Достапни линкови

Дневен печат – Поскапувањата се неизбежна тема


Протести во Скопје поради поскапувањето на електричната енергија, парното и горивата.
Протести во Скопје поради поскапувањето на електричната енергија, парното и горивата.

Речиси сите дневни весници посветуваат внимание на поскапувањата и на протестите против зголемувањето на цените на струјата, парното и горивата.

Вечер во изминатата недела со големо внимание врз економските и темите од стандардот: речиси секој ден, по една вест: Дека „Како голем увозник на храна Македонија ќе ја дели судбината на светот“, за мирните протести во Скопје и во Битола: „Граѓаните рекоа аман за струјата, парното и горивата!“ за следната грејна сезона: „По парното и струјата поскапуваат и дрвото и јагленот“, „Во септември поскапуваат лебот и тестенините“, а за Топлификација информира дека компанија била пред банкрот и дека имала пари само до 18 октомври! Има и една „утешна“ вест дека „Европската криза ги тресе сите балкански земји, а дека Македонците најмалку плаќаат ДДВ за својата држава“, при што се наведува дека инфлацијата е најниска во Македонија.
Македонија со најниски плати, но со скапа струја.
Утрински весник.

Утрински со наслов: „Македонија со најниски плати, но со скапа струја“, а Дневник забележува дека „Егејот најмногу ќарил од македонските туристи - според Грчката туристичка федерација, годинава Македонците потрошиле 550 милиони евра во Грција“.
Партиските книшки предизборно одат како алва.
Дневник.

Дневниот Капитал открива дека Тамбурковски, некогашен стечаен управник кој ограби многу наши фирми, па си замина во Бугарија, бил вплеткан во криминал со поранешниот српски премиер Цветковиќ.

Од политиката: Ден пишува дека „Помирувањето е посакувано, но сепак многу болно“, во врска со министерот Бесими и оддавањето почит на загинатите борци на ОНА во конфликтот во 2001 година.

Утрински насловува: „Рано е за салутирање на УЧК - Слупчане покажа дека и покрај славењето на Рамковниот, Македонците и Албанците остануваат два паралелни света“.

Вечер и Дневник објавуваат дека претседателот Иванов бара истрага за настанот во Слупчане. Вечер го објавува соопштението од Владата дека за неа, овој настан имал третман на приватен, затоа што таа не испратила делегација во Слупчане.

И како за крај, за една наша вообичаена работа: Дневник објавува дека „Партиските книшки предизборно одат како алва“ - многумина невработени, а високообразовани млади луѓе се мислат од која партија да земат книшка - за да се вработат, иако никогаш досега не биле партиски ориентирани.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG