Достапни линкови

Ваши коментари - економска стабилност само преку пи-ар


Прилозите посветени на економската состојба и советите за нејзино подобрување, најкоментирани на нашата интернет страница.

Владата ја сфати моќта на рекламите и сега ние ја примаме економската стабилност само преку пи-арот, а не практично, вели еден бизнисмен во нашата анализа со наслов: „Под влијание на рекламите не ја забележуваме кризата“.
Владата може многу да стори. Треба да преземе мерки против ЕВН и Топлификација и да стави крај на монополското однесување, а дали оваа Влада мисли на народот може да покаже сега. Вака, очигледно има корист од двете фирми, па си молчи.

Повеќето коментари се забелешки на цитираниот бизнисмен Темелковски и воопшто на, според Владо од Скопје, „таканаречени стручњаци, стопанственици и аналитичари кои субјективно и од учебници давале мислења“, па препорачува да се прочитале извештаите на меѓународниот фактор и дека и опозицијата преку своите гласноговорници ја дезинформирала јавноста дека економската состојба не чинела.

Повторно редовниот Миле од Охрид го обвинува нашево радио за субверзивна активност за оцрнување на Македонија само за да попуштела за името, а Александар од Пела смета дека „иселеници“- како што пишува не можеле да коментираат дека во Македонија тече мед и млеко и дека немало врска со проблемот за името кој давал совети за економската ситуација. „Белото е бело, црното е црно“, пишува Александар.

А некој потпишан со „Случаен минувач“, му забележува, пак, на Радио Слободна Европа дека само „провладини симпатизери“, како што пишува, оставале коментари па заклучува: „Значи, вие сте провладини, само што тие не знаат“.

Или сте по одмори, почитувани, или веќе сте отрпнале на катадневните покачувања на цените, па се чини малку чудно што во нашиот Хајд парк, каде што обично врие од коментари и секој може да си порача што му лежи на срце, на прашањето какви мерки треба да преземе Владата за да се намали ценовниот шок и дали има политичка волја за да реагира за нивно добро има само еден коментар, од Владо, со дестинација Скопје: „Владата може многу да стори“, коментира тој. „Треба да преземе мерки против ЕВН и Топлификација и да стави крај на монополското однесување, а дали оваа Влада мисли на народот може да покаже сега. Вака, очигледно има корист од двете фирми, па си молчи“, коментира Владо.

Дека дел од лекарската фела не е задоволна од новиот систем на плата според сработеното покажаа со неколку реакции на нивниот синдикат и некои од скопските клиники, ама во глобала, ќе чекале додека се направи анализа на исплатените плати, па да оценат дали ќе штрајкуваат. „Клати врата - примај плата, тоа помина“, гласи единствениот коментар-порака од слушател потпишан со МКД.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG