Достапни линкови

Неделен печат - Владата во криза, бизнисот тоне


Глобус, Фокус и Граѓански ја анализираат владината криза по затегнувањето на односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Капитал го анализира бизнисот.

Глобус - Ивандерчо ја ондулира Македонија
Потрошено е сè што можеше да се потроши, упропастено сè што можеше да се упропасти, идејната сила на преродбата, страста што ја произведуваше и ја влечеше зад себе е исцрпена.
Глобус.

Дали во Македонија е отворен процес на политички промени, кој едновремено е и незапролив? Глобус смета да, и во колумната насловена: „Ивандерчо ја ондулира Македонија“ ги наведува аргументите за тоа: Потрошено е, вели, сè што можеше да се потроши, упропастено сè што можеше да се упропасти, идејната сила на преродбата, страста што ја произведуваше и ја влечеше зад себе е исцрпена... и така натаму, реди неделникот уште неколку аргументи, но, пишува, најголемиот проблем не е „вемерето“ туку опозицијата на чело со Црвенковски со својата безидејност и негативна кадровска селекција, пишува покрај другото најновиот он-лајн Глобус.
ДУИ е веројатно единствената партија во земјава која стопати досега ја напушташе владата заради застој во евроинтеграциските процеси, но уште е во неа.
Граѓански.

Граѓански - Тимот што кризира не се менува

„Тимот што кризира не се менува“ - пишува Граѓански осврнувајќи се на однесувањето на ДУИ како коалиционен партнер во власта. ДУИ, пишува неделникот, е веројатно единствената партија во земјава која стопати досега ја напушташе владата заради застој во евроинтеграциските процеси, но уште е во неа. Дали ќе добијат повеќе ако се смират или ако се разделат? Тоа е суштината на приказната. Пари, привилегии, гола власт. Никакви достоинства, патриотизми, идеали, приоритети... заклучува Граѓански.

Фокус - Рекомпонирањето на парламентарниот состав теоретски е можно, но реално неодржливо на долг рок

Фокус ги разгледува можните расплети на владината криза, па пишува дека во исчекување премиерот да се врати од Америка и да го определи текот на политичката криза што настана по судирот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, се редат можните сценарија за расплет - преку избори, ново парламентарно мнозинство, или, пак, улична револуција, која е најрадикалната и последна можност. Рекомпонирањето на парламентарниот состав теоретски е можно, но реално неодржливо на долг рок, па секогаш наједноставни се - изборите. Ако веќе ги има, тие најверојатно ќе се одржат заедно со локалните, зашто и опозицијата има механизми да ги одложи до следната пролет, макар и се заканила со изборен бојкот, смета Фокус.

Капитал - Бизнисот очекува тешка 2013 година!

Сондирајќи мислења на повеќемина челници на најголеми и најуспешни компании во земјава, Капитал заклучува дека „Бизнисот очекува тешка 2013 година!“ Имено, бизнисмените велат дека тешко работат во услови на скапи суровини и енергенси, на сè потежок пристап до свежи пари, намалени нарачки од странство, намалена потрошувачка, а со тоа и намалени приходи. Турбулентни времиња допрва очекуваат, а за да застанат на нозе признаваат дека им е потребна внатрешна мобилизација, но и помош од државата, пренесува Капитал.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG