Достапни линкови

Обама, кандидат за втор претседателски мандат


Барак Обама и Бил Клинтон на Националната конвенција на Демократската партија во Шарлот

Барак Обама и Бил Клинтон на Националната конвенција на Демократската партија во Шарлот

Демократската партија и официјално го номинира американскиот претседател Барак Обама за нејзин кандидат на претседателските избори на 6 ноември, кога ќе се соочи со републиканецот Мит Ромни. Обама беше избран со големо мнозинство на Националната демократска конвенцијата во Шарлот, Северна Каролина.

Претседателот Барак Обама за кандидат за уште еден мандат во Белата Куќа официјално беше предложен од поранешниот претседател Бил Клинтон кој апелираше до милиони американци да гласаат за Обама и на претстојните избори.

„Пристапот на претседателот Обама ги отелотворува вредностите, идеалите и насоката што Америка мора да ја преземе за да изгради верзија на американскиот сон за 21 век, односно нација на еднакви можности, еднакви обврски, заеднички просперитет и чувство на заедништво.“

Клинтон пред делегатите на Конвенцијата додаде дека Обама ја стави земјата на долг пат на заздравување со што ги постави основите за, како што рече, помодерна и подобро балансирана економија.
Пристапот на претседателот Обама ги отелотворува вредностите, идеалите и насоката што Америка мора да ја преземе за да изгради верзија на американскиот сон за 21 век, односно нација на еднакви можности, еднакви обврски, заеднички просперитет и чувство на заедништво.
Во 48 минутниот говор Бил Клинтон одговори на прашањето што Мит Ромни го позајми од Роналд Реган кое своевремено му помогна да го победи Џими Картер, односно дали сега на гласачите им било подобро отколку пред четири години.

„Дали сме таму каде што сакаме да бидеме? Не. Дали претседателот е задоволен? Не. Дали ни е подобро отколку кога тој ја презеде функцијата? Одговорот е: Да“, рече Клинтон наведувајќи дека Обама се уште е во процес на чистење на грешките на републиканците.

„Ниту еден претседател, ниту еден претседател, ниту јас, ниту кој било од моите претходници, не можеше во само четири години да ја поправи целата штета што ја наоѓал“, изјави Бил Клинтон на Конвенцијата на која демократите извршија извесни измени на политичката платформа во која сега се вклучени референците за Господ и за Ерусалим како главен град на Израел.

Претходно, Републиканците упатија остри критики за тоа што во платформата тие биле изоставени.
Барак Обама, Мит Ромни

Барак Обама, Мит Ромни


Во изменетата платформа сега стои дека „на Соединетите држави им е неопходна влада која на сите што се подготвени напорно да работат им дава шанса да остварат најмногу од нивниот од Господ даден потенцијал“.

Исто така е вратен и делот во кој се наведува дека Ерусалим, „е и ќе остане главен град на Израел кој треба да остане неподелен и достапен за луѓето од сите вери“.

Наведувајќи ги лошите временски прогнози организаторите на Конвенцијата ги откажаа плановите Обама вечер да ја прифати номинацијата на отворено, односно на стадионот во Шарлот кој има 74 илјади места.

Одлуката говорот на Обама да биде во покриена арена со 15 илјади места Републиканците ја оценија како недостиг на ентузијазам.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG