Достапни линкови

logo-print

Кумановци песимисти, се пријавуваат како невработени од навика


Невработените кумановци се песимисти дека ќе се вработат преку Агенцијата за вработување. Велат се пријавуваат за барем некаде да ги има во евиденција.

Во Агенцијата за вработување поголемиот број кумановци се пријавуваат не затоа што се оптимисти дека некогаш некаде ќе им биде понудена работа, туку затоа што навикнале на одредено време да се појават и да бидат евидентирани. Меѓу нив се некои кои никогаш не биле вработени, ама како што велат како невработени добивале социјална парична помош или здравствени картони, или пак да се информираат за нешто, па и да се сретнат со некој познајник, пријател, роднина.
Дваесет и пет години се пријавувам. Не сум работела, болна сум, неспособна за работа.

Во отсуство на раководителот, за кого вработените велат дека почесто не е отколку што е на работното место, тие додаваат дека бројката е над 30 илјади кумановци кои се невработени. И коментираат дека е подобро да се праша колку се вработени, со кое образование и дали некој воопшто знае колку се платени. И пак ќе речат дека да не се печалбарите во други земји, најповеќе во Ирак и Авганистан, бројката на невработените би била многу поголема.
Никакви привилегии. Порано имаше за лекување. Овдека доаѓам, чисто така. Да се видиш со луѓе.

„Дваесет и пет години се пријавувам. Не сум работела, болна сум, неспособна за работа.“

„Примам социјална помош, а сега немам ни тоа.“

„Жена ми се пријавува тринаесет години. Очекува дека ќе се вработи, но кој ќе ја вработи!“

РСЕ: Мора ли да се пријавува?

„Па мора да се пријавува. Можеби ќе има среќа да се вработи за три-четири години.“

РСЕ: Колку време се пријавувате?

„Цел живот се пријавувам. Триесет години. Од воздух живеам. Од земјоделие.“

„Никакви привилегии. Порано имаше за лекување. Овдека доаѓам, чисто така. Да се видиш со луѓе.“

„Бога ми од 1995 година се пријавувам. Што да очекувам! Ништо.“

„Привилегии? Се пријавував за здравствени картони. Работам земјоделие“, велат запрашаните граѓани.

И покрај тоа што не очекуваат вработување, тие внимаваат да не го пропуштат рокот за пријавување за да не бидат избришани од евиденцијата. Или како што велат, како невработени мислат дека е добро барем некаде да бидат на евиденција дека постојат.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG