Достапни линкови

logo-print

Годинешениот „Блуз и соул фестивал“ посветен на Хендрикс


На 18 и 19 септември, во Универзална сала ќе се одржи 17-от интернационален „Блуз и соул фестивал“. Ова е прво издание на манифестацијата во новиот термин и надвор од рамките на Скопско лето.

Она што неколку години наназад беше само убава желба на групата ентузијасти, Дирекцијата за култура и уметност и љубителите на блузот во земјава конечно станува реалност. По нешто повеќе од деценија и половина „Блуз и соул фестивал“ ја раскина папочната врска со матичното Скопско лето и годинава по прв пат ќе се обиде да го анимира вниманието на јавноста како самосвоен фестивал кој за термин на своето одржување ја одбра средината на септември.
Ова што го свириме можеби по форма и не е налик на традиционалниот американски блуз, меѓутоа во сето тоа преовладува таа тажна нота која малку е поврзана и со нашиот, македонски блуз.

Игор Атанасовски - Харе.

Игор Атанасовски - Харе.

Честа да го отвори 17-от „Блуз и соул фестивал“ ќе ја има македонскиот блуз-гитарист Игор Атанасовски, познат како Харе, кој овој пат ќе настапи со својот бенд, во кој членуваат Златко Михајловски-Бумбар на тапани, басистот Трајко Симоновски-Таци, Жарко Пејковски, кој ќе биде задолжен за електрониката, и клавијатуристот Петар Лукиќ. Во оваа пригода Гуру Харе и неговата дружина ќе се претстават со нов авторски материјал. Станува збор за песни што ќе се најдат на албумот чиј работен наслов е „Мафе дел Хар“, а чие излегување е планирано за крајот на годинава.

„Ова што го свириме можеби по форма и не е налик на традиционалниот американски блуз, меѓутоа во сето тоа преовладува таа тажна нота која малку е поврзана и со нашиот, македонски блуз“, истакнува Атанасовски.
Целиот свет годинава ја одбележува 70-годишнината од раѓањето на Хендрикс за кого не треба да трошиме зборови, а самиот настан коинцидира со денот кога тој починал – 18 септември.

Првата вечер ќе биде заокружена со настапот на американскиот вокалист и гитарист Маркус Мелоун и неговиот придружен состав во кој се млади и талентирани англиски блуз музичари. Станува збор за врвен изведувач кој зад себе има пет албумски објави ( од кои последниот „Let The Sunshine In“ лани беше номиниран за најдобар блуз албум во Велика Британија) и кој е познат и по соработките со Пол Џонс, Тим Богер и големиот Би Би Кинг.

Втората вечер, пак, тематски му е посветена на ненадминатиот гитарски херој Џими Хендрикс.

„Целиот свет годинава ја одбележува 70-годишнината од раѓањето на Хендрикс за кого не треба да трошиме зборови, а самиот настан коинцидира со денот кога тој починал – 18 септември“, објаснува Васја Ивановски, долгогодишен програмски селектор на „Блуз и соул фестивал“.

Ваквите настојби на организаторите ќе се обидат да ги оправдаат два навистина интересни состави - „Дак кен грув“ од Шведска и „Хендриксовата реинкарнација“ - Американецот Стен Скиби. Скандинавците се формирани во 2000 година и важат за најдобри европски интерпретатори на оригиналниот опус на гитаристот, а Скиби кој израснал на урбаниот чикашки блуз, по шокот од средбата со музиката на култниот херој, денес е еден од оние кои се неуморни во сопственото видување на универзумот на својот идол.

„Убеден сум дека неговиот настап долго ќе се памети“, дополнува Ивановски.

Со Скиби, со цел за збогатување на целокупната блуз-атмосфера во деновите на одржувањето на фестивалот, ќе се организира и музичка работилница на која се поканети македонските музичари, а организаторите најавуваат и објавување на неколку компилациски албуми на кои ќе се најдат снимки од досегашните учесници на оваа манифестација.

Кон ова, само информацијата дека цените на влезниците се мошне популарни – 300 денари за обете вечери, а фестивалот е помогнат од Град Скопје и Американската амбасада во Република Македонија.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG