Достапни линкови

Редици за земјоделски субвенции во Куманово


Земјоделци чекаат да поднесат барање за субвенции пред Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Куманово.

Земјоделци чекаат да поднесат барање за субвенции пред Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Куманово.

Земјоделците од Куманово и по неколку денови чекаат за да поднесат документи за земјоделски субвенции, како што велат, поради неажурноста на административците. Надоместокот по грло добиток не е голем, а ќе го добијат дури идната година.

Револтирани и нервозни се земјоделците од поширокиот кумановски регион кои секојдневно по неколку часови чекаат во ред пред Одделенеието на подрачното министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство во Куманово.

Сега поднесуваме идната година ова време ќе ги земеме парите. Цела година доцнат. Воопшто не работат. По пет пати доаѓаме за минимални пари.
Иако надоместокот наречен субвенции по грло добиток не е голем, а ќе го добијат дури идната година тие се обидуваат и по неколку денови чекајќи ги, како што велат, вработените да им ги примат пријавите и додаваат дека губат време поради неажурноста на административците. Од она што може да се види по канцелариите обвинувањата и не се далеку од вистината.

„За четири глави говеда чекам ред да поднесам документи. Шести пат ми е, а од Буковљане да доаѓам “, нервозен е земјоделец од ова козјачко село, но и останатите кои се од поблиските населби.

РСЕ: Колку глави добиток имате?
Како матичните лекари така треба да си има секоја општина. Нема потреба да се прави оваа гужва. Луѓето од Матејче да си чекаат таму, од Старо Нагоричино да си бидат таму, само ова никогаш нема да се смени. Тоа е тоа.

„Имам шест крави и 200 овци, за нив ќе добијам по 950 денари по грло добиток.“

„За земја не стасав, за добиток чекам ред и тоа три-четири пати пати доаѓам.’

РСЕ: Зошто не можете да влезете?

„Па гужва е. До 12 часот чекам, па ќе си одам. Дури јас чекам овците во трло ми лежат, ако бива- бива, ако не ќе си одам.“

„Секоја година е вака, еве веќе три- четири години.“

РСЕ: Успевате ли? До кога е рокот?

„Успеваме, до 30 септември. Ако не стаса сега ќе го продолжат рокот. Така е секогаш, ако не стаса во јуни се продолжува до јули,...“

„Сега поднесуваме идната година ова време ќе ги земеме парите. Цела година доцнат. Воопшто не работат. По пет пати доаѓаме за минимални пари.“

Земјоделците имаат и свои сугестии кои ниту некој од надлежните ги слуша, ниту пак веројатно размислува за промени и порационално работење.

„Ова може да се работи по други општини. Јас сум од Старо Нагоричино, таму може да завршам работа, има канцеларии. Ова е без потреба. Ова да се продолжи уште два месеца нема да се заврши работа.“

„Како матичните лекари така треба да си има секоја општина. Нема потреба да се прави оваа гужва. Луѓето од Матејче да си чекаат таму, од Старо Нагоричино да си бидат таму, само ова никогаш нема да се смени. Тоа е тоа. “

И пред вратите на канцелариите на вработените во подрачната единица земјоделците се препотуваат. Се препотуваат и вработените. Се има впечаток од здодевност како да го поминат работното време, ги има премногу за да се сместат во малите канцеларии. За долгото чекање на земјоделците тие велат дека е поради тоа што Куманово е најголема општина, а услуги се даваат и на останатите две Липково и Старо Нагоричино.

Во јули годинава раководителот пак рече дека редиците се поради недоволна техничка опременост, но според него не им е никаков проблем на земјодлеците кои само двапати треба да застанат во редот. Еднаш да земат бројче, а друг пат да бидат внесени во компјутерот .
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG