Достапни линкови

Журка за крај на Олимпијадата во Лондон


Со екстравагантна церемонија на која, заедно со британските музички легенди, се претставија повеќе од 4 илјади учесници, завршија 30 Летни Олимписки игри во Лондон. Според оценките, станува збор за една од најдобро организираните Олимпијади досега.

Групите Ху, Квин, Спајс гирлс, Тејк дет, беа само дел од музичката забава која, според организаторите, освен 80 илјади посетители и десетици илјади спортисти на Олимпискиот стадион, ја гледале и над 300 милиони луѓе во светот.

Тоа беше луда журка која води до Рио де Жаниеро.

„Ги прогласувам игрите на 30 Олимпијада за затворени и ги повикувам младите во светот по четири години да се соберат во Рио де Жаниеро за да ги прослават 31 Олимписки игри“, изјави претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Жак Рог, додавајќи:

„Ова беа среќни и славни Игри. Многу млади ќе бидат инспирирани да почнат да се занимаваат со спорт.“
Претседателот на Организациониот комитет на Олимпијадата Себастијан Коу им се заблагодари на сите кои придонесоа за незаборавните 17 денови во Лондон.

„Го запаливме огнот и го осветливме светот по трет пат во историјата и уште еднаш покажавме дека ја заслуживме таа доверба“, изјави тој.
Ова беа среќни и славни Игри. Многу млади ќе бидат инспирирани да почнат да се занимаваат со спорт.

На завршната церемонија, градоначалникот на Лондон Борис Џонсон му го предаде олимпиското знаме на неговиот колега од Рио де Жаниеро Едуард Паеш по што беше изгаснат огнот на 30 Олимпски игри.

Паеш претходно, на прес конференција изјави дека неговиот град забрзано и успешно се подготвува:

„Кога Рио де Жаниеро ја доби Олимпијадата, градот не беше во состојба да биде домаќин на таков настан. Но, сите проекти што ги ветивме сега се градат.“

Лондонските Игри, според повеќето оценки, беа многу поуспешни од она што го очекуваа и самите жители на британскиот главен град.

„Мислам дека наследството на Олимпијадата ќе трае засекогаш, бидејќи имаше позитивен ефект врз сите што дојдоа тука. Олимпијадата создаде навистина добра репутација за градот.“

„Мислам дека децата во иднина ќе бидат инспирирани да дадат се од себе, не само во спортот“, изјавуваат гордо лондончани за олимпијадата која ја посетија над 7 милиони луѓе.
Мислам дека наследството на Олимпијадата ќе трае засекогаш, бидејќи имаше позитивен ефект врз сите што дојдоа тука. Олимпијадата создаде навистина добра репутација за градот.

А, Игрите во Лондон ќе останат запаметени не само по медалите, најмногу 104, освоија Соединетите Држави по што следи Кина, туку и по 46 светски, но и лични рекорди.

Спринтерот од Јамајка Усеин Болт ги одбрани титулите од претходните игри во Пекинг, во трките на 100, 200 и на штафетата 4 пати по 100 метри.

„Се чувствувам одлично. Среќен сум што го направив она што го направив. Дојдов тука за да станам легенда и сега станав, па сум многу среќен“, рече Болт, чија победа на 200 метри генерираше 80 илјади твитови во минута.

Американскиот пливач Мајкл Фелпс пак, стана најуспешен олимпиец во историјата на Игрите. Тој во Атина, Пекинг и Лондон освои 22 медали, од кои 18 златни.

Олимпијадата во Лондон заврши, почнува онаа во Рио де Жаниеро.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG