Достапни линкови

Лустрацијата повторно пред Уставен


Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот за определување на услов за вршење на јавна функција.

Законот за лустрација повторно ќе се најде пред Уставниот суд. Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот за определување на услов за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување соработка со органите на државната безбедност. Во иницијативата се опфатени одредбите кои се однесуваат на временскиот опфат на процесот на лустрација, начинот на објавување на лустрираните на веб-страната на Комисијата за верификација на факти и нејзините надлежности, вели директорот на комитетот Уранија Пировска.
Цениме дека Уставниот суд ќе биде конзистентен во своето постапување и ќе донесе одлука, како и претходните две одлуки што ги донесе и ќе ги укине одредбите на коишто укажуваме, меѓутоа пред сè очекуваме дека Уставниот суд ќе донесе решение со кое ќе го запре спроведувањето на актите и дејствијата согласно овој закон.

„Цениме дека Уставниот суд ќе биде конзистентен во своето постапување и ќе донесе одлука, како и претходните две одлуки што ги донесе и ќе ги оспори, односно ќе ги укине одредбите на коишто укажуваме, меѓутоа пред сè очекуваме дека Уставниот суд ќе донесе решение со кое ќе го запре извршувањето, односно спроведувањето на актите и дејствијата согласно овој закон.“

Пензионерот Стамен Филипов, кој е познат во јавноста по иницијативите пред Уставниот суд, исто така поднесе Иницијатива за оспорување на законот. Според него, не може да се лустрираат луѓе по 1991 година, откако е донесен Уставот.

„Лустрација е да се расчисти минатото. Кое минато ќе го расчистуваме од 1991 до 2006 година? Друго, не може меѓник да биде Законот за пристап до јавни информации, може Уставот да биде или некој меѓународен документ кој е над законот, значи не можеме ние сами со закон да спречуваме и да лустрираме луѓе.“
Лустрација е да се расчисти минатото. Кое минато ќе го расчистуваме од 1991 до 2006 година? Друго, не може меѓник да биде Законот за пристап до јавни информации, може Уставот да биде или некој меѓународен документ кој е над законот.

Според Пировска, законот не одговара на препораките на Советот на Европа на кои се повикуваше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кога го поднесуваше во Собранието.

„Хелсиншкиот комитет во сите свои извештаи, месечни и квартални, укажуваше токму на неконзистентноста на одредбите од законот со препораките на Советот на Европа и на тоа се темели и нашата иницијатива.“

Филипов изрази очекување дека Уставниот суд ќе донесе правилна одлука и нема да подлегне на некакви притисоци.

„Може, меѓутоа не би требало. Сепак сметам дека тоа се правници, дека имаат квалификации, дека не треба да се плашат, не треба да бидат под влијание на политиката или под влијание на некоја партија, и од едната, и од другата страна.“

Уставниот суд досега два пати укина одредби од законот.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG