Достапни линкови

Жестока комисиска расправа за законот за бранители


Споменикот „Ангел“ во Битола во чест на загинатите бранители кај Вејце во 2001 година.
Споменикот „Ангел“ во Битола во чест на загинатите бранители кај Вејце во 2001 година.

За ДУИ и ДПА, законот е противуставен, селективен, еднонационален и ги застапува само Македонците па со него се кршат начелата на Охридскиот договор и директно се загрозува соживотот. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не се согласуваат со тоа.

Тензичен и жесток беше почетокот на комисиската расправа за предлог законот за бранителите. ДУИ и ДПА во собранието беа сложни во барањето законот воопшто да не се става на дневен ред затоа што, како што велат, законот е противуставен, селективен, еднонационален и ги застапува само Македонците па со него се кршат начелата на Охридскиот договор, а и директно се загрозува соживотот. Нивното барање не беше прифатено. Пратеникот на ДУИ Џеват Адеми го нарече овој закон чисто зло и оти со него се отвараат старите рани.
Со вакви предлози не се гради европска Македонија, со вакви провокативни предлози како ќе станеме членка на НАТО и на ЕУ? ДУИ се противи на овој предлог закон. Не само што се противи, туку ќе ги искористи сите можности што деловникот, законот, Уставот на Република Македонија ни ги овозможува ваков закон да не биде донесен.
Џеват Адеми, ДУИ.

„Или не се разбираме или не сакаме да се разбереме. Колеги, ве молам, со вакви предлози не се гради европска Македонија, со вакви провокативни предлози како ќе станеме членка на НАТО и на ЕУ? ДУИ се противи на овој предлог закон. Не само што се противи, туку ќе ги искористи сите можности што деловникот, законот, Уставот на Република Македонија ни ги овозможува ваков закон да не биде донесен.“
Илустрација: Специјални полициски единици во Ваксинце во 2007 година.
Илустрација: Специјални полициски единици во Ваксинце во 2007 година.

Тој додаде дека денеска официјално започнува долга битка, затоа што со овој предлог закон Македонија се оддалечува од евроинтеграцискиот пат, го дели народот по етничка линија и најави дека ДУИ ќе ги искористи сите можни административни и бирократски механизми за да го спречи неговото донесување.
Предлог законот за посебните права за припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства не е неправеден тенденциозен обид против Албанците, не е почитуван колега антиалбански и не ограничува или скратува ниту едно право на Албанците во Република Македонија.
Веле Ѓорѓиевски, ВМРО-ДПМНЕ.

Во име на предлагачот, од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, зборуваше пратеникот Веле Ѓорѓиевски кој рече дека целта на овој закон не е да направи поделба по етничка линија, туку да се направи вистински чекор напред во помирувањето.

„Предлог законот за посебните права за припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства не е неправеден тенденциозен обид против Албанците, не е почитуван колега антиалбански и не ограничува или скратува ниту едно право на Албанците во Република Македонија.“

Пратеникот на ДПА Зиадин Села смета дека со овој предлог закон се враќа атмосферата од 2001 година.

„Јас толку големи будалаштни што ги искажа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ не сум слушнал до сега. Образложението што вие го давате навистина е празно и попусто. Се повикувате на тоа дека ете да се заборави конфликтот од 2001 година и дека овој закон ќе придонесе за тоа, но ми се чини дека вие денеска ја враќате токму таа атмосфера.“

Радмила Шеќеринска од СДСМ оцени дека со ова се прави несериозен пристап за сериозни прашања, но додаде дека партијата и нејзините коалициони партнери ќе дадат поддршка за законот затоа што ист став имале и во 2008 година кога речиси истиот предлог се разгледувал во Собранието. Таа тврди дека тој не е антиалбански и не го крши Охридскиот договор, но е игра на Ахмети и Груевски за политички поени.

По нејзиното обраќање, тежиштето на дебатата се сврте кон ставот на СДСМ, па пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Бети Кузмановска и реплицираше.

„Она што е лицемерно ќе ви кажам, срамота е да се грижите за оваа огромна категорија на граѓани бидејќи вие имате лидер кој дефинитивно не спаѓа во категоријата на политичарите во однос на неговата историја која се однесува на правата на бранителите.“

Дебатата во комисијата се водеше за потребата од донесувањето на законот, но економските импликации од него беа изоставени. Пратеникот на НДП Изет Зеќири посочи дека со овој предлог закон во Собранието се прави само театар за народот.

„Се работи за прекумерен театар. Каде беа овие албански партии кога се донесуваа и изменуваа овие закони и во тие закони и измени да се вградат припадниците на ОНА и паднатите борци. Овој закон се менуваше 5 пати. Затоа мислам дека е театар и закон кој ги лечи фрустрациите на партнерот на ДУИ, значи на ВМРО-ДПМНЕ во овој случај.“

Пред почетокот на седницата лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов изјави дека неговото барање за присуство на седницата било одбиено од стручните служби со образложение дека се вонпарламентарна партија.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG