Достапни линкови

„Лa Кaња“ на „Мугер Фугер“ - крик за поддршка на независната култура


Омот на шестиот албум на рок составот „Мугер Фугер“, насловен „Ла Кања“.

Омот на шестиот албум на рок составот „Мугер Фугер“, насловен „Ла Кања“.

„Ла Кања“ е насловен шестиот албум на составот „Мугер Фугер“ што деновиве се појави во продажба. Станува збор за објава на која се поместени 12 нови песни што ги потпишуваат Сеад Хаџиќ Сецко, неговите соработници и бројните гости како Горан Трајковски, Сашко Костов, Џабир Дерала и други, а чија заедничка заложба е силна поддршка на независната култура во времево на изместени вредности.

Универзумот на „Мугер фугер“ ви нуди уште едно возбудливо патување. Патување исполнето со нови и непредвидливи, диви и возвишени, богати и возбудливи моменти... На секоја од објавените 12 композиции ве очекува посебно изненадување, секој од учесниците во проектот ќе ви ја понуди својата визија за длабочините и висините, за формите и сетилата, за звукот на боите...
Цело време плачеме дека се опкружени со кич, турбофолк, со разноразни безвезни серии, а едни со други не знаеме да си помогнеме. Имавме едно единствено место во градот кое се бави со ваква независна, инди култура и на културен начин пробува да опстане, а ние не знаевме да го подржиме.

Ова стои во најавата за „Ла Кања“ шестиот студиски албум на „Мугер фугер“, еден од најбескомппромисните и најпостојаните македонски рок бендови и дружината која през годиниве се претвори во матица, која ги обединува и раздвижува актерите од домашната независна музичка сцена. Изданието се појавува нецела година по публикувањето на претходникот „4 јули“ и донесува за нијанса посветла и помелодична звучна слика.
„Мугер Фугер“.

„Мугер Фугер“.


Албумот е насловен со името на извиканиот клуб во Старата чаршија кој долго беше свртилиште на голем број настани врзани со субкултурното живеење и кој деновиве стана светла станица од историјата на урбано Скопје.
Нашата порака е да се отвори свеста и да се биде слободен. Да се биде подготвен за сите изненадувања кои се бескрајни и може да ги донесе едиствено уметноста и особено музиката.

„Цело време плачеме дека сме опкружени со кич, турбофолк, со разноразни безвезни серии, а едни со други не знаеме да си помогнеме. Имавме едно единствено место во градот кое се бави со ваква независна, инди култура и на културен начин пробува да опстане, а ние не знаевме да го поддржиме“, истакнува Сеад Хаџиќ - Сецко, гитаристот и водачот на составот.

Инаку, „Ла Кања“ верно го следи концептот зачнат на претходните објави, па така и овојпат бележито е присуството на бројни музичари и уметници од локалната сцена кои оставиле дел од себе на ова парче пластика што „радува, замислува и придвижува“.

Поетот и активист Џабир Дерала, кого пријателството со Хаџиќ го врзува од првите „гаражни“ денови на „Ласт експедишн“, овојпат како автор и изведувач е присутен со две песни. Тој, откако ќе заклучи дека она што „Мугер фугер“ го прави со својот отворен и едновремено комплексен концепт е благодарен за повеќе уметнички интервенции, говорејќи за нивната заедничка порака потенцира:

„Нашата порака е да се отвори свеста и да се биде слободен. Да се биде подготвен за сите изненадувања кои се бескрајни и може да ги донесе едиствено уметноста и особено музиката.“

Покрај Дерала, од големиот број на соработници ги издвојуваме Сашко Костов, Џоле Максимовски, Драган Гиновски - Гино, Ади Имери, Соња Димитриоска, Мумамед Ибраими, Иван Бејков, Васко Бојаџиски, Оливер Јосифовски и други, а Горан Трајковски е автор на текстот на пилот-синглот „Ново Лисиче“, песна во која се препознава ехото на музиката и енергијата на бендови како култните „Падот на Византија“ и „Мизар“.

Трајковски како пејач по трет пат се појавува на некое од изданијата на „Мугер фугер“ и од таму не чуди кога вели:

„Пријатно е да се работи со „Мугер фугер“. Тие се луѓе кои секогаш се добро расположени, со добар дух и се надевам дека и понатаму ќе имаме можност да соработуваме и да направиме нешто повеќе од една песна.“

Кон ова само уште информацијата дека промотивниот концерт е планирано да се случи некаде до крајот на годинава, а во меѓувреме Хаџиќ ќе работи на новите материјали за „Ласт експедишн“ кои своето враќање на македонската сцена го потврдија со настапот на штотуку завршениот „Пиволенд“.

НОВО ЛИСИЧЕ

Ни бледа сенка од нив
излитен споменик, божемен мит.
Но ако уста отворат, ќе горат уши и образи!
Ниту тресок подземен
ниту пак есплозија
нема да им помогне.
Добродојдовте!
Знам, тесен ви е патот од кој се исплашивте.
Но колку широки се вратите што не вe водат никаде!
Златно момче, сини очи,
гордост вивната до небеса.
Кругови во низа беснеат,
голи меса за нови огнови.
Блазе на гулабите!
Не дека живеат во зградите на Ново Лисиче.
Ниту сеат, ниту жнеат, нити во амбар собираат!
Сал еден Гопод нив ги храни со Милоста Небесна.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG