Достапни линкови

Стартува 26-от Охридски пливачки маратон


Триесет пливачи од пет континенти ќе учествуваат на 26-от Меѓународен охридски пливачки маратон што денеска ќе се плива на патеката „Климе Савин“ на Охридското Езеро.
Иако вон конкуренција за победа во генералниот пласман, најголем фаворит за триумф денеска е десеткратниот победник на маратонот во Охрид, Бугаринот Петар Стојчев.
Шестчлената македонска експедиција ќе ја предводи третопласираниот минатата година Евгениј Поп Ацев. Заедно со него ќе пливаат уште Александар Илиевски, Дејан Младеновски и Александар Панчевски, Миро Крстевски и Александар Тороманоски. Иако беше пријавен, настапот на денешната трка поради повреда го откажа Томи Стефаноски кој беше втор на минатогодишниот маратон.
И ова маратонско издание ќе мине без македонска преставничка во женска конкуренција.
Стартот на трката е закажан за денеска точно на пладне кај Свети Наум, а првите маратонци на целта кај Градското пристаниште во Охрид ќе пристигнат некаде пет и половина часа подоцна.
Охридскиот пливачки маратон се одржува под покровителство на Претседателот Ѓорѓе Иванов. Наградниот фонд на маратонот изнесува 25 илјади долари.
XS
SM
MD
LG