Достапни линкови

logo-print

Ќе се обидам да ја спасам Југославија


Блашко Грабиќ и неговите пријатели тешко го прифатија рападот на Југославија и си направија сопствена, минијатурна, пишува агенцијата Асошиетед прес, додавајќи: Сега тие може да ја загубат и неа.

Паркот „Југоленд“ кој со години го посетуваат многу обожаватели на поранешната комунистичка држава се соочува со затворање, бидејќи Блашко Грабиќ стави дел од паркот како гаранција за заем што сега не може да го врати.

„Ќе се обидам да ја спасам Југославија“, вели 70-годишниот Грабиќ, пензиониран печатарски работник, додавајќи дека ќе биде навистина тажно доколку и оваа Југославија исчезне. Таа се протега на околу хектар ипол со вештачки планини и со прокоп што треба да го претставува Јадранско море, југословенско знаме и петокраки.

Сето тоа го претставува очајот на луѓето чија земја се растури во бруталните војни во деведесетите години од минатиот век.
Ниедна Библија не може да опише поубав рај од оној што го имавме во нашата Југославија.

Соочени со новата реалност на малечки земји и со хаосот на слободниот пазар, многумина екс југословени почнаа да му се враќаат на, како што наведува агенцијата, поранешната комунистичка диктатура како на земја од соништата која нудеше еднаквост и работна сигурност.

Трендот стана познат како југоносталгија. Еден од главните поборници е токму Грабиќ.

„Ниедна Библија не може да опише поубав рај од оној што го имавме во нашата Југославија“ вели тој, додавајќи:

„Ја имавме најубавата земја на светот.“

За време на комунизмот, Грабиќ многу години помина во Канада каде што имаше печатница. Се врати во 1983 година и започна бизнис во Суботица. Но, во 90-тите години тој стана сведок на распадот на Југославија.

Она што го натера на акција беше одлуката на Србија и Црна Гора кои во 2003 година се откажаа од името Југославија.

Во февруари истата година на свое земјиште ја регистрира мини Југославија. Тој и неговите пријатели поставија бронзени статуи на Јосип Броз Тито како гранични столбови и направија копии на Триглав и на Јадранско море.

Во минијатурната Југославија се регистрирани 8 илјади граѓани кои порачуваат дека таа ќе живее се додека живеат и тие.
Влогот е голем, а ако не успеам ќе ги загубиме Србија и Македонија.

Во изминативе години илјадници луѓе ја имаат посетено, особено на 25 мај, роденденот на Тито. Тогаш се орагнизираат пикници и музички настапи.

Обожавателите на Тито велат дека тој бил способен политичар кој успешно ја водел земјата за време на Студената војна.

Според нив, раководењето на Тито било помеко отколку во другите комунистички земји и оти Југословените можеле слободно да патуваат и да уживаат во релативна слобода, ако не и демократија.

62-годишниот фотограф Мирослав Андријевиќ од Суботица кој стана жител на минијатурната Југославија пред седум години вели дека таа им понуди консолидација на луѓето кои останаа без земја.

Но, за остварување на тој сон има една пречка: недостиг на пари. Грабиќ вели дека нема да се откаже и оти ќе организира добротворни концерти да го исплати долгот.

„Влогот е голем, а ако не успеам ќе ги загубиме Србија и Македонија“, вели тој.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG