Достапни линкови

АМАН протестира, поскапувањата продолжуваат


За едни, целта може да се постигне само ако луѓето што протестираат добијат поддршка од синдикатите, граѓанскиот сектор, па дури и од политички партии, што би довело до омасовување на протестите и зголемување на притисокот врз државните органи. За други, пак, токму невладиниот сектор, синдикатите и партиите се гробарите на граѓанскиот активизам во Македонија.

Граѓанската иницијатива „Аман“ денеска повторно протестира против поскапувањата на струјата, парното и горивата. Во пресрет на протестот, Регулаторната комисија за енергетика вчера одново ги поскапе бензините за 2,5 денари, а дизелот за 1,5 денари. Така од денеска еден литар Супер-95 чини 88,5 денари, Супер-98 е 90, а еуродизелот е 74,5 денари.
Ако го анализираме конкретниот случај, сите синдикати во Македонија се должни да дадат поддршка, да организираат и да учествуваат во тие протести, затоа што добар дел на граѓаните воедно се и членови на синдикатот, односно тие се вработени, така што преку овој начин на заштита на своите права, значи со масовно протестирање сигурно дека секоја компанија би размислила дали да ја покачи цената или не.

Прашање е дали и на кој начин едни вакви протести може да ја постигнат целта. За едни, таа може да се постигне само ако луѓето што протестираат добијат поддршка од синдикатите, граѓанскиот сектор, па дури и од политички партии, што би довело до омасовување на протестите и зголемување на притисокот врз државните органи. За други, пак, токму невладиниот сектор, синдикатите и партиите се гробарите на граѓанскиот активизам во Македонија.

Од „Аман“ побараа поддршка за нивните барање и од Синдикатите, но таа изостана. Најголемиот меѓу нив, Сојузот на синдикати на Македонија минатата недела излезе со соопштение во кое се вели дека уште на 7 август побарале, пред донесувањето на одлуките на Регулаторната комисија тие претходно да бидат разгледувани на седниците на Економско–социјалниот совет. Претседателот на ССМ Живко Митревски не беше достапен да одговори дали им одговориле на барањето и дали ги разгледувале новите поскапувања.

Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Раско Мишкоски, пак, вели дека до нив нема стигнато никакво барање за поддршка и оти ако стигне ќе го разгледаат и ќе се изјаснат. Поддршка на барањата на „Аман“ даде само Независниот синдикат на новинари и медиумски работници и неколку граѓански здруженија и невладини организации.

Поранешниот синдикалец Драге Јовановски вели дека синдикатите имаат обврска да ги поддржат протестите, зашто во спротивно се ставаат во заштита на државните органи.

„Така што, ако го анализираме конкретниот случај, сите синдикати во Македонија се должни да дадат поддршка, да организираат и да учествуваат во тие протести, затоа што добар дел на граѓаните воедно се и членови на синдикатот, односно тие се вработени, така што преку овој начин на заштита на своите права, значи со масовно протестирање сигурно дека секоја компанија би размислила дали да ја покачи цената или не.“

Од друга страна, Димитар Апасиев од движењето за социјална правда Ленка неодамна, во интервју за Актив изјави дека граѓанскиот активизам во Македонија е закржлавен. Како причина за тоа, тој ги наведува искомпромитираниот и бирократизиран невладин сектор кој го гуши граѓанскиот активизам, „жолтите“ синдикати и нивните „лидери“, кои како и во минатиот систем се приврзок на режимот, и како трета причина ги наведува партиите, кои преку „своите полтронски подмладоци“, свесно го кочат развивањето на критичкиот дух кај младите.

Опозицискиот СДСМ вчера реагираше дека владата може да ги намали цените на горивата преку намалување на акцизата, а од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека обидот на СДСМ да ги обвини за поскапувањето на цената на нафтата е „чиста манипулација и надвор од здравата логика“.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG