Достапни линкови

Неделeн печат - Економските теми во фокусот


Поскапувањето на струјата, работењето на ЕЛЕМ, интервјуа со претседатели на Стопанските комори. Неделниците и дадоа примат на економијата.

Дека не' чека зима со свеќи и студени домови може да се забележи и од засиленото третирање на економските теми и по нашите неделни списанија.

Глобус - Стигна сметката од зимската трик-економија

Струјата поскапува до небо, а ЕЛЕМ плаќа хотелско сместување во луксузен хотел во Скопје за 600 ноќи за вработените од своите подружници кои ќе посетуваат обука. А во тој хотел, свеќи се употребуваат само за создавање романтична атмосфера во луксузните бањи, додека дел од граѓаните зимава ќе почнат да користат свеќи за други намени.
„Стигна сметката од зимската трик-економија“, пишува он-лајн магазинот Глобус, анализирајќи го најновото поскапување на струјата, а забележувајќи дека „групировката“, како што вели, „која се занимава со увоз на струја чорбата ни ја спржи уште зимоска“. Па потсетува дека во студениот и снежен јануари најпрвин беше дозволен извоз на струја произведен од најновиот и посериозен произведувач на енергија ТЕ-ТО, на чии киловати се израдувавме, и тоа кога европските влади во добар дел забранија струјата да се извезува. Потоа Владата го забрани извозот, колку да видиме дека власта ја има таа моќ и врз приватните компании, но практично, во еден тајм-аут останавме без доволно струја и таа интервентно мораше да се увезува по цени од кои се вртеше во главата. Групировката увозници на струја чие фантомско богатење одамна е под лупа на јавноста уште еднаш „си го товари магарето“, а ние останавме „грбави“, пишува Глобус, а дека тие профитери се апсолутно дел од оваа власт покажаа реакциите на одлуките на Регулаторната комисија, која всушност е партиско тело што ја води Димитар Петров, поранешен шеф на ВМРО-ДПМНЕ во Кратово: двапати големо зголемување на цената на киловатот струја и укинување на дневната евтина тарифа.

Фокус - Струјата поскапува до небо, а ЕЛЕМ се луксузира

Фокус се занимава со работењето на ЕЛЕМ и на директорот Чинговски. „Струјата поскапува до небо, а ЕЛЕМ плаќа хотелско сместување во луксузен хотел во Скопје за 600 ноќи за вработените од своите подружници кои ќе посетуваат обука“, обелоденува неделникот. А во тој хотел, свеќи се употребуваат само за создавање романтична атмосфера во луксузните бањи, додека дел од граѓаните зимава ќе почнат да користат свеќи за други намени, пишува Фокус.

Капитал - Владата треба да се оддалечи од популистичката политика, вели Кучи

Неделниот Капитал објавува интервју со Мендерес Кучи, претседател на Комората на Северозападна Македонија, кој порачува: „Владата треба да се оддалечи од популистичката политика и наместо објекти од културата да инвестира во патишта, железница, гасификација и други инфраструктурни објекти со кои ќе се оправи економијата.

Граѓански - Македонските компании дишат на жабри, вели Азески

Граѓански, пак, објавува интервју со Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, кој вели: „Македонските компании дишат на жабри“. За падот на економските активности клучен ограничувачки фактор е хроничниот проблем со неликвидноста и високиот степен на внатрешна задолженост, смета, покрај другото, Азески во интервјуто за Граѓански.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG