Достапни линкови

Охрид - трајна инспирација за Упевче


Слика од Славко Упевче. Чинарот во Охрид.
Слика од Славко Упевче. Чинарот во Охрид.

Охридскиот уметник Славко Упевче со невидена упорност ја продолжува својата мисија да биде ликовен хроничар на градот кој полека ја губи својата автентична архитектура.

Атмосферата на Охрид која во сите нас е останата како топло сеќавање преку светлосните нијанси на летата, преку сенките што ги фрлаат куќите и ретките дрвја, преку топлите и пријатни зими, преку детали кои не сме ги виделе, запамтиле, сега се само спомени кои затреперуваат од пастелите на Упевче.
Охрид мене ќе ми остане трајна преокупација. Има толку многу моменти во 365 дена од годината кои заслужуваат да бидат забележени и овековечени но не фотографски туку во секоја слика авторот остава дел од себе, како тој го доживува тој предел. Јас го сакам Охрид во сите годишни времиња, а го сликам архаичното, она што е чисто охридско, што го нема во другите градови. Ја сликам атмосферата. Ја сликам светлината на градот, на Лихнидос.
Славко Упевче, сликар.

Ова ќе го забележи писателот Славе Ѓорѓо Димовски во каталогот за изложбата на академскиот сликар Славко Упевче со која тој во 2009 година го одбележа својот четиридецениски творечки пат. Три години подоцна уметникот, во атељето и галеријата кои ја красат низата на дуќани на влезот во Охридската чаршија, со некогашната страст постојано и упорно и се навраќа на својата трајна инспирација и преокупација.

„Охрид мене ќе ми остане трајна преокупација. Има толку многу моменти во 365 дена од годината кои заслужуваат да бидат забележени и овековечени но не фотографски туку во секоја слика авторот остава дел од себе, како тој го доживува тој предел. Јас го сакам Охрид во сите годишни времиња, а го сликам архаичното, она што е чисто охридско, што го нема во другите градови. Ја сликам атмосферата. Ја сликам светлината на градот, на Лихнидос.“

Славко Упевче, сето ова време, како да бие битка со оние кои не ја препознаваат и не ја почитуваат душата на градот под Самоиловата тврдина.
За жал не се најде модус да се задржи старата охридска архитектура иако тоа беше декларирано дека при секоја интервенција ќе се бара согласност од Завод и музеј за заштита на споменици градбата да биде адекватна и да ги има обележјата на старата охридска архитектура.
Славко Упевче, сликар.

„Има неколку локации кои што постојано ги сликам. Една е покрај Света Софија , другата е Свети Јован Канео, неколку стари улички и нормално целата визура на градот кој што заслужува и треба да биде овековечен. Ете, на оваа слика овде, ова дрво е чинарот во Горица стар неколку стотини години. На неговото место сега се две деветкатници?!“

Затоа ликовниот хроничар на Охрид постојано и упорно забележува:

„За жал не се најде модус да се задржи старата охридска архитектура иако тоа беше декларирано дека при секоја интервенција ќе се бара согласност од Завод и музеј за заштита на споменици градбата да биде адекватна и да ги има обележјата на старата охридска архитектура.“

Славко Упевче, кој зад себе има 30 самостојни изложби во Македонија, во земјите од регионов и во САД од кои последната се одржа минатата година и беше посветена на 1100-годишнината од упокојувањето на преподобен Наум Охридски, трпеливо се подготвува и за своите нови ликовни претставувања. Со синот Никола, исто така ликовен уметник, догодина планираат да се претстават во Белград, соседна Србија, а со колегата Јордан Манасиев имаат ниет да направат изложба во родниот Охрид која потем би можело да ја проследат љубителите на уметноста и во другите градови во земјава.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG