Достапни линкови

Јакимовски - Подготвени сме и посакуваме предвремени избори


Интервју - Стевчо Јакимовски
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:20 0:00

Интервју - Стевчо Јакимовски.

Во Македонија сите политики на оваа влада и економски и социјални и земјоделски и во поглед на надворешната политика, крахираа. И затоа сметаме дека нема повеќе кредибилитет да остане, што значи дека доколку се сакаат предвремени избори, опозицијата е подготвена, вели Стевчо Јакимовски, градоначалник на општина Карпош во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Како започна учебната година во Карпош? Лани имаше обиди ученици од селото Лака, да се запишат во училиштето Братство, тоа ви создаде проблеми. Како е оваа година?

Годинава немаше проблеми, освен тоа што ученици од Хром, сакаа да се запишат во основното училиште Димо Хаџи Димов. Ние минатата година направивме отстапка за учениците од Хром, меѓутоа очигледно ниту Министерството за образование, ниту градоначалникот на општина Ѓорче Петров, имаат намера да изградат училиште во Хром, онаму каде што е резервирано, според генералниот урбанистички план да се гради училиште. Напротив, локалната самоуправа во Ѓорче, побара тоа земјиште да се пренамени во станбени згради, што значи дека тие воопшто немаат намера да го решаваат тој проблем. Инаку за волја на вистината во Димо Хаџи Димов учат 700 ученици од Ѓорче Петров, од 1.250, значи 700 се од Ѓорче Петров.
Во сите останати училишта школската година почна без никакви проблеми. Морам да кажам дека вложивме вонреден напор да ги реконструираме сите училишта и 5.000 ученици да влезат во комплетно нови основни училишта на територијата на општина Карпош.

Дали покрај овие проблеми што ги спомнавте, сметате дека одлуката за реонизација и не е најдоброто решение кое го изгласаа советниците?

Зошто не би било најдобро решение, кога се работи за средства што ги одвојуваат граѓаните на општина Карпош. Реонизацијата почнува уште од времето на комунизмот, таа е темелена на законски основи, тоа се општински училишта, основач е локалната самоуправа и како што можете да видите општината Карпош минатата година издвои 2 милиони евра, оваа година уште 2, 5, тоа се 4, 5 милиони евра, тоа се огромни парични средства што ги вложуваме во училиштата. Нека извинат моите колеги, но нека ги утврдат приоритетите. За нас приоритети се училиштата, за некои се споменици, улици, кружни текови итн., така што нека утврда кои им се вистинските приоритети. Со тоа што ги реконструираме училиштата на територија на општина Карпош, тие ќе стануваат се поатрактивни, но ние не можеме да ги примиме учениците од цело Скопје да учат во општина Карпош. Нашата цел е во секое одделение да имаме од 24 до 28 ученици. Сакам да прашам каква е таа целодневна настава, во која вие осум часа имате 34 ученици ? Што можат учениците да научат за тие 8 часа, кога невозможно е да се воспостави целосно дисциплина и концентрација за тие 8 часа. Ако се намали бројот на учениците ќе имаме подобра концентрација, подобра настава, поголема дисциплина, помалку ќе се оштетуваат матријалните средства кои ги вложуваме таму.

Дали е подобрена соработката со централната власт, некако ми се чини дека препукувањата со актуелниот скопски градоначалник Трајановски, како да го одбележаа вашиот мандат.

Не, јас со градоначалникот Трајановски немам препукувања, освен тоа што сум барал да се инвестира на територија на општина Карпош и дека сите овие минати три години општина Карпош се заобиколуваше, иако е општина која најмногу внесува средства во буџетот на град Скопје.Ред е оние обврски што ги има кон граѓаните на општина Карпош, затоа што и тие гласале за него, тој да си ги исполнува и кон Карпош, затоа што зеленилото, хигиената ги одржува општина Карпош, а треба да ја одржува Градот Скопје. Голем дел од оние улици што се градски, зимно време ние ги одржуваме, ние максимално му помагаме на градот во подобрување и на хигиена и на одржување на зеленилото, но она што значи реконструкција на улици, канализација, водоводи, тоа си е обврска на Град Скопје и тој треба тоа да си го разрешува. Недозволиво е жителите во Нерези и високата зона во Козле, да немаат по шест месеци вода за пиење, сепак водата мора да биде прв приоритет пред сите останати, а тоа е обврска на градоначалникот на Скопје.

Сметате ли дека имате поинаков третман заради тоа што сте градоначалник на опозицијата?

Да не се сфатиме погрешно, јас не барам поинаков третман, ниту општина Карпош бара посебен третман, ниту пак треба да се внимава посебно затоа што ние сме опозициона општина, јас само барам да се однесуваат согласно законските прописи и етичките кодекси и обврските што ги имаат кон граѓаните согласно средствата што ги примаат од овие граѓани. Инаку моја заложба е и централната и градската власт само да не не попречуваат, да не ни сметаат, инаку општина Карпош е способна да си ги решава своите проблеми. Она на што јас инсистирам од градот Скопје е што може градот да направи треба да си каже, што не може исто така треба да каже, за да знаеме и тогаш ние да преземеме мерки.
На пример булеварот Теодосиј Гологанов, само 650 метра се прави на територија на општина Карпош. Ако ни кажеа дека имаат намера само 650 метри да прават, можевме ние уште еден километар да направиме, затоа што тие 650 метри чинат 30 милиони денари. Ние имаме улици што чинат по 250-300 илјади евра, што значи ќе скратевме други 2-3 улици и ќе направевме уште цел километар и ќе дојдевме до студентскиот дом Гоце Делчев. Градот дава ветувања дека ќе заврши повеќе работи, а на крајот кога ќе сведеме кога ќе сумираме се завршуваат многу помалку или воопшто не се завршуваат работи.

Господине Јакимовски како се браните од обвинувањата дека премногу пари од локалната каса трошите на еднодневни обуки, на невладини организации, на караоке забави....

Тоа се вмровски лаги, апсолутно нема никаква вистина во тоа. Ние имавме два ипол месеци ревизија во општина Карпош и извештаите се максимално позитивни. Ниту јас, ниту кој и да е во Општината, ќе си дозволи такви глупости како што ги наведуваат советниците или било кој од ВМРО-ДПМНЕ.

Дали општината Карпош ги исплати побарувањата што кон неа ги имаа одредени градежни фирми.

Како тоа, за некои стана под сомнение тоа како општина Карпош ги троши парите, а во општина Карпош најмногу се гради? Па ве молам, ако ние сме направиле 50 километра тротоари, ако сме направиле над 35 километра улици , 12-13 километри водоводи и канализации, како може да направиме толку многу и во исто време несовесно да ги трошиме парите? Мене тоа апсолутно не ми е јасно, не кореспондира едното со другото. Напротив, нашите обврски ние си ги сервисираме, во нормален рок.

Што конкретно прави општината за да помогне со проблемот на невработеноста. Дали како општина, како градоначалник, спроведовте одредени проекти, барате ли начини како да се намали таа стапка на невработеност?

Што се однесува со стапката на невработеност, во општина Карпош таа е на најниско ниво во Република Македонија и изнесува 16 отсто. А следна битна работа е што ние настојуваме, нашите можности за решавање на тој дел на проблемите е што во нашите урбанистички планови, ние можеме да предвидиме делови што се за индустриски зони, за сервисни зони, градежните дозволи да се издаваат максимално брзо, стопанствениците да не чекаат на нашите градежни дозволи, услугата и сервисот од локалната самоуправа да биде на највисоко можно ниво и повремено спроведуваме одредени обуки за лица кои се невработени во зависност од тоа за какви програми се работи. Сам да направи бизнис, да креира сам бизнис, да научи како се подготвува бизнис план, како се врши апликација итн. Настојуваме да ги афирмираме малите бизниси, малите стопанственици, организираме една манифестација која што се вика „Вешта рака“ и уште една манифестација „Ем умеам, ем можам“. Значи тоа се поддршките кои ние ги даваме на малите претпријатија.

Малку околу политиката. Како Вие гледате на моменталните турбуленции во матичната партија, во СДСМ, ваши сопартијци отворено зборуваат за проблеми, за поделеност во табори.

Тоа се невистини, затоа што во Социјалдемократскиот Сојуз нема табори. Тоа го зборуваат луѓе кои се надвор од органите на СДСМ. Инаку од контактите што јас ги имам со членови на ВМРО-ДПМНЕ и што тие зборуваат за Никола Груевски и за детската градинка околу него, веројатно косата на главата ќе ви се крене. Меѓутоа тие не се членови на партијата, на извршните органи на партијата, на извршниот одбор, на централниот одбор, на надзорниот одбор, на највисоките органи на партијата или членови на општинските раководства. Од 50 илјади членови разбирливо е да има луѓе кои апсолутно се слагаат со политиката на партијата, но има и луѓе кои сметаат дека многу повеќе треба да се делува или да се притисне на актуелната владејачка гарнитура. Во раководството на СДСМ апсолутно не постои никаков проблем, ниту било какви табори.

Дали опозицијата, конкретно мислам на СДСМ, е подготвена за предвремени избори.

Да, апсолутно и ние ги посакуваме тие предвремени избори. Никола Груевски и неговата влада добија мандат на 5 јуни 2011 година, меѓутоа гледаме дека за оваа година ние стрмоглаво паѓаме надолу, се зборува дека се даваат енормни средства на пример во земјоделието, а намален е сточниот фонд, на кравите за 16 проценти, на свињите за 20 проценти, на козите за 40, намален е бројот и на овците. Намален е извозот во делот на земјоделието, економскиот раст евидентно е дека паѓа. Главната политика за зголемувањето на децата во Македонија, гледаме дека е крахирана. Официјалните податоци на завод за статистика се дека минатата година, имаме 6, 3 проценти помалку деца во однос на претходната година, што значи дека сите политики и економски и социјални и земјоделски и во поглед на надворешната политика која е особено крахирана од оваа влада. И затоа сметаме дека нема повеќе кредибилитет да остане, што значи дека доколку се сакаат предвремени избори, опозицијата е подготвена. Уште повеќе што заедно со нивниот коалиционен партнер евидентно дека ги ескалираат меѓуетничките тензии во Република Македонија.

Мислите дека тие креираат такво сценарио?

Да, тие се во постојани договори како што се договорија за Хашките случаи, за оние кои дереа цивили, како што знаеја да се договорат за пописот, за тендерите да се договорат, веројатно и за оваа работа се договорија и ќе се предоговорат.

Да бидеме попрецизни, сите овие недоразбирања што се случуваат и муабетите, најавите за можен распад на владината коалиција, сакате да кажете дека се исценирани?

Да, тие постојано фингираат такви ситуации за да го подигаат адреналинот и кај Албанците и кај Македонците и практично по крахот на сите политики, јасно е дека не им останува никаков друг начин за одржување на власт освен национализмот и подигањето на патриотските чувства на граѓаните.

Уште малку околу предвремените избори, според ваши процени кога би било најдобро тие да се случат?

Вака да ви кажам, во тој дел СДСМ игра со црни фигури, оној што може да одлучи кога да се оди на избори е владата, односно владејачката коалиција, ако тие се договорат за распуштање на парламентот, нормално дека ќе има предвремени избори. Но претходно како што знаете избирачкиот список е непрочистен, тој има 170 илјади фантомски гласачи, во законот треба сериозно да се интервенира во согласност со препораките на ОДИХР и она што го препорачуваат набљудувачите од ОБСЕ и кога таа работа ќе се среди и ќе се расчисти со избирачките списоци и со законот, тогаш нема проблем.

Па дури и да биде и пред локалните избори?

Кога ќе се стаса.

Дали планирате да се кандидирате за уште еден градоначалнички мандат?

Да ќе се кандидирам.

За општина Карпош или имате поголеми амбиции, еве да речам за Град Скопје?

Моите амбиции се да ги решаваме проблемите на граѓаните, на задоволство на сите, мислам дека граѓаните на Карпош се задоволни од она што локалната самоуправа го изработи во изминатите три и пол години, од подобрување на квалитетот на живеење во сите делови и во делот на инфраструктурата и во делот на образованието, спортот, културата и сметам дека имаме право да побараме уште еден мандат.

Конкретно не ми одговоривте, за Општина Карпош така? Или се уште не е договорено?

Ние имаме уште повеќе од 6 месеци до почеток на локалните избори, значи се уште е рано, ќе одлучиме, заедно со партијата на којашто сум член, заедно со СДСМ ќе одлучиме што е најдобрата опција да се направи, секако за граѓаните.

Ни една опција не е исклучена?

Да.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG