Достапни линкови

Подем на крајната десница во Европа


Припадник на „Златна зора“ со знамето и логото на партијата

Припадник на „Златна зора“ со знамето и логото на партијата

Грчката „Златна зора“ е најуспешната крајно десничарска партија во Европа досега. Има 18 пратеници во парламентот, но се соочува и со обвинувања дека стои зад повеќето расистички напади во земјата. Подемот на овие партии во земјите на Европската унија, според некои оценки, не е поттикнат само од од економските проблеми.

„Купуваме храна произведна во Грција и им ја даваме само на грци“ вели Илијас Касидијарис, портпарол на „Златна зора“, покажувајќи на редицата стотици луѓе, главно постари, чекајќи храна на плоштадот Синтагма во Атина. Пред нив жени и мажи облечени во црни маички им ги проверуваат личните карти пред да им дадат пластично ќесе со овошје, зелечук и макарони.

„Златна зора“ е најуспешната крајно десничарска партија во Европа досега. Доби скоро 7 насто од гласовите и 18 места во парламентот.

Основачот на партијата Никос Михалолиакос инсистира дека не станува збор за неонацистичка група и покрај тоа што нејзиниот официјален симбол личи на свастика, а членовите поздравуваат со карактерситичниот наци поздрав, високо крената десна рака.

Во оние што гласаат за „Златна зора“ има многу полицајци, незадоволни млади грци и постари лица кои живеат во области со висок криминал.

Партијата доби доверба, благодарение на давањето храна и други социјални акции, но очигледниот нејзин расизам, антисемитизам и вкус на насилство вознемирува многу Грци.

„Оваа партија има силен хулигански елемент и врски со криминалното подземје“ вели за весникот „Економист“, градоначалникот на Солун Јанис Бутарис кој беше критикуван од Златна зора затоа што ја поддржа првата геј парада во тој град.

Со економските тешкотии и мерките за штедење во еврозоната се објаснува подемот на антиимигрантската крајна десница во Грција, но и во Холандија, Унгарија, Финска и во другите членки на Европската унија.

Но, Метју Гудвин, експерт во оваа сфера од Универзитетот Нотингем не се согласува: „Обична фраза е дека гласаме за нацистите, бидејќи Европа е во рецесија“, вели тој додавајќи дека тука повеќе станува збор за загриженоста за националната култура, идентитотот и начинот на живеење, отколку за материјалните проблеми.

Потенцијалот за ксенофобична партија егзистира во секоја европска држава без оглед дали таа е богата и со висок кредитен рејтинг како Холандија, или е на работ на банкрот како Грција.
Обична фраза е дека гласаме за нацистите, бидејќи Европа е во рецесија. Тука повеќе станува збор за загриженоста за националната култура, идентитотот и начинот на живеење, отколку за материјалните проблеми.


„Доволно е некоја неодговорна партија да се закачи на таквите чувства“, наведува Гудвин.

„Националниот фронт“ во Франција и „Слободарската партија“ во Холандија беа особени вешти во искористувањето на латентните чувства на незадоволство против имигрантите.

Главните партии пак, не се во состојба да ги убедат обичните гласачи дека го разбираат нивното страхување од глобализацијата, како и недовербата во елитите.

„Слободарската партија“, користејќи антиисламска платформа за само пет години од нејзиното постоење стана трета по големина во Холандија. Нејзиниот лидер Герт Вилдерс смета дека исламот уназадува и бара забрана на Коранот.

Од друга страна тој се позиционира како бранител на правата на хомосексуалците и е верен поддржувач на Израел. Неговата партија веќе има длабоко влијание врз холандската политика.

Главните партии соочени со одлив на гласачи прифаќаат многу нејзини идеи, како например забрана на двојното државјанство. Но, Вилдерс има ахилова пета, економијата.


„Крајната десница никако не може да ја закачи економската приказна во нејзината порака“ вели Џејми Бартлет, експерт од Лондон. Тоа не може да се каже за унгарската антисемитистичка партија која пропагира државно контролирана економија, насочена против мултинационалните фирми.

Заканите по националната економија и култура исто така се главна порака и на крајнодесничарските партии во Нордијските земји, освен во Шведска каде што тие се избегнувани.

По Втората светска војна крајната десница беше табу тема во Европа. Како што сеќавањата избледнуваат, така европските крајно десничарски партии ги прифатија левичарските аспирации за блогосостојба и ги зачинија со протекционизам и национализам, пишува весникот Економист, додавајќи:

„Нивната растечка популарност сугерира дека ваквиот рецепт ќе се продава се додека другите партии не најдат начини да го смират страхувањето кај гласачите за нивната култура, идентитет и европски начин на живот.“
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG