се соочуваат со бркање од работа и со помали плати и пензии.

„Протестите во Мадрид и штрајкот во Грција потсетуваат дека неконтролираната невработеност и општиот пад на животниот стандард ги прави луѓето разочарани и бесни“ вели аналитичарот Дејвид Морисон, додавајќи:

„Постои растечка загриженост дека ситуацијата во еврозоната ќе се влошува.“

Со него се согласува и Мартин Керинг од „Економист интелиџенс јунит“ кој вели:

„Демонстрациите не потсетуваат дека централните банки не можат сами да ја решат кризата. Планот за откупување обврзници може да успее само ако владите во кризните земји ги убедат граѓаните дека сегашните мерки за штедење се неопходни за да се избегне банкротот.“

Штрајкот во Грција ги затвори владините служби, училиштата, продавниците, аеродромите, границите, пристаништата и туристичките места.

Сепак, портпаролот на владата Симос Кедикоглу оцени дека ограниченото насилство и помалиот одѕив од оној што го очекувале опозициските партии покажуваат дека „грчкото општество сфаќа оти она што го прави владата е единственото можно решение“.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG