Достапни линкови

Неделниците се фокусираат на економијата


Фокус и Капитал ја анализираат македонската економија, а Глобус се осврнува на можноста од нови предвремени избори.

Најновата занимација на јавноста и на медиумите е дали ќе има и предвремени парламентарни избори, но работите не се толку релаксирани како при занимациите со играчки.
Груевски и Ахмети лансираа нов коалициски судир од кој ќе сме можеле да се извлечеме со нови избори... Какви избори ја вадат Македонија од ова економско дно до кое сме доведени?
Фокус.

Глобус - Предвремени избори? Не, благодарам!

Колумнистот во Глобус вели: „Предвремени избори? Не, благодарам!“ Па анализира каква е моменталната политичка ситуација во Македонија и односите помеѓу коалиционите партнери во власта, констатирајќи дека по дефиниција, зачестените предвремени избори, секогаш и секаде, се еден вид индикатор за слабоста на политиката да управува со општеството и со државата. Она што е специфично за нас, пишува Глобус, е тоа што предвремените избори станаа еден од инструментите за расипување на демократијата и создавање авторитарен режим, зашто за власта, изборите се само алатка со која се стекнува каков-таков легитимитет, дома и во странство.

Фокус - Постојаната политичка нестабилност се заканува од Македонија да направи економски инвалид!

За изборите и економијата пишува и најновиот неделен Фокус: „Постојаната политичка нестабилност се заканува од Македонија да направи економски инвалид!“, тврди економскиот аналитичар во неделникот кој додава дека, како што пишува - „Груевски и Ахмети лансираа нов коалициски судир од кој ќе сме можеле да се извлечеме со нови избори... Какви избори ја вадат Македонија од ова економско дно до кое сме доведени?“ - прашува авторот, кој смета дека главната порака во случај на брзи избори, која се испраќа и кон дома и кон надвор е дека Македонија има нестабилен политички систем во кој партиите не можат да остварат логичен четиригодишен мандат за да се посветат на решавање на економските проблеми. А за инвеститорите тоа значи само едно: да се воздржуваат од земји чии политички ризици, од домашен и од регионален аспект, се прилично високи! - пишува Фокус.

Капитал - Зошто балканските земји потонаа во длабока економска криза?

За, условно кажано, љубителите на економско-политички теми, најновиот неделен Капитал објавува интересна анализа: „Зошто балканските земји потонаа во длабока економска криза?“, па тврди дека должничката криза во еврозоната не е причината, туку само катализатор за проблемите со кои се соочуваат балканските држави, затоа што немаат стабилна база(индустрија и производство) и ефикасен економски модел (во кој државата не е преголем товар за стопанството). Плус, во нив владеат корупцијата и криминалот, анализира, покрај другото, Капитал.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG