Достапни линкови

logo-print

Индустријата цела година на удолница


Индустриското производство паѓа 11 месеци по ред. Тоа може да предизвика сериозни нарушувања на македонската економија.

Континуираниот пад на индустриското производство веќе единаесет месеци, кој според економските аналитичари е последица од кризата во еврозоната, може да предизвика сериозни нарушувања на македонската економија. Еден од клучните проблеми за македонските компании се намалените нарачки од странство, но и постојаниот скок на нафтените деривати и енергенсите.
Излезот би бил да се бараат нови пазари, значи да не се фокусираме само на оние пазари каде што сега извезуваме или пак од каде што увезуваме затоа што и тоа навистина е исто така битно за самите финални производи.

„Падот на индустриското производство покажува успорување поради намалување на побарувачката, а таа пак е поврзана со извозот. Македонија е отворена економија, увозно-извозно зависна од меѓународните пазари и сè што се случува влијае и кај нас“, изјави универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Падот на индустриското производство е резултат на намалената искористеност на капацитетот во стопанството објаснува Шанај Хаџимустафа од Центарот за економски анализи. Според неа, доколку продолжи ваквиот негативен тренд, тоа ќе значи дека економската состојба во државата се влошува, луѓето може да останат без работа, а дел од тие кои работат може и да не земаат плата.
Сите услови за рецесија во нашата земја се исполнети така што останува уште истата официјално да се објави. Што се однесува до влијанието на рецесијата врз стопанските движења доволно е да се каже зборот рецесија и да се поттикне песимизам кај компаниите кои имаат активности и планираат нови инвестиции во нашата земја.

„Излезот би бил да се бараат нови пазари, значи да не се фокусираме само на оние пазари каде што сега извезуваме или пак од каде што увезуваме затоа што и тоа навистина е исто така битно за самите финални производи“, вели Хаџимустафа.

Ваквата појава во македонската економија само потврдува дека земјава е во рецесија, иако тоа официјално не се објавува, изјави претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи.

„Сите услови за рецесија во нашата земја се исполнети така што останува уште истата официјално да се објави. Што се однесува до влијанието на рецесијата врз стопанските движења доволно е да се каже зборот рецесија и да се поттикне песимизам кај компаниите кои имаат активности и планираат нови инвестиции во нашата земја“, рече Кучи.

Секоја Влада треба да се труди да воспостави одредени мерки во насока на позитивно активирање на стопанските капацитети, но не ретко мерките не делуваат веднаш, вели Пејковски, според кого треба да се почека подолго време за да се видат можните ефекти од преземените чекори.

„Така што, ако гледаме стратешки и долгорочно прашањето се поврзува со инвестирањето“, вели Пејковски.

Падот на индустриското производство значително влијае во структурата на бруто домашниот производ. Кон средината на овој месец се очекува да се објави податокот за бруто домашниот производ, кој доколку повторно биде негативен, тоа ќе значи дека македонската економија и официјално ќе влезе во рецесија.

Според последните податоци на Заводот за статистика, индустриското производство во јули годинава е за 6,9 проценти помало од истиот период лани. Гледано по сектори, најголем е падот во преработувачката индустрија и тоа за десет отсто споредено со истиот период минатата година.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG