Достапни линкови

logo-print

Навраќањето кон минатото е лошо за решавање на спорот за името


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Сите знаат каде настанал спорот и на сите им е совршено јасно дека ние немаме и не можеме да имаме територијални претензии кон соседна Грција, велат аналитичарите.

Навраќање кон минатото за да потсетиме каде настанал спорот води само кон уште една пропадната стратегија да се надмине прашањето за името и да се одблокираат евроинтеграциите, посочуваат дел од експертите во Македонија. Сите знаат каде настанал спорот и на сите им е совршено јасно дека ние немаме и не можеме да имаме територијални претензии кон соседна Грција.
Ова сега некако се прави од причина што веќе можеби и ние чувствуваме некаков замор од целиот спор па сега се обидуваме некако да влеземе на задна врата кај Грците, иако не очекувам дека тоа ќе помине.

„Ова сега некако се прави од причина што веќе можеби и ние чувствуваме некаков замор од целиот спор па сега се обидуваме некако да влеземе на задна врата кај Грците, иако не очекувам дека тоа ќе помине“, изјави професор Ивица Јосифовиќ.
Архивска фотографија: Министерот за надворешни работи Никола Попоски се сретна со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во Њујорк.

Архивска фотографија: Министерот за надворешни работи Никола Попоски се сретна со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во Њујорк.


Пристапот којшто го најави министерот за надворешни работи Никола Попоски пред заминувањето на Генералното собрание на ОН каде што се очекува негова средба со грчкиот колега Аврамопулос е добронамерен и е подобар од секаков провокативен речник кој сме го користеле во изминатиов период, посочува професор Мерсел Биљали, но фокусот на секој наш настап треба да биде интересот на македонските граѓани.
Ако не се работи за политички или дипломатски блеф, најверојатно тоа ќе биде стартот на некаков резултат. Јас мислам дека таму кај што има елементарна одговорност мора да се прифати реалноста дека тој проблем мора да се реши во интерес на граѓаните и државата.

„Ако не се работи за политички или дипломатски блеф, најверојатно тоа ќе биде стартот на некаков резултат. Јас мислам дека таму кај што има елементарна одговорност мора да се прифати реалноста дека тој проблем мора да се реши во интерес на граѓаните и државата“, вели Биљали.

Пред заминувањето во Њујорк, министерот Попоски најави дека во контактите со грчката страна ќе настапува со аргументот дека Македонија не е никаква безбедносна или територијална закана со напомена дека неговиот соговорник Аврамопулос веројатно има и заборавено од каде тргнал спорот. Во таа насока тој ќе се обиде да го убеди дека членството на Македонија во ЕУ и НАТО е заеднички интерес на двете земји. Посебни очекувања од средбата немаше ниту тој. Да почекаме средбата да се случи па ќе извлечеме заклучоци за пристапот на нашиот сосед кон ова прашање, рече Попоски.

Името било тема на синоќешната средба на Аврамопулос со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун на која од грчка страна било истакнато дека што е можно побрзо треба да се одговори на преземените иницијативи со, како што се вели „целосна почит кон историјата на нашата земја“. Во соопштението се вели и дека Аврамопулос истакнал дека изнаоѓање решение ќе биде во интерес на стабилноста, мирот и соработката во овој чувствителен дел на Европа.

Во меѓувреме, еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, порача дека нема одблокирање на евроинтеграциите без надминување на спорот за името.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG